Фото: Приватна архива

Интервју со Сања Лефкова, пејачка и професорка по музика: И по 7 години живот во Германија, ми доаѓа да се спакувам и да се вратам назад во Македонија

Сања Лефкова на домашната сцена е присутна повеќе од една деценија, а стана препознатлива по хитовите „Лијат години“ и „Пауза, па плеј“.

Пред 8 години ја напушти Македонија, замина за Лондон, каде што живееше со своето семејство една година, а потоа се пресели во Дортмунд, Германија.

Работи како професорка во музичко училиште и сè уште настапува со својот бенд. За животот во Германија и за предизвиците, разговараме во интервју за „Слободен печат“.

Иако зад себе имаше успешна кариера, решивте да ја напуштите земјава. Прво Лондон, па Дортмунд во Германија. Тешка ли беше одлуката?

– Никогаш не се знае каде ќе те однесе судбината. Како мала живеев во Германија со моите родители, но на 6 години се вративме во Македонија. Одлуката да се преселиме со сопругот беше тешка и еве, по 8 години живеење во странство, сè уште не можам со сигурност да кажам дали сме донеле правилна одлука. Прво живеевме во Лондон, но не се пронајдовме таму, со мало дете, за разлика од Германија, каде што за семејни луѓе е подобро.

Се навикнавте ли на животот во Дортмунд?

– Се навикнавме и сè уште се навикнуваме. Со сопругот имаме добри работни позиции, но познато е дека Германците се многу ладна нација што понекогаш ми доаѓа да се спакувам и да се вратам назад во Македонија. Искрено, Македонија секогаш ќе ни биде земја што најмногу ја сакаме и се чувствуваме свои.

Професорка си во музичко училиште? Како е да се работи со деца? Освен тоа, музички си многу активна, па каде настапуваш со својот бенд?

– Да, работам во музичко училиште во Дортмунд, предавам пеење, клавир, солфеж и теорија на музиката. Работам со мали деца од петгодишна возраст и со повозрасни ученици. Имам настапи низ цела Германија, Франција, Белгија и Холандија. Пеам претежно англиски и германски песни, но имам и листа настапи кај наши Македонци каде што репертоарот ми е од забавни до наши познати народни песни.

Фото: Приватна архива

Со кого се дружите во Дортмунд, имаш ли време за пријатели и дали излегувате? Како ти оди германскиот јазик?

– Германскиот јазик го владеам доста добро, но се дообразував за да работам како професор по музика. Не беше лесно, но јас сум личност што сака предизвици и се трудам мојата фамилија да има добра иднина. Имаме доста пријатели, колеги и доста Македонци со кои се дружиме, одиме во Македонска православна црква во Дортмунд и во Диселдорф, се дружиме со членовите на одборот на МКЦ „Македонско сонце“ во Диселдорф, каде што мојот сопруг е еден од членовите на одборот и се трудиме да ги сплотиме сите Македонци тука во Германија преку организирање концерти. Има дружби, но поради работните обврски и различниот менталитет и начин на живот тука, тие, за жал, се само за викенд.

Колку сопругот Мики ти е поддршка и како почна вашата љубовна приказна?

– Јас и мојот сопруг Мики се знаеме доста долго, уште од моите почетоци и самото доаѓање во Скопје на 16 години кога учев во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Долго време бевме другари и се дружевме и знаевме сè еден за друг. Тоа пријателство прерасна во врска и подоцна во брак и силна емотивна врска. Имаме разбирање многу еден кон друг и така функционираме без разлика каде и да живееме.

Денес си мајка на два сина. Колкава разлика се децата, имаш ли помош околу нив и дали тие го наследија талентот од тебе?

– Имам два сина. Никола има 9 години, а Лукас – 6 години. Двајцата се музикални и пеат многу убаво. Тренираат кошарка и фудбал. Постариот син Никола има многу солистички настапи каде што пее и свири гитара и клавир, но сепак оставам самите да одлучат дали сакаат да се занимаваат професионално со музика.

Фото: Приватна архива

Да те вратам на почетоците, кога откри дека имаш талент и како почна твојата музичка кариера? Тешко ли беше да се стане дел од македонската естрада?

– Почнав да пеам уште во забавиште и талентот го открија моите родители и учителката. Настапував на многу приредби и фестивали заедно со мојата сестра Ивана. На 9 години настапив на фестивал во Штип во организација на Зоран Ванев каде што победив со моја кантавторска песна „Осамена“. Пеев на многу детски фестивали сè до 14-годишна возраст песни што јас ги компонирав, а на 15 години влегов во првите 10 финалисти во шоуто „Плеј потрага по ѕвезди“. Така и почна мојата кариера како пејачка на забавни песни.

Аудицијата на популарното шоу „Британија има талент“… како беше да се биде дел од овој глобален проект?

– Тоа беше прекрасно искуство, од каде што направив доста контакти, но, за жал, не продолжив на другите аудиции поради бременоста со моето второ дете Лукас. Во тој период веќе бевме преселени во Германија и не беше изводливо да патувам во таква состојба. Меѓутоа, тој период снимив песна на англиски јазик со Масевски и ми помогна за настапите тука во Германија и адаптирањето на музичкиот пазар тука.

За крај, колку се негувани Германките и каква споредба би направиле со дамите во Македонија?

– Споредба нема. Македонците имаат осет за мода. Кога дојдов во Германија, почнав да купувам нова гардероба и се срамев да се облечам убаво, затоа што сите те гледаат чудно и мислат дека одиш на некој јавен настан. Тоа многу ми сметаше, но со текот на времето сфатив дека тие имаат таков начин на живот и дури се спремни во продавница да отидат во пижами, а на свадба во стар фустан или фармерки. Секако има и исклучоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!