Фото: Приватна архива

Интервју со Жаре од „1на1“: Загубата на татко ми ме направи подобар родител

Наесен почнува новата, 17. по ред сезона на шоуто „1на1“ кое му го донесе прекарот на Жарко Димитриоски-Жаре, уредникот и водител на шоуто. Повеќе од една година, Жаре е посветен татко на Ника и сопруг на Ивана за која вели дека е храбра жена и среќен е што ја има. Својата маркетинг агенција тој ја нарекува второ дете, а најгорд е на пријателството со тимот со кој работи.

За првпат во „Слободен печат“, Жаре зборува за секојдневието со ќерката и сопругата, за своите животни размислувања и навики и за она што го научил животот откако како тинејџер останал без својот татко.

Вашата ќерка наполни една година летово, сега почнува „тодлер“ фазата, колку успеваш да си присутен во нејзиното растење со оглед на обврските на работа?

– Максимално што можам, секое слободно време е за неа. Еден пријател вели, и тоа е многу точно, кога созрева човек треба да избира помеѓу две од трите: работа, семејство, дружење/друштва. Кога не сум на работа, од 17 часот натаму сум со неа до спиење. Шеткање низ маало, слушање песнички, одење по ресторани, пешачење наваму-натаму. Викендите исто така неизбежно се за семејството целосно. Доста сум присутен и не би го сменил тоа за ништо.

Сите велиме дека нѐ менува родителството. Колку се смени откако стана татко и имаш ли време за некои твои стари ритуали и задоволства?

– Апсолутно менува и апсолутно дека немам време за некои стари ритуали и задоволства. Ако порано читав или слушав многу книги, за работа, за психологија, филозофија, историја, астрономија, еден куп поткасти паралелно, сега тоа се случува само некаде по 22 часот, но и тоа трае доста кратко затоа што сакаш да си легнеш за да имаш енергија за утре. Заспивам со слушалки, мислам дека не ми е најдобра навика, но само тогаш имам време да си пуштам нешто. Генерално, секој преостанат џул енергија од тоа што не е есенцијално, а тоа е главно работата, ручек-вечера со семејството, да испазариш за дома и слично, сѐ друго се троши на играње со ќеркичката и шеткање со неа.

Со ќерката Ника / Фото: Приватна архива

Каков е Жаре по дома, а каков е на седенка со пријатели, пред ТВ-камерите или на состанок со клиенти? Каде треба најмногу да отстапиш од она што си ти навистина?

– Дома се жалам на р’бетот, со пријатели се жалам дека не сум наспан, пред камери се жалам дека сум остарел, со клиенти се жалам дека не плаќаат доволно. Плачко. (се смее). Шега на страна, не знам. Животот и работата ми се доста динамични и немам многу време да глумам или да менувам карактери. Тој сум што сум секаде. Промена во односот сигурно има, но кога ја има, доаѓа како последица на ситуацијата во која си се нашол, дали е тоа некаков притисок на работа или некој стрес од нешто што се случило и слично, но се обидувам да бидам максимално свесен за овие работи и во моментот на некаква промена, да сфатам која е вистинската причина за тоа – дали сум се налутил зашто нешто се случило во моментот или зашто 15 минути пред тоа сум дошол со некаква нервоза од работа, за која не сум си дал време да ја анулирам. Разбирајќи го тоа, полесно е да ги чуваш во себе и да се „нервираш“ само за работите врз кои имаш влијание, а сите останати кои и да сакаш, не можеш да ги смениш на никаков начин, да ги оставиш да си отпловат и да ги заборавиш.

За жал, рано остана без твојот татко. Што научи од него, колку таа празнина те направи подобар и колку сега ти помага како родител?

– Комплицирано прашање е тоа. Тоа што ме научило искуството е комбинација на многу директно поврзани и неповрзани работи како неопходноста да внимаваш на себе заради љубовта кон детето, непредвидливоста и фрагилноста на животот и потребата да бидеш присутен во секој момент. Постоењето на глупавост во светот, која е нужно да се игнорира за да ги избегнеш сите оние ситни и максимално нискокалорични работи со кои се хранат душите кои обременети од суети и ега не сфаќаат што навистина е добро за нив. Мементо мори, нели легендата вели дека некој славен римски генерал делегирал слуга да оди зад него и да му шепоти одвреме-навреме „Мементо мори“, за да го потсети дека славата и животот се минливи. За 100, 200, 300 години отсега ќе си статистички податок и тоа дава страшна јаснотија во однос на тоа што е суштински важно, а што е само шум и дистракција. Верувам дека ако ништо друго, сето тоа ми помага да се трудам да сум подобар родител со секој изминат ден.

А од татко ми научив многу, но тоа нека остане за мене. Некои велат дека во многу нешта е „ископиран“ во мене, дел професионално и дел приватно.

Со сопругата Ивана / Фото: Приватна архива

Малку се знае за твојата сопруга, ќе споделиш ли нешто за неа?

– Ивана е фантастична мајка, посветена, ангажирана, грижлива, но и храбра. Јас многу повеќе се секирам дали Ника ќе падне, да не ѝ е ладно, да не сака ова или она. Веројатно е точно дека повеќе ја разгалувам. Но, таа храброст и свесност е многу позитивна работа кај неа, мајка каква што треба. Да ти даде сила, да те заштити, ама не и да те стави во ситуација да не треба да се потрудиш, да не треба да заработиш нешто, да паднеш и да научиш да станеш. Ника и јас сме среќни што ја имаме.

Оние што те знаат, знаат дека си „воркохолик“ и дека си ѝ многу посветен на работата? Што е ново во агенцијата БДГ?

– Тоа е второто дете. Постоиме веќе 15 години, во фирмата сме околу 25 вработени, во процес на селење сме во нови прекрасни простории. Ги имаме за клиенти едни од најголемите и најпознати брендови во Македонија и регионот, Косово, Велика Британија. Не е воопшто лесно, исклучително е динамично и стресно, но се заработува добро и чесно, и се трудам да ми е интересно. Римава излезе спонтано, жими сѐ!

Фото: Приватна архива

Каква нова сезона на „1на1“ нѐ очекува, на што си најгорд од претходната сезона?

– Во процес сме на работа околу новата сезона и околу она што ќе се надгради, прошири, измени итн. Ќе ме почекаш за одговор на првиов дел. (се смее) А, за тоа на што сум најгорд? Искрено најгорд сум на тимот, не само во минатата сезона. Ти знаеш, и си била на снимања и си пријател со многумина од тој тим. Тоа е тим кој работи десетина и повеќе години непроменето, кој се познава меѓусебе предобро. Фактот што тој тим е задржан со толку силна кохезија, што има толкава меѓусебна почит, разбирање и вистинска другарска љубов меѓу секој од нас, тоа е она на што сум најгорд затоа што сум свесен за уникатноста на таквото нешто во Македонија и на нашиов пазар.

Што мислиш, зошто „1на1“ трае толку долго и те држи ли уште истиот ентузијазам од времето кога почна како многу помлад?

– Веројатно затоа што „1на1“ не е мода, повеќе е традиција која секогаш имала и ќе има публика. Никогаш не сме се конформирале со тоа што било актуелно во моментот, па да „јавнеме“ некој тренд, да се трудиме да сме нешто што не сме за да се допаднеме со она што е популарно во моментот, да правиме нешто само затоа што светот или публиката „така наложуваат“. Како што е случај и со одредени музичари, со тек на времето си го наоѓаш твојот личен печат, твојот жанр, го доближуваш ТВ-лицето до твоето приватно лице и си она што си и кога камерите се гаснат. Публика за тоа, како што кажав, ќе има секогаш. Секогаш ќе сакаат луѓето да погледнат добро подготвено, професионално и длабоко интервју, лично видување на нештата и силно знаење од општа култура, внимавање на бон-тон и некакви основни вредности и ниво на изразување. „Ѕвезди“ и актуелни фаци можат да видат насекаде…

Која твоја особина ја сметаш за најголем квалитет, и што е она што би го сменил кај себеси да можеш?

– Не би менувал ништо, но тоа не значи дека сè од минатото би направил исто. Mислам дека природно е човек да мисли, резонира и да прави нешто адекватно на тоа каде е во моментот, искуствено и еволутивно, пред сѐ. Не е ни добро 20-годишник да мисли како 40-годишник или 60-годишник да мисли како тинејџер. Напротив, катастрофално е. Да не се „каеш“ за ништо значи дека не согледуваш никаква еволуција кај себе, таму кај што си бил тогаш е истото место каде што си и сега.

А најголем квалитет? Не знам навистина кој е мој најголем квалитет. Квалитетни саганаки ракчиња правам и бургери, кој пробал – знае!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот