
Иран го усвои контроверзниот закон за ограничување на интернет
Парламентот на Иран денеска усвои закон за засилување на цензурата на Интернет, по долготрајните дискусии меѓу противниците и поддржувачите во земјата каде што информациите веќе се строго контролирани.
Препорачано
Мерката беше одобрена со поддршка на 121 пратеник од вкупно 209 присутни, иако сепак мора да добие конечно зелено светло од Врховниот совет, моќното тело на Исламската Република за проверка на уставноста.
Законот, кој го иницираа тврдокорните во парламентот и беше предмет на расправа со години, предизвика жестоки критики низ целата земја, јави ДПА.
Поддржувачите велат дека легислативата е потребна со цел подобро да се надгледуваат социјалните медиуми и платформите за месинџер и да се почне со национализација на интернетот – со други зборови, создавање ирански алтернативи на популарните странски сервиси.
Критичарите стравуваат дека многу од глобалните платформи ќе бидат осакатени. Покрај тоа, според предлог-законот, сите корисници на Интернет ќе бидат регистрирани и сите апликации за VPN, кои Иранците ги користат за да ги заобиколат блокадите на Интернет, ќе бидат забранети.
Интернетот е трн во окото на исламскиот естаблишмент бидејќи ги поткопа медиумите контролирани од државата.
Владата во Техеран во последните години се обиде да воведе домашни алтернативи како што се услугите за месинџер, но на крајот плановите пропаднаа.
Според истражувањето на иранската истражувачка групација ИСПА, повеќе од 70 проценти од Иранците користат WhatsApp, но само пет проценти ја користат иранската платформа за пораки Соруш. Новиот закон може да го стави и WhatsApp на списокот на забранети апликации.