Фото: Profimedia

Интервју со Стефан Здравковиќ – Принц, српскиот евровизиски претставник: Би сакал Даниел Кајмакоски пак да оди на Евровизија

Српскиот евровизиски претставник Принцот од Врање трета година по ред доаѓа на фестивалот „Охрид фест“. Годинава тој беше ревијален гостин и ја испеа песната „Мила“, со која во мај настапи на Изборот за песна на Евровизија во Базел, Швајцарија, но не успеа да влезе во финалето, за првпат по 2017 година. Стефан Здравковиќ, познат како Принц, е по потекло од Врање и вели дека Македонија му е поблиска уште повеќе поради тоа што често доаѓал кога живеел во Врање и има доста пријатели од Куманово.

По Вашето учество на Евровизија, вреди ли како искуство, како напор и како влог?

– Апсолутно, тоа е најголемата награда за еден музичар на овие простори. Како што во фудбалот е Светското првенство, тоа за музичарите е Евровизија. И многу врати се отворија, се отвораат нови пазари. Наскоро ќе одам во Казахстан, Кина, Италија, Англија. Веднаш по Евровизија бевме во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, еве нѐ сега во Македонија за да го промовираме новиот албум. Подготвуваме нешто убаво, на средината на декември подготвуваме концерт во Белград, работиме на вториот албум, така што имаме полни раце работа.

Со оглед на што Србија годинава не влезе во финалето на Евровизија, а има одлична историја, отидовте ли во Базел со очекувања за добар пласман?

– За жал, Македонија и годинава не учествуваше, но јас сум многу близок пријател со Даниел Кајмакоски и навистина би сакал тој повторно да ја претставува Македонија. А, јас кога победив на српскиот избор и кога дознав дека ќе одам на Евровизија, мојот сон тука се оствари. Понатаму, јас за пласманот не можам многу да направам ниту да влијаам. Резултатот е работа на многу фактори, и од година в година тука не можат музичарите многу да сторат. Така што, јас сум презадоволен што ја имав таа одговорност да пеам на Евровизија. Горд сум на тој настап и мислам дека достоинствено ја претставив Србија и којзнае, можеби некогаш повторно ќе одиме.

Фото: Ramon van Flymen / AFP / Profimedia

Како Ви се гледа Охрид од година в година, има ли разлика од лани до сега?

– Преубаво, јас овде со друштво бев на одмор во 2010 година и оттогаш доаѓам кога и да можам. За мене е ова свето место и мислам дека Охрид има една ретка енергија како ниту еден друг град во Европа и секогаш ми е сѐ поубаво. Еве, сега можам со авион да дојдам директно од Белград кога ќе посакам, и ќе доаѓам кога и да можам.

Што правите кога ништо не правите, што е она што не го знаеме за Вас надвор од музиката?

– Готвам, играм „Сони“, главно сум „гејмер“, имам две мачки, сакам да го поминувам времето во мир, со пријатели. Но, главно готвењето и играњето игри се мојата пасија.

Фото: Bruno Press/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Колку имате време да одите до Врање, Вашиот роден град?

– Во Врање одам секогаш кога имам време. Тоа е мојот роден град, најповрзан сум со него. Сега пред Охрид поминавме во Врање. Живеам во Белград поради работата, а сега не е баш ни блиску.

На Македонците им хит одењето во Врање на ручек или на шопинг. Среќавате ли луѓе од Македонија кога сте таму?

– Како да не, особено кумановци, имам доста пријатели од Куманово. Кога би почнал да зборувам на врањански, веднаш подобро би се разбрале, слично како кумановски (се смее). И мило ми е што толку Македонци доаѓаат во мојот град.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот