
Интервју со Ванче Шиков: Здравјето нека нè послужи, бескорисно ќе биде да се вратиме на тренинг, а првенството да не продолжи!
– За натпреварот со Косово мислам дека мора да се најде термин кога ќе може да се одигра со публика – вели искусниот дефанзивец на Тиквеш, Шиков.
Веб порталот на „Слободен печат“ направи ексклузивно интервју со играчот на второлигашкиот фудбалски клуб Тиквеш, Ванче Шиков (34).
Препорачано
Искусниот одбранбен играч исто така внимателно ја следи ситуацијата во која се наоѓа фудбалот, воопшто спортот, и моментниот прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020.
Своевремено ги бранеше боите на нашата најдобра репрезентација, говореше околу нејзините шанси за пласман на следното ЕП, за верната навивачка група „Лозари“, за иднината на кавадаречкиот фудбал, многу повеќе во продолжение..
Како вие ја одржувате формата во овој период, со оглед на тоа што и натаму нема точни информации за можно продолжување на шампионатот во Втората лига – Исток?
– Значи, да се одржува формата индивидуално е многу тешко за секој фудбалер. Сите знаеме дека не е исто кога работиш екипно и кога трчаш сам. Плус голема пречка ти претставува самото тоа што не знаеш дали ќе продолжи лигата, веќе два месеци тренираме сами и верувам дека на секој фудбалер му е преку глава трчањето и сите со нетрпение очекуваат да се донесе конечна одлука.
Верувате ли дека после оваа принудна пауза тоа ќе се одрази врз играчите, кондициски, а воедно се предвидуваат, ризикуваат многу повреди според експертите?
– Ова е долга пауза во секоја смисла на спортот. Сигурно дека ќе се одрази на кондиционен план, а со самото тоа како што се пишува дека доколку се продолжи, ќе треба да се игра среда-сабота, ќе следуваат и многу повреди. И уште еден фактор што не ни оди во прилог се временските услови кои во период на јуни и јули се пеколни температурите, а и сами знаете дека кај нас прволигашите немаат професионални услови за опоравување, а да не зборуваме за втората лига.
До прекинот на сезоната колку сте задоволни од вашите настапи за фудбалскиот клуб Тиквеш во шампионатот?
– До прекинот на сезоната Тиквеш не беше на посакуваната позиција, но мислам дека доколку продолжеше сезоната ќе бевме во борба за тие две места сигурно. Почнавме добро, па следуваше еден пад на екипата каде што конкурентите малку ни избегаа, но тоа е фудбалот.
Од ваш аспект како го гледате развојот на кавадаречкиот фудбал, има ли таленти на кои може да се смета во иднина?
– Кавадарци од секогаш имал таленти, но мораме да бидеме реални дека клубот Тиквеш до пред четири-пет години беше во тешка состојба, со самото тоа и младинските категории беа скоро и уништени. Во моментот ситуацијата со младите категории е стабилизирана и се работи добро, но за да излезе некој талент на прав пат, треба уште многу работа. На последните подготовки имавме три-четири деца по 15-16 години од младинскиот погон каде што сакаме полека да ги вклучиме и самите тие да добијат повеќе стимул и за работа.
Се најавуваат враќање на спортските тренинзи на отворено, и следната недела тренинзи за колективните спортови, но и натаму не се знае статусот со навивачите, кои што исто така се важна алка во остварувањето на добар резултат, еден ваш коментар за навивачката група „Лозари“?
-Тоа што го видов денеска, дека е најавено враќање на терените, но ние како клуб за да се вратиме на терените, мора да знаеме дали ќе продолжи сезоната, бидејќи бескорисно ќе биде да се вратиме на тренинг, а првенството да не продолжи. Затоа мислам дека ФФМ мора да се изјасни до понеделник, што ќе биде за да знаат и самите екипи што да прават. За фудбалот без публика сигурно дека нема смисла, ние како клуб ја имаме таа среќа да ги имаме нашите навивачи „ЛОЗАРИ“ кои што нè следат секаде и сигурно дека тоа е еден голем плус за екипата. Тие се секогаш со нас и во победи и во порази и лично би посакал секоја екипа да има такви навивачи, затоа што сите знаеме дека фудбалот се игра за публика.
Бевте дел од најдобрата репрезентација, УЕФА овој месец треба да донесе одлука за полуфиналниот дуел против Косово кој е двапати одложен. И натаму има Македонија шанси да се најде на следното ЕП, кое е вашето размислување?
– Оваа ситуација донесе да се одложи фудбалот во цел свет. За натпреварот со Косово мислам дека мора да се најде термин кога ќе може да се одигра со публика. Сигурно тоа ќе биде спектакл. Шансите за Македонија да се најде на ЕП се големи, тоа го покажаа игрите и резултатите на последните квалификации. Имаме супер добра репрезентација, и само да ги послужи здравје сите репрезентативци пред тие дуели, мислам дека ќе поминеме и конечно ќе ја видиме Македонија тоа толку посакувано Европско.

Верувате ли дека „рецепт за успех“ е тој спој на младост и искуство, од Пандев како лидер до перспективните Елмас, Николов, Барди..?
– Па, сигурно да имаш еден лидер во името на еден ГОРАН ПАНДЕВ во репрезентација е богатство. Самото негово присуство придонесува сите играчи да се чувствуваат многу посигурно на теренот. Покрај Гочето, кој што и со самите игри е лидер на оваа репрезентација сигурно дека таа златна генерација плус останатите како Ристовски, Спировски, Тричковски, Несторовски и сите други се одлично вклопени во овој тим и мислам дека сега е таа шанса за ЕП. Се покажа како добар рецептот младост и искуство, стигнаа два чекори до целта, сега останува уште само целата нација, да застанеме зад нив, да им ја дадеме поддршката и на крај сите заедно да се радуваме.
Што би им препорачале на помладите кои сакаат да се занимаваат со спорт?
-Прво, спортот е добар за здравје, би им препорачал на сите млади да се занимаваат со спорт и да ги одбегнат тие лоши пороци.