Фото: Царинска управа

Интервју со Стефан Богоев, директор на Царинска управа: Сузбивање на корупцијата е еден од нашите најголеми приоритети

Aко некој наместо да плати царински давачки, потплати и помине со помалку, ова значи помал прилив во Буџетот. Тоа за мене е недозволиво. Затоа што тоа значи помалку пари за инфраструктура, здравство или за образование. Со сузбивање на корупцијата, ние практично обезбедуваме пари за изградба на болници, училишта и автопатишта. Истовремено, се бориме со нелегалната трговија, овозможуваме фер конкуренција и подобрување на условите за водење бизнис.

Запленетите обврзници се од офшор дестинација, a компанијата што ги издала обврзниците порано била дел од кривични дела. Индикативна е и банката што ги издала обврзниците, се дел од фактите што во интервју за „Слободен печат“ ги откри директорот на Царинската управа Стефан Богоев. Тој рече дека Царината работи на повеќе проекти со цел сузбивање на корупцијата, а со Словенија се работи за унапредување на експертизата за водење финансиски истраги и зајакнување на капацитетите на царинските службеници.
Првиот цариник потенцираше и дека се направени и повеќе промени во секторите што се клучни во борбата со шверцот, недозволена трговија, корупцијата и криминалот – во Секторот за контрола и истраги и популарно познатата Мобилна царина, каде што очекувам подобри резултати од досегашните.

 Информацијата за запленетите обврзници, и покрај Вашите одговори, сè уште остави многу отворени прашања во јавноста. Иако, како што велите, сè уште се води истрага, може ли со нас да споделите некои информации, па макар и без доволно прецизирање. Како, на пример, кој е издавач на обврзницата: банка, фирма, држава? Од каде е издавачот? Дали обврзницата е на име или на доносител? Кога и е рокот на доспевање? Дали се предадени обврзниците во Агенцијата за управување со одземен имот? Каде е сега лицето што го фативте со обврзниците?

– Во тек е финансиска истрага во која се вклучени сите релевантни институции на домашно и на меѓународно ниво, сè со цел докажување дали турскиот државјанин што спротивно на закон сакаше да ги пренесе обврзниците без да ги пријави кај царинските служби, сакал да ги искористи за евентуална измама или, пак, заради цели за перење пари. По пријава на Царинската управа, Основниот суд Скопје донесе пресуда со која го казни турскиот државјанин, како и ги одзеде обврзниците.
Притоа информираме дека сопственикот на обврзниците, патникот што ги носеше, лицето што го чекаше тука, државата каде што е регистрирана фирмата што ги издала обврзниците како и нејзината историја, но и банката што стои зад издавањето и нејзината историја, беа прилично индикативни за да започнеме посериозна финансиска истрага со други институции. Дополнително, обврзниците се издадени од држава која е офшор дестинација, a компанијата што ги издала обврзниците порано била дел од кривични дела.
Токму поради овие факти, соработката со меѓународните партнери е од големо значење. Во изминатиот период и од турска страна и во рамките на СЕЛЕК и во рамките на ИНТЕРПОЛ се изрази огромен интерес за овој предмет.
Ние како Царинска управа сме должни да ги заштитиме граѓаните и да спречиме можни кривични дела.
Во однос на другите информации, нив ќе ги споделиме со јавноста по завршување на истрагата.

 Колку Царината се справува во корупција во своите редови, со оглед на тоа што таа е една од критичните точки во која било земја кога се зборува за можни коруптивни дејства?

– Сузбивање на корупцијата е еден од нашите најголеми приоритети, бидејќи негативно влијае врз финансиските интереси на државата, како и врз безбедноста на граѓаните.
Самиот факт што работиме паралелно на повеќе проекти чија цел е сузбивање на корупцијата, доволно говори за нашата посветеност во овој дел.
Работиме со експерти од Словенија за унапредување на експертизата за водење финансиски истраги и зајакнување на капацитетите на царинските службеници во обезбедување докази за кривично гонење посериозни криминални активности.
Во рамките на планираните активности се одржуваат обуки за практична примена на процедурите за водење финансиски истраги за царинските службеници и службениците од другите институции вклучени во процесот. Ова треба да резултира со натамошен напредок на истражните и на органите за водење криминал и постигнување европски стандарди и критериуми во рамките на Поглавјето 24.
Со кампањата „Стоп за корупцијата“ активно ги едуцираме граѓаните за начинот на пријавување на корупцијата преку нашата отворена линија 197, како и за штетните последици што ги има врз нашето општество.
Едноставен пример, ако некој наместо да плати царински давачки, потплати и помине со помалку, ова значи помал прилив во Буџетот. Тоа за мене е недозволиво. Затоа што тоа значи помалку пари за инфраструктура, здравство или за образование. Со сузбивање на корупцијата, ние практично обезбедуваме пари за изградба на болници, училишта и автопатишта. Истовремено, се бориме со нелегалната трговија, овозможуваме фер конкуренција и подобрување на условите за водење бизнис.
Со Трезорот на САД работиме на заеднички проект, чија цел е зачувување на финансиските интереси и стабилност на финансискиот систем преку поголема ефикасност во наплатата на приходи, подобрување на услугите и сузбивање на корупцијата.
Дополнително, проектот за воведување „паметни граници“ како и воведувањето т.н. боди камери исто така е во насока на искоренување на корупцијата од редовите на Царинската управа.
Паралелно заедно со Синдикатот работиме на План за сузбивање на корупцијата. Задоволен сум што оваа идеја дојде токму од Синдикатот и очекувам да резултира со зголемена продуктивност од вработените и сузбивање на корупцијата.

Кои се „болните точки“ во царинските процедури и како да се надминат?

– На бизнис-секторот му е важно да има едноставни, транспарентни и брзи процедури. Во моментов активно работиме на имплементација на т.н. бизнис хаб односно завршување на целиот увоз, извоз и транзит „под еден прозорец“. Новиот едношалтерски систем ќе овозможи поедноставена и целосно дигитална размена на податоци помеѓу бизнис-заедницата и царините на регионално и на глобално ниво, како основа за функционирањето на единствен пазар. Овој систем ќе им овозможи на економските оператори да доставуваат податоци на едно место, наместо да ги доставуваат податоците одделно и до царинските системи и до системи на другите надлежни органи, со што ќе се постигне целта на полесен процес на царинење. Постојните тесни грла во голема мера ќе бидат елиминирани, што ќе придонесе за намалување на времето за царинење, намалување на трошоците за компаниите и зголемена наплата на приходи.
Крајно, имплементацијата на т.н. проект „под еден прозорец“ ќе ја продлабочи економската интеграција на државата во регионот и во ЕУ.
Дополнително во рамките на проектот Oтворен Балкан на граничните премини Табановце – Прешево (со Република Србија) и Ќафасан – Ќафтане (со Република Албанија) е воспоставен „уан-стоп-шоп“.
Сите овие активности се во насока на забрзување на царинските процедури и олеснета регионална интеграција.

Неодамна се објави информацијата за кадровски преструктуирања во Царинската управа. Зошто се разрешија 7 раководители во еден ден?

– Направени се повеќе промени, станува збор за околу 15 работни позиции. Некои од позициите не беа пополнети, како, на пример, клучната царинарница Скопје, каде што сега ќе раководи досегашната помошник директорка за акцизи. Направени се и повеќе промени во секторите што се клучни во борбата со шверцот, недозволена трговија, корупцијата и криминалот – во Секторот за контрола и истраги и популарно познатата Мобилна царина, каде што очекувам подобри резултати од досегашните.
Дел од луѓето се променети бидејќи не бевме задоволни од постигнатите резултати, а дел од луѓето се поставени на други позиции бидејќи не е добро еден човек да биде на исто место подолго време. Ова не значи дека има нешто нелегално, туку делуваме превентивно. „Подобро е да спречиме отколку да лечиме“.

Дали вработените се доволно финансиски стимулирани за работата што ја работат и колкава е просечната плата на царинските инспектори?

– Просечната плата на царинските службеници е на ниво околу просечната плата во државата објавена од Државниот завод за статистика, но дали се доволно платени за ризиците што ги носи работата, според мене не. Затоа уште од првиот ден на мојата позиција како директор на Царинската управа, а тоа беше период кога вработените протестираа, ги викнав кај мене на разговор и им ветив дека условите за работа ќе се подобрат, но под услов да расте и продуктивноста. Тоа е единствената економска логика, платите да растат, да расте и продуктивноста.

 Комуникациите во Отворен Балкан ќе бидат искуство за во ЕУ

Работиме на повеќе активности што се во насока на понатамошно олеснување на регионалната трговијата и зајакнување на конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар, вели директорот Стефан Богоев. Тој објаснува дека во координација со колегите од Отворен Балкан, се работи на дополнителни олеснувања на царинските формалности, како што е примена на мерката за признавање на потврдите за вагање на товарните возила, популарни како „кантарски белешки“, помеѓу царинските управи, со што ќе се намали времето за спроведување на царинските формалности.
– Голем дел од регионалните активности што ги спроведуваме, овозможуваат блиска соработка и комуникација помеѓу администрациите на земјите од регионот, која е многу значајна за меѓусебна размена на искуства, како и за интегративните процеси и преговорите со Европската Унија – изјави Богоев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот