Интервју со Тони Гламчевски: Етнографските филмови пренесуваат важни пораки

Долгогодишниот дописник на повеќе македонски медиуми од Франција Тони Гламчевски, покрај професионалното занимавање со новинарство, преводи и толкување, ни ја открива и својата посветеност на филмската уметност.

Почетокот на годинашните „Илинденски денови“ во Битола од 18 до 23 јули беше во знакот на првиот Интернационален етнографски филмски фестивал. Во организација на Центарот за култура, селектор на филмската програма беше Тони Гламчевски, кој на македонската јавност повеќе ѝ е познат како новинар со своите јавувања од Франција во медиумите.

Со новиот фестивал ги откриваме неговите афинитети кон филмската уметност, етнографските филмови и работата на познатиот фестивал во Нанси, Франција.

Со каква цел и мисија е востановен новиот филмски фестивал?

– Мисијата на новиот Интернационален етнографски филмски фестивал – „Илинденски денови“ е да ги охрабрува истражувачките и создавачки пристапи во етнографските филмови, да ја едуцира публиката за богатството и разновидноста на локалните културни традиции, но и да го буди гласот на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од недоволната грижа за културното наследство. Фестивалот треба да послужи и како патоказ на нашите сегашни и идни етнолози и кинематографери како треба да се развиваат и кој е денешниот момент на развој на етнографскиот филм. Односно, да поттикне создавање нови филмови од оваа област со високи филмски квалитети, по примерот на македонските играни и документарни филмови кои последниве години ги освојуваат филмските простори и љубители на филмот ширум светот.

Во Македонија се снимени повеќе прекрасни документарни етнографски филмови, но најголемиот број од нив се направени за потребите на телевизиите, пред сѐ домашните, и многу ретко го наоѓаат патот и местото на меѓународната сцена.

Истовремено македонскиот изворен фолклор, традиции и обичаи, полека исчезнуваат, иако се негувани од ентузијасти, тие се забораваат или не сакајќи се менуваат. Со нивното врежување на „филмската лента“ ќе останат неизбришлива трага за идните генерации, нешто како што тоа го направија браќата Манаки – првите сниматели во Македонија и на Балканот, кои ни оставија во наследство непроценливи сведоштва од секојдневниот живот и големите настани од нивно време. Тие, всушност, ги направија првите етнографски документарни филмови. Природно беше што Фестивалот „Илинденски денови“, кој се издигна на меѓународно ниво, во својата богата програма го вклучи и фестивалот на етно-филмови.

Тони Гламчевски беше селектор на првиот Интернационален етнографски филмски фестивал во Битола

Организатор на фестивалот е Центарот за култура, а вие сте селектор на филмската програма. На кои критериуми беше базирана селекцијата на етнографските филмови и колку остварувања беа прикажани?

– Покрај високиот кинематографски квалитет на филмовите, во изборот се водевме од нивниот капацитет да пренесат важни пораки, што ја оправдува нивната селекција. Мислам дека нашата програма успеа да ја привлече и да ја изненади публиката на фестивалот, затоа што ова беа силни филмови, кои можат да изненадат, вознемират, разнежнат, израдуваат, да предизвикаат размислување, да го изменат нашиот поглед, да не спротивстават.

За првото издание на Етнографскиот филмски фестивал избравме шест долгометражни и пет краткометражни документарни филмови, кои го одразуваат погледот на режисерите на нивните протагонисти во односот кон средината во која живеат, нивната желба и упорност да ја зачуваат исконската традиција, обичаи, верувања, песни, музика со пренесување од колено на колено, опасно загрозени од современиот начин на живеење, кој допира и во најдлабоката џунгла, тундра, планина или степа. Потоа, создавањето нови обичаи и верувања. Сите опфатени од уметничката страст на уметниците, кои ја следат потребата да остават неизбришливи траги со нивните камери. Сето ова во духот на Жан Руш – францускиот режисер и етнолог и неговата практика на директната кинематографија.

Новиот фестивал на етнографски филмови има за цел да ги охрабрува истражувачките и создавачки пристапи, како и да ја едуцира публиката за богатството и разновидноста на локалните културни традиции

Со каква тематика беа филмовите и што ја прави разликата помеѓу етнографските филмови и креативната документаристика?

– Тематиката беше многу различна. Започнувајќи од искусниот фински документарист Марку Лемускалио со неговиот филм за животот на номадскиот народ Ненетите во филмот „Како ирвас под небесниот свод“, кој е регулиран со промените на годишните времиња, но уште повеќе од самото стадо. Етнографскиот материјал тука служи како матрица за експериментална кинематографија исполнета со живописни знаци и референци за митолошка позадина што претставува богат внатрешен свет во суровата вселена.

Преку „Тајната на Лагуните – Фрагменти од Андите“ на Атахуалпа Личи, прекрасен документарен филм што нè води во безвременскиот свет на венецуелските Анди. Таму, изгубени во планините со обилна вегетација, се гнездат оддалечените села, каде што сè уште не пристигнале ниту интернет, ниту телевизијата.

Сé до „Водите на Пастаза“ на младата Инес Т. Алвес, посветен на група домородни Ачуарски, деца што се движат самостојно низ бескрајното зеленило на џунглата. По текот на реката Пастаза, на границата меѓу Еквадор и Перу, тие ловат риба, ловат и готват, си играат со лијани и гледаат видеа на нивните паметни телефони. Режисерката Инес Т. Алвес со почит го следи секојдневието на овој млад колектив, кој живее во длабока поврзаност еден со друг и со околината.

Пренесувањето на музичката традиција во Мексико, исчезнувањето на руската христијанска заедницата на Молоканите во Азербејџан. Или пак, „борбата“ на Креолите на островот Реунион за зачувување на последната маалска продавница сè до „Големата литанија“, посветен на кулистите на Тур де Франс и страстните гледачи на велосипедската трка. Тоа се етнографски филмови, етнофикција – поджанр на документарните филмови и своевидна визуелна антропологија.

Заедно со сопруга Бландин Брунхес-Гламчевски се уметнички директори и селектори на филмскиот фестивал во Нанси / Фотографија: Матјо Куњо

Колку искуствата со организирањето на филмскиот фестивал во Нанси, Франција, ви помогнаа во селекцијата за првото издание на фестивалот во Битола?

– Многу, заедно со мојата сопруга Бландин Брунхес-Гламчевски, која е директорка на фестивалот веќе десет години, сме „генерални делегати“, односно „уметнички директори“ и селектори. Во 2013 година, покрај другите селекции, а ги има 16, воведовме натпреварувачка селекција на европски документарни филмови, која последниве години ги надмина границите на Европа.

Меѓународниот филмски фестивал во Нанси денес се наоѓа меѓу првите десет фестивали во Франција според квалитетот на селекцијата на документарни филмови. Просечно за селекцијата на 10 до 12 документарни филмови гледаме меѓу 250 до 400, значи селекцијата е строга со ставање во прв план на кинематографските квалитети на филмот и темата што ја обработува – човековите права во пошироката смисла на зборот. Тоа ни овозможи да воспоставиме директни контакти со режисерите, продуцентите и дистрибутерите, што ја олесни селекцијата за ИЕФФ „Илинденски денови“.

Со Центарот за култура во Битола веќе соработувавме во 2019 година, кога гостувавме со селекција на краткометражни филмови наменети за детска публика на нашиот фестивал „Мала школа на краткиот филм“, чие второ издание во Битола и во Северна Македонија би требало да се реализира оваа есен. Оттука и довербата што ни ја пружи Центарот и неговата директорка Маја Андоновска Илијевски и програмскиот селектор на „Илинденски денови“ Валентин Соклевски.

Патем, јас бев водител на програмата на шест изданија „Илинденски денови“ на крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години и редовно ги претставував ревиите на КУД „Илинден“ и другите културни манифестации во Битола.

Меѓународниот филмски фестивал во Нанси се наоѓа меѓу првите десет фестивали во Франција според квалитетот на селекцијата на документарни филмови

Од каков формат е филмскиот фестивал во Нанси и која филмска продукција е во неговиот фокус?

– Со посетеност од повеќе од 10.000 гледачи, Меѓународниот филмски фестивал во Нанси – поранешен филмски фестивал „Ај-Ај“, потоа Меѓународен филмски фестивал во Нанси-Лорен – е признат филмски настан во Нанси и во Источна Франција. Роден во 1994 година со поттик на студенти по филм од Европскиот институт за филм и аудиовизуелна уметност (IECA) во Нанси со создавањето на здружението „Aye Aye V.O.“, фестивалот постепено се прошируваше и се професионализираше, останувајќи длабоко верен на своите вредности: да понуди на крајот на летото еден поинаков, квалитетен, оригинален момент на кинематографија, во откривање, задоволство и споделување.

Фестивалскиот тим веќе 28 години се труди да им понуди на жителите на Нанси и жителите на регионот Гранд Ест филмови „од други места и поинакви“, во оригинална верзија која ги укинува границите и предрасудите. Чувствителен на прашањето за човековите права, МФФ Нанси е посветен и на тој начин нуди кинематографски уреднички избор за одбрана на различностите, секогаш во корист на квалитетот, со филмови кои се посветени, смешни, трогателни, изненадувачки, понекогаш вознемирувачки.

Секоја година, фестивалот се одржува на различни места во главниот град на Војводите од Лорен. Фестивалот трае 10 дена, со избор на повеќе од 150 филмови селектиран од околу 3.000 што конкурираат секоја година, во 16 селекции, од сите жанрови: краткометражни (приближно 110 до 120 филмови) и долгометражни (околу 30 до 40) распослани на стотина проекции, кои дозволуваат да се сподели еден поинаков, оригинален и пријатен момент на кинематографијата, и да се излезе од гранците на Франција преку филмови кои тешко доаѓаат на редовниот репертоар на киносалите.

Фестивалот во Нанси трае 10 дена, со избор на повеќе од 150 филмови распослани на стотина проекции

Каква е вашата поврзаност со фестивалот во Нанси и практично, колку години сте дел од фестивалската организација?

– Во фестивалот се вклучив случајно, кога во 2007 година направив репортажа за Радио Дојче веле, која беше преземена од „Куриер интернасионал“. Тогаш бев контактиран од екипата на фестивалот и на еден начин станав советник-соработник за филмовите кои доаѓаат од Источна и Централна Европа. Во 2010 година станав член на Управниот одбор на здружението-фестивал и во јануари 2013 бев избран за претседател и истовремено генерален делегат (главен селектор) на фестивалот. Истата година фестивалот се преименува во Меѓународен филмски фестивал – Нанси.

Од 2013 година фестивалот двојно ја зголеми својата програма, доби на тежина и професионализација. Со оглед дека сме здружение на граѓани, јас сум избиран за претседател секоја година и веќе го предводам најдолго време. Се обидувам секоја година во програмата да ставам македонски филм или македонска копродукција, не дека сум од Македонија, туку поради нивниот квалитет и вештините на македонските филмски екипи.

На фестивалот во Нанси, покрај филмските проекции, значајни сегменти се едукацијата и волонтерската работа. Колку нивоа има во организацијата на фестивалот?

– Самиот фестивал е основан како здружение на граѓани, отворено за сите. Ние велиме дека фестивалот е правен од жителите на Нанси за жителите на Нанси. Околу 60-ина активни членови, сите волонтери во селекцијата на филмовите (секој филм е виден од најмалку три лица и нивниот координатор), сѐ до организацијата и самото одржување на фестивалот се вклучени повеќе од 100 волонтери. Единствено во техничката реализација се вклучени професионални техничари. Затоа фестивалот ѝ е близок на публиката во Нанси, каде што опстојуваат 40 киносали, од кои 8 се со лабелот „Арт и Есеј“.

Силно приврзан со образованието и воспитувањето преку филм, ние имаме воспитно-образовен центар. Повеќе од 20 години, преку „Малата школа на краткиот филм“, фестивалот има за цел сите да ги запознае со светот на кинематографијата, како младата публика, така и возрасните. Ја игра улогата на уметнички и културен посредник нудејќи ѝ на младата публика длабинска работа околу сликата и звукот во текот на целата година, особено благодарение на едукативните работилници. Сегментот „Малата школа на краткиот филм“ е еден од инструментите. Се спроведуваат и други едукативни акции во слика и звук наменети за пошироката јавност.

Се сеќавате ли на вашите први чекори во новинарството?

– Тоа беше во осумдесеттите години, мислам 1981-82 во Младинската емисија на Радио Битола, која прерасна во Младинско радио, прво јавување за активностите на извидничкиот одред „Кочо Рацин“, потоа репортажи за пазарот, спортот, младите. Со првите текстови во „Битолски весник“, кој за среќа опстојува, за разлика од Радио Битола. Првите јавувања за Радио Скопје беа кога го придружував КУД „Илинден“ на европската турнеја во 1988, а моето прво јавување на Македонското радио како дописник од Франција беше во декември 1990 година, со прилог посветен на Првата заливска војна.

Каде се случи вашиот прв контакт, како сеќавање, со филмската уметност?

– Во моето родно село Буково, каде имаше редовни кино проекции од крајот на педесеттите години. Се сеќавам и на филмот „Македонска крвава свадба“. Стариот апарат сѐ уште стои во „Домот во Буково“. Се сеќавам како ѕиркавме со другарите низ дупките на дрвената врата за да ги видиме филмовите кои не ни беа дозволени, нешто како во филмот „Синема Парадизо“. А по затворањето на нашиот „биоскоп“ се сеќавам како одевме во трите киносали во Битола („Трудбеник“, „Македонија“ и „Партизан“). За среќа, Битола денес повторно има две киносали.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 139, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 јули – 2 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!