Владо Мисајловски / Фото: Министерство за одбрана

Инвестираме во одбраната и армиските капацитети за безбедна држава и сигурни граѓани, вели Мисајловски

Во следниве 10 години, односно до 2035 година инвестициите во одбраната да го достигнат нивото од 3,5% од БДП, и дополнително инвестирање од 1,5% од БДП во активности и проекти поврзани со одбраната како што се инфраструктура, кризен менаџмент, сајбер-безбедност, рече министерот.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски се обрати на состанокот на Работниот комитет за спроведување на Националната развојна стратегија 2024-2044 година, при што истакна дека изградбата на „сигурно, безбедно и отпорно општество во време на глобални предизвици е од приоритетно значење за нас.“

Мисајловски се осврна на развојот на одбранбениот систем и инвестирањето во одбраната кое овозможува интензивно опремување и модернизација на македонската Армија.

„На последниот самит на НАТО, ние – сите 32 земји членки едногласно ја донесовме одлуката која ќе значи посилна одбрана. Во следниве 10 години, односно до 2035 година инвестициите во одбраната да го достигнат нивото од 3,5% од БДП, и дополнително инвестирање од 1,5% од БДП во активности и проекти поврзани со одбраната како што се инфраструктура, кризен менаџмент, сајбер-безбедност“, рече министерот.

Тој додаде дека веќе „интензивно се работи на проекции на зголемување на буџетот на одбраната“, што значи и поголеми инвестиции во одбранбениот сектор.

Во однос на стратешките документи, министерот информираше дека во процес на донесување е Националната стратегија за безбедност, што, рече, е основа за ажурирање на останатите стратешки документи и тоа Стратегијата за одбрана и плановите за одбранбени способности.

Одбраната не е изолиран сектор, туку е еден поширок систем на општествена отпорност, подвлече министерот, и додаде дека „од особена важност е вклучувањето на сите релевантни фактори во справувањето со денешните закани, како од институциите, така и од академската заедница, приватниот сектор, невладините организации, медиумите, како и континуирано продлабочување на регионалната соработка и соработката во НАТО и ЕУ контекст.“

На работниот состанок присуствуваше и заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, претставници на UNDP, професори од државниот универзитет во Аризона, претставници на институции, локалните самоуправи, граѓанскиот и бизнис сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот