проф. д-р Славица Јанешлиева, декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје

Интервју со Славица Јанешлиева за 45-годишнината од основањето на ФЛУ: Чувар на вистинските вредности во уметноста

Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при УКИМ во Скопје на 3 април со ретроспективна изложба во МСУ ќе одбележи 45 години од своето основање, а јубилејот е директен повод за разговор со проф. д-р Славица Јанешлиева, декан на ФЛУ.

Факултетот за ликовни уметности веќе 45 години ја обликува македонската современа уметност. ФЛУ е основан на 31 март 1980 година со одлука на тогашните надлежни органи, како дел од напорите за создавање високообразовна институција посветена на уметноста. Во неговите почетоци се вградија академските сликари Петар Мазев, Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков (прв продекан), акад. вајар Петар Хаџи-Бошков (прв декан), акад. сликар и графичар Драгутин Аврамовски-Гуте. Оттогаш Факултетот е центар за креативен развој, каде што се формираат генерации уметници што оставаат значаен белег на домашната и на меѓународната сцена.

Со каков пиетет пристапивте кон одбележувањето на овој значаен јубилеј?

– Факултетот за ликовни уметности не е само високообразовна институција – туку и чувар на вистинските вредности во уметноста. Мисијата на ФЛУ е да создава креативни, етички и културно освестени професионални уметници кои ќе придонесат за развојот на општеството и уметничката сцена. Сметам дека особено сега, кога во нашето општество критериумите за вистинските вредности се на сомнително ниво, одбележувањето на јубилејот е значајно од повеќе аспекти: рефлексија, прослава на уметноста и културата, визија за иднината.

Се потсетуваме на основачите и значајните личности што имале визија, доблест и ентузијазам да го потенцираат значењето на ликовната уметност и образование. Ја величаме културата и ликовната уметност во општеството и ги одбележуваме достигнувањата на студентите, професорите и алумните на ФЛУ, негувајќи ги високите вредности, чувството на припадност и гордост.

Јубилејот е можност за нови планови, идеи и развојни стратегии. Јубилеите се повеќе од свечен настан – тие се клучни за континуитетот, влијанието и иднината на уметничките образовни институции.

Групен портрет на актуелниот колектив на ФЛУ – Скопје

Какви концепт и содржина ќе претстави ретроспективната изложба во чест на 45 години ФЛУ во Музејот на современата уметност во Скопје?

– Изложбата по повод 45-годишнината на ФЛУ ќе претстави 45 автори, односно 45 дела. Во МСУ ќе биде обединето творештвото на наставниот кадар на ФЛУ од основањето до сега, со генерациски дијапазон од речиси половина век македонска визуелна/ликовна сцена. Делата се од колекцијата на МСУ или, пак, сопственост на авторите. Ќе прикажеме и дел од документацијата за активностите и алумнито на ФЛУ, потенцирајќи значајни мигови и личности.

Возбудени и горди сме што можеме да подготвиме вака голема изложба во соработка со МСУ. Јубилејот и изложбата ќе бидат крунисани со монографско издание по повод 45-годишнината на ФЛУ.

Какво влијание има ФЛУ во развојот на ликовната уметност кај нас, воопшто, од основањето до денес?

– Го делам мислењето со основоположниците на ФЛУ дека без високообразовна институција од областа на ликовните уметности, невозможно е да егзистира, да се збогатува и развива македонската ликовна сцена. ФЛУ е 45-годишен центар за уметничка едукација, истражување и творење со значајна улога во оформувањето на генерации уметници и културни дејци. Ја негуваме обврската за почитување на културните вредности, поврзувајќи ја современата уметност со националните и глобалните традиции. Поттикнуваме почит кон автентичноста, оригиналноста и уметничкиот интегритет. Имаме одговорност да ги учиме студентите за етиката во уметноста, авторството и критичкото размислување.

Уметноста не е само естетска форма, туку комуникација и општествена критика. Ги поттикнуваме нашите студенти кон љубопитност и активно учество во културниот и општествениот живот, користејќи ја уметноста како медиум за пренесување идеи, размислувања, визии и промени.

Првата генерација професори на ФЛУ

На кој начин актуелното раководство на ФЛУ ги продолжува духот и посветеноста на претходните генерации професори на ФЛУ?

– Вистински ја сакаме, ја негуваме и ја практикуваме визуелната/ликовната уметност. Како раководство на ФЛУ не можеме да се занимаваме само со она што најмногу го сакаме и цениме, односно да твориме и да пренесуваме знаење и искуства, туку и административно посветено и напорно работиме за подобрување и осовременување на ателјеата, опремата, снабденоста со материјали за настава, дигитализацијата. Активни сме во меѓународното вмрежување, како и соработки и локално со институциите од културата и уметноста. Се обидуваме да привлечеме поддршка од заедницата и спонзори, поттикнувајќи ја општествената одговорност на компаниите.

Изложбената активност со нашите студенти е на исклучително високо ниво. Ја зголемуваме видливоста на нашите и активностите со студентите, афирмирајќи го значењето на ФЛУ во културниот и академскиот живот и придонесот во развојот на уметничката сцена. Главна цел ни е да ги инспирираме сегашните и идните студенти да продолжат со уметничката практика и да ги негуваат вредностите на институцијата. Наставниот кадар на ФЛУ е континуирано составен од исклучителни реномирани уметници, кои творечки и изложбено се активни на домашната и на меѓународната сцена и се посветени на развојот и напредокот на ФЛУ.

Имајќи предвид дека брзиот технолошки развој има влијание и во ликовните уметности, на кој начин со наставната програма ги пресретнувате новите методологии и технолошки новитети?

– ФЛУ континуирано ги подобрува студиските програми и интегрира современи уметнички и образовни практики, нудејќи можности за надоградување и совладување на новите техники, пристапи и пракси во рамки на можностите. Во ера на брзи технолошки достигнувања и менливи културни парадигми, значењето на уметничките факултети останува значајно. Сметам дека иднината зависи од приспособливоста, интердисциплинарниот пристап на Факултетот, но и од континуираната поддршка (од државата, универзитетот и од општествено одговорните компании) за квалитетни услови за уметничко образование.

Свесни сме дека развојот на дигиталните медиуми и вештачката интелигенција се дел од секојдневието и неопходно е да се инкорпорираат во наставата (виртуелна реалност, дигитална уметност, генеративна уметност) со цел достапност на новите можности и проширување на креативните дострели. Но за ова, неопходно е континуирано негување и вложување во просторните, технолошките и кадровските капацитети на Факултетот како јавна непрофитна државна институција.

На почетокот на годината до Министерството за образование и наука реагиравте на новиот Концепт за реформи во гимназиското образование. Какви забелешки упативте на предложениот Концепт?

– Ги поддржавме наставниците од областа на ликовното гимназиско образование (наши алумни) во нивните забелешки што беа конструктивни и се засноваат на практично наставно искуство, а споделуваат и искуства од регионот и од Европа. Не се согласивме со новата концепција и бараме зголемување на неделниот фонд на часови од областа на ликовното образование во сите четири години. Го потенциравме значењето на креативните практики во развојот на младите личности.

Искрено се надеваме дека МОН ќе ја разбере итноста за реафирмација на уметностите во средношколското/гимназиско образование и ќе додели заслужен неделен фонд на часови на уметностите, што ќе резултира во промоција на креативноста, културата и вистинските вредности во оформувањето на младите личности. Покрај општествено одговорниот момент, неделниот фонд на часови од областа на уметностите значи и оправданост на програмата по ликовна педагогија и грижа за нашите алумни.

Објект Педагошка академија

Како одвнатре (на ФЛУ) ги балансирате состојбите помеѓу желбите и можностите?

– Со многу ентузијазам, напорна работа и лични заложби. Имаме долгогодишен недостиг на соработнички, административен и помошен кадар. Во Министерството за финансии нема слух за овој проблем. И покрај сите писмени барања (со целата неопходна документација), барања за состаноци… сѐ е безуспешно, напорно и девалвирачки. Декан на високообразовна институција не добива термин за состанок. Скорешниве ужасно тажни случувања зборуваат за практиките што во нашите институции се навика. Системот не функционира. Одбивам да користам лични контакти за да дојдам до официјален состанок за државна високообразовна институција. За работни места за кои постојат обезбедени средства во буџетот (пензионирање) во тековна година, не добиваме согласност за вработување. На тој начин, министерството ни ги затвора работните места, кои следната година треба да ги бараме како нови, а тогаш уште потешко се добива согласност. Тоа е маѓепсан круг од кој се излегува само ако има некаков интерес, со име и презиме. Сличните институции во соседството со ист број катедри и студиски програми имаат четири пати поголем број наставен и соработнички кадар од нас. Се чудат како успеваме.

Административен кадар немаме вработено веќе 12 години. За да функционираме како институција, принудени сме хонорарно да ангажираме лица, а тоа е на товар на сопствените средства, кои треба да се наменети за унапредување на наставата, меѓународното вмрежување и осовременување на опрема и ателјеа/лаборатории.

ФЛУ е факултет со мал број студенти (поради својата специфичност), а со големи трошоци во реализација на стручната настава (ангажман на модели, набавка на материјали за работа, набавка на специфични алатки, опрема и машини). Школарината е во ист износ веќе барем 15 години. Таа не е реална. За факултетите е мала, за студентите е голема, а МОН не ги надоместува дополнителните трошоци што ги има Факултетот за набавка на материјали и опрема за настава. Наоѓаме начини да обезбедиме дополнителни средства преку проекти и спонзорства. УКИМ помага во согласност со можностите. Она што останува од скромните сопствени средства, по исплата на хонорарни ангажмани, во целост е насочено кон подобрување и осовременување на условите за настава и работа со студенти.

Објектите се застарени, имаме проблеми со простор, со електрична и одводна инсталација. Ателјеата/лабораториите потребно е да се осовременат, Факултетот е од 1980-та, а објектите се пред и по земјотресот. Имаме подготвени проекти. Континуирано аплицираме за обезбедување средства за инвестиции.

Објект Сули ан во Старата скопска чаршија

Со изложбата „Дијалог преку уметност“ остваривте соработка со професорите од Националната уметничка академија од Софија. Што беше конкретен мотив за соработката и какви други интернационални активности остварува ФЛУ?

– Конкретно за оваа соработка иницијативата потекна од НУА Софија и беше изложбена активност со тенденција да прерасне во континуирана активна соработка на повеќе полиња. Факултетот од сопствените средства не може да одвои фонд за меѓународна активност. Имаме премногу други трошоци. За таквите активности располагаме со средства од одобрени апликации за конкретни проекти.

Меѓународното вмрежување, соработка на проекти, размена на знаења и искуства е еден од приоритетите на ФЛУ. Имаме многубројни договори за соработка, но финансиски сме ограничени да бидеме само партнери, а ретко иницијатори на соработките. Оваа година одобрени ни се проекти во Министерството за култура и туризам и активно ќе соработуваме со ФЛУ Белград, НУА Софија, АЛУ Сараево, Фонтис од Холандија и УЗА од Атина. Сигурно ќе има и други… имаме многу предлози за соработки.

За жал, не е пресудна волјата за соработка, туку и финансиските можности. Добивме покана и аплициравме како партнер за Еразмус + проект под водство на Универзитет во Полска. Чекаме резултати. Активни сме во мрежите CEEPUS и COST.

ФЛУ им дава можност на студентите да ги претстават своите дела на изложби во рамки на факултетот уште за време на студирањето. Што тие изложби значат за развојот на нивната понатамошна уметничка кариера?

– Изложбените активности со студентите се дел од наставниот процес. Тоа е нужно искуство за понатамошна професионална уметничка кариера кое ги соочува студентите со работа на тема, со третманот на просторот, со осмислување на концепт на поставување, со совладување организациски способности. Ги оспособува за тимска работа и соочува со контакти со медиуми и јавност. Тие се почеток на нивното уметничко портфолио.

Покрај напоменатото, изложбите се и индивидуална компарација, натпревар на достигнувања, развивање на објективност, на критичка мисла и можности за дебата. Меѓународните изложбени активности со нашите студенти се, секако, можност за нивно меѓународно вмрежување.

Часови по цртање на ФЛУ

Каков е интересот на студентите за вклучување во дополнителни активности на Факултетот, како работилници и мултимедијални проекти?

– Одличен. Работилниците и проектите нудат интензивна, концентрирана и во краток временски интервал нова содржина. Ова соодветствува со начинот на кој функционираат младите генерации, кои ретко имаат трпение за долги наставни процеси. Секоја година имаме неколку уметничко-научноистражувачки проекти, кои резултираат со изложбена активност и публикација. Имаме гостувачки предавања што значат многу и за студентите и за институцијата. Оваа година ја имавме работилницата од областа на конзервација и реставрација во соработка со УЗА од Атина.

Редовно има работилници од областа на новите уметнички пракси и визуелните комуникации. Веќе трета година ќе ја организираме Летната школа „New Art For(u)m“ за која имаме интерес за учество и на институции од странство. Тука нема простор да ги наведам сите наши активности. Повелете во МСУ на 3 април, во 19 часот, кога ќе го одбележиме јубилејот и тогаш ќе дознаете повеќе.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 273, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.3.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот