
Интервју со Сатја Грабулоски, уметник и дизајнер: 400 светски ѕвезди ја носат мојата уметност, но никогаш не заборавам од каде почнав
Сатја Грабулоски е македонски уметник кој преку своето „Свитхадот студиос“ („Swithadot Studios“) гради една од највпечатливите глобални креативни приказни. Неговите уникатни, рачно изработени дизајни ги носат најголемите имиња од спортот, музиката и шоу-бизнисот – од Новак Ѓоковиќ, Кристијано Роналдо и Леброн Џејмс, до Дуа Липа и Снуп Дог. Неговото интервјуто за американскиот магазин „Форбс“ и фактот што повеќе од 400 ѕвезди од А-листата поседуваат негови креации, ја потврдуваат неговата позиција како креативец кој од Македонија го освојува светот.
Препорачано
Сатја, имаш исклучително ретко и убаво име… Какво значење има и колку таа посебност се пресликува во твојата уметност?
– Благодарам за убавиот коментар. „Сатја“ (латинична транскрипција: Satya) е збор што потекнува од санскрит, еден од најстарите јазици во светот. Неговото значење е „Вистина“, во смисла на онаа универзална вистина кон која сите се стремиме. Секогаш сум го сакал своето име, иако постоеле предизвици околу тоа како се пишува или што објаснува. Сакам да верувам дека неговата суштина успевам да ја пресликам во мојата работа.
„Форбс“ е светски реномирано и угледно списание, а ти си еден од ретките Македонци што се најдоа таму. Какво е чувството кога целиот свет ја чита твојата приказна?
– Понуда за интервју од американската редакција на „Форбс“ доаѓа исклучително ретко и претставува огромно признание за тоа што го правиме како студио. Денес, секој проект на кој работам го гледам низ „двојна диоптрија“: дали естетски и визуелно ги исполнува моите стандарди и дали со тоа придонесувам Македонија да биде спомната во позитивен контекст. „Свитхадот студиос“ е единствениот македонски претставник на врвната светска арт/ентертејнмент/спорт сцена со години, па одговорноста е голема, со секој потег на четка не се претставувам само себе, туку и тоа од каде доаѓаме.
Патиките дизајнирани за Новак Ѓоковиќ се последниот проект од линијата персонализирани дизајни на обувки од „Свитхадот студиос“. Што е најспецијално во нив?
– Новак е една од најуспешните приказни што излегле од Балканот, вистинска инспирација за многу млади луѓе. Целиот процес за да направиме „УанОфАКиндС“ („OneOfAKindS“) пар патики (единствен примерок кој никогаш нема да биде репродуциран) започна уште во 2019 година. Во светот на спортот и шоу-бизнисот секогаш се чека вистинскиот момент, кој понекогаш трае и со години. Вистинскиот момент се совпадна пред полуфиналето на Вимблдон оваа година. Најспецијален детаљ е малата коза на петата, која ја означува почитта кон него како најдобар на сите времиња.
Новак е третиот во серијата ГОАТС/GOATS (Greatest of All Time/најголемиот на сите времиња) OneOfAKindS дизајни за, според мене, најголемите спортисти во своите дисциплини. По Кристијано Роналдо и Леброн Џејмс, а по Новак ќе следат Том Брејди и Тајгер Вудс, Макс Верстапен и уште неколку имиња за комплетирање на серијата.

Какви беа реакциите на Ѓоковиќ кога ги доби патиките во текот на Вимблдон?
– Многу позитивни. Се надевам наскоро ќе имам прилика да ги слушнам лично од него.
Леброн, Роналдо, Дуа Липа, Брајан Адамс… и уште многу светски имиња носат твои дизајни. Кој би бил твојот следен голем предизвик?
– Оваа година ќе го заокружиме бројот од 400 ѕвезди А-листата од светот кои поседуваат дизајн од „Свитхадот студиос“. Од фудбалот (Кристијано Роналдо, Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор, Џуд Белингем итн.), кошарката (Леброн Џејмс, Никола Јокиќ, Јанис, Двејн Вејд, Ален Ајверсон итн.), ракометот (Тимур Дибиров, Жоан Канелјас, Андреа Лекиќ, Кристина Неагу итн.), па сè до најдобрите диџеи (Калвин Харис, Стив Аоки, Пеги Гоу), холивудски имиња како Зендеја и Џејми Фокс, рап-легенди како Френч Монтана и Снуп Дог.
Најголемиот предизвик за мене е постојаната потрага по нови предизвици. Никогаш не очекував дека ќе дојде момент кога ќе можам да бирам за кој од моите идоли да работам прво. Благодарен сум му на универзумот што ме става во позиција да го правам тоа што го сакам на најдобар можен начин.
Какво е чувството да си на листата на 50 највлијателни личности од Балканот според листата што ја направи „Блумберг Адриа“?
– Тоа е голема чест, но и одговорност која знае да остави без сон. Влијанието не го гледам низ призма на слава или признанија, туку како обврска да инспирирам и да отворам врати. Ако мојата приказна мотивира барем едно дете од регионот да сонува поголеми соништа, тогаш тоа влијание има вистинска смисла.

И покрај толку светски имиња, одлучи да останеш и да работиш од Македонија. Зошто?
– Одговорот е едноставен: одговорност. Сите ние кои сме етаблирани надвор од границите на државата имаме должност и одговорност да ја претставиме, но и да ја отвориме Македонија кон светот. Така сум воспитан и додека можам и имам целосна контрола врз тоа, базата на моето студио ќе биде дома.
Тимот ти е целосно македонски или имаш и странски уметници?
Првичната идеја беше „Свитхадот студиос“ да порасне во хаб за млади уметници, место каде ќе имаат можност да работат и да живеат од уметност. За жал, целиот регион се соочува со „одлив на мозоци”, (brain-drain) дури и кај пошироки професии, а уметноста е ставена на маргините на формалното образование. Во моментов тимот е мешавина од македонски и странски уметници, сите со завршено формално ликовно образование.
Како изгледа креативниот процес од идеја до финален дизајн?
– Секогаш почнуваме од идејата на клиентот, добра или лоша, детална или општа. Процесот се развива преку дискусија до предлог-дизајн решение. По одобрувањето на клиентот, започнува рачното сликање, кое може да трае и повеќе од 100 работни часа. Низ годините развивме формула на бои кои ги прават проектите носиви, со трајност речиси истa како фабрички испечатена графика.

Потекнуваш од уметничко семејство – син си на Лира Грабул и внук на Искра и Јордан Грабул. Како тоа влијае на твојот креативен пат и пристап кон работата?
– Сè што знам од дете е уметност и филозофија на живеење. Да растеш во такво опкружување е уметност само по себе. Целиот мој пристап кон уметноста ја канализира мислата на моето семејство.
Постои ли некое „парче“ од кое тешко си се разделил?
– Секое едно кое излегло од нашето студио. Со секој проект испраќаш дел од себе.
За крај, ако твоите патики можеа да зборуваат, што би кажале за тебе?
– Би рекле дека сум тврдоглав идеалист кој верува во невозможни работи. Дека зад секој еден од илјадниците пара насликани патики и други продукти стои најмалку по една непреспиена ноќ. И конечно, дека не сум човек кој заборава од каде тргнал и дека токму тоа е мојата најголема сила.