Фото: Приватна архива

Интервју со Снеже Велков: Повеќе ме плаши да не застарам отколку да остарам

Со авторката на емисијата „Нешто конкретно“, Снеже Велков, секогаш има за што да се разговара. Освен што секое утро станува во 6 и пол за да ја извози дневната маршрута со велосипедот на кеј на Вардар, таа долго време е инструктор по пилатес, а на Инстаграм преку своите видеа ги мотивира сите оние на кои им треба ветер в грб за да почнат да се грижат за сопственото тело.

Посебно духовита, особено за шеги на своја сметка, веган, љубител на театар и добра книга, мајка, сопруга, Снеже е секогаш спремна и за муабет и за предизвици…

И оваа сезона на „Нешто конкретно“ поминува одлично – различни гости, различни муабети. Сепак, дали има некој муабет што ти остана да го прераскажуваш?

– Секоја епизода со себе си носи посебна енергија и од секоја има што да се прераскаже. Најмногу уживам кога гостите ќе ме демантираат и кога ќе донесеме заклучок што ќе им пркоси на тезите.

Уживам кога помладите гости ќе ја покажат својата мудрост и знаење, кога ќе дадат свое видување на нештата со логично објаснување, а најмногу уживам кога на гостите по емисијата не им се оди дома туку сакаат да ни продолжи муабетот. А бескрајно ми е драго што во „Нешто конкретно“ се раѓаат пријателства што траат.

Не можев да не забележам дека доби на подарок чевли од Павле и Ирина Камилоски. Не е тајна дека љубовта им почна кај тебе во емисијата. Очекуваше ли вакво нешто и, шегата настрана, ти го погодија бројот и моделот?

– Тоа беше огромно изненадување и бескрајно сум благодарна на вниманието од нив, а на универзумот му благодарам што можев да посведочам на таква магија каква што е нивната љубов.

Почестена сум што посветиле време, што ме помислиле и што испланирале вакво нешто. Драго ми е дека постојат убави луѓе и дека ја имам привилегијата секогаш кога ќе помислам на Павле и Ирина, да ми дојде насмевка на лицето оти се убави во душата.

А за моделот и бројот, и Павле и Ирина мангупски изиграле и се распрашале кај вистински луѓе. Им посакувам многу љубов и хармонија.

Фото: Приватна архива

Каде на одмор по завршувањето на сезоната? И што е за тебе идеален одмор?

– Идеалниот одмор за мене би бил распуст. Она како од школо кога знаеш дека три месеци немаш апсолутно никакви обврски и можеш да правиш што сакаш. А, бидејќи идеалот не постои, ќе се задоволам со понудата. А, каде ќе одиме, е тоа мора да заседава Одборот на семејството Велков.

Кога сме кај одморите, почнаа ли синовите да откажуваат љубов и да сакаат да одат сами со друштво?

– Големиот, кој има 17 години, веќе нè откачува и со право. Малиот, кој има 12 години, сè уште го контролираме, ама верувам дека сме му и досадни и неинтересни. Сепак, сме се договориле дека колку и да се возрасни и да немаат време, барем една недела во текот на летото да бидеме заедно.

Дали си строга мајка? На крај на денот, како излегуваш на крај со тројца машки? Ти помагаат ли?

– Јас сум примерна и културна мајка, која по дома се дере како луда, хахаха.

По дома знам да негодувам и тоа повеќе за себе отколку за нив. Си ставам премногу обврски на грб и потоа друг ми е крив. Момците завршуваат работа, ама треба да ги потсетувам.

Инаку, не се сметам за строга туку за правична. Сакам да се знае дека секое однесување има своја последица и ако не си спремен да си ја сносиш последицата, тогаш мора да си го смениш однесувањето. Од тие родители сум што оставам практично да се уверат во нештата на своја кожа, па нека донесат суд потоа, да не биде јас така кажав, па ти види.

Фото: Приватна архива

Во март наполни 42 години. Тогаш рече „престара сум за мини“, ама гледам уште носиш. Те плашат ли годините? Што велиш за естетските корекции?

– Нема страв од нешто што е неминовно. Мене повеќе ме плаши да не застарам отколку да остарам. Застарувањето значи те прегазило времето и си изгубил на актуелност и каскаш зад промените, тоа е страшно и за плашење. Затоа се трудам да ги гледам и да сум во тек со новите музички, модни, филмски, технолошки трендови, да читам и да учам нови дигитални термини. Да не се чудам што е вештачка интелигенција или, на пример, Четџипити. А, на стареењето треба да се гледа како благослов, а не како казна. Да си се остари достоинствено и да си ги носиме годините со гордост. Многу луѓе не дочекале да остарат, за жал.

Не ме плашат годините, но естетски корекции ме плашат. Можеби сум старомодна, можеби недоволно сум се информирала, ама сенешто си мислам дека ако почнам со нешто такво, може само полошо да си направам, а не подобро.

Ќе видиме, прашај ме за 10 години да видиме до кај сум.

Имаш ли време за кино, театар, концерт? Која е последната книга што ја прочита?

– Киното не ми е некој предизвик, освен ако нема некој филм што баш сакам да го погледнам пред да излезе на ТВ-платформите, а театар обожавам. И кога сум најуморна не одбивам театарска претстава. Последната што ја гледав е „Хенгинг араунд“ во МНТ, извонредна екипа глумци.

Книгите, пак, ми се медитација и бегство во друг свет. Имам периоди кога сакам љубовни романи, а и периоди кога забегувам со стручна литература.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот