
Интервју со Роберт Насков: Потребно е да креираме наши брендови со кои децата ќе можат да комуницираат
ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе почне да се емитува на 4 мај (понеделник) на Македонската радио-телевизија и се очекува да биде вистински телевизиски магнет за публиката од сите возрасти, открива продуцентот Роберт Насков.
Продукцијата „Кино око“ со радост и со гордост ја најави првата епизода од новата телевизиска серија „Зоки Поки“, која од 4 мај ќе се емитува на МРТВ. Снимањето на серијата се случи минатото лето (август и септември) во Скопје, сценариото, режијата, монтажата и постпродукцијата се дело на професионални филмски работници, а продуцентот Роберт Насков особено е среќен што успеаја да направат серија за деца, која, се надеваат, ќе го привлече вниманието и на пошироката публика.
Препорачано
Модерната екранизација на култната детска книга „Зоки Поки“ на писателката Оливера Николова е во продукција на „Кино око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РС Македонија. Детската екипа ја сочинуваат Матеј Настевски, во улогата на Зоки Поки, Анастасија Аневска, како Лидија, Матео Матоски го игра Боки и Матеј Зимбаков го глуми Гоки. Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки, и Сабина Ајрула-Тозија, која ќе ја видиме во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф Иван Бартлинг, шминка Жанета Димитриевска, дизајн на тон Ристо Алчинов, монтажери Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Софија Самоиловска и Драган Алексов, додека за костимите се погрижи Жаклина Крстевска. Музиката ја компонираше Александар Пејовски, песните Александар Митевски, а музиката за најавната шпица е на Игор Василев-Новоградска.
Каков креативен предизвик за продукцијата „Кино око“ беше снимањето на телевизиската серија „Зоки Поки“?
– Главниот предизвик беше да го адаптираме култното дело на Оливера Николова на времето во кое живеат денешните деца и да ги исполниме очекувањата на голем број генерации што пораснаа со оваа книга. Денешните деца имаат на располагање голем број содржини и, секако, имавме тешка креативна задача да го задржиме нивното внимание пред екраните.
Колку епизоди се снимени и како се планира нивното емитување?
– Во текот на 33 работни денови снимени се 10 епизоди во траење до 30 минути. Серијата почнува со емитување од 4 мај во 20.15 часот на Македонската телевизија. Во понеделник и четврток епизодите ќе се емитуваат премиерно, додека репризите ќе можат да се гледаат во вторник и петок, како и во викендите. Веднаш по премиерното емитување, епизодите ќе бидат поставени на сајтот www.zokipoki.mk, како и на Јутјуб-каналот на серијата.

Станува збор за четиво наменето за детска возраст, но дали серијата е наменета само за деца?
– Серијата е конципирана за фамилијарно гледање. Во сценаријата се вметнати и носталгични елементи, кои ќе бидат интересни и за возрасните. Верувам дека тоа ќе поттикне разговор за тоа како тие го минувале своето детство. Идејата е децата заеднички со родителите да поминат квалитетно време пред екраните. Сигурен сум дека родителите по завршување на епизодата ќе посакаат повторно да бидат деца.
Во литературата се забележува пораст на содржините наменети за младата популација. Кои се условите тоа да почне да се случува во однос на продуцирањето повеќе телевизиски или играни проекти за деца?
– За жал, телевизиите малку внимание посветуваат на сопствена програма која ќе ја задржи публиката пред екраните. Пред сè, ја пополнуваат програмата со купена странска содржина. Нема дилеми дека недостасуваат играни проекти и други содржини за деца. Проблемот е во тоа што постојат многу малку извори на средства, со кои би се финансирала програма за најмладата публика и други видови програми.
Државата мора да создаде услови и да обезбеди средства со кои ќе ја поттикне продукцијата на разни ТВ-содржини, бидејќи само на тој начин можеме да парираме на напливот на неквалитетна странска програма. Ова е особено неопходно за програма за деца на македонски јазик. Многу е важно најмладите да се поистоветуваат со јунаци што им се ним блиски, со ликови што ги познаваат. Децата го сакаат тоа. Потребно е да креираме наши брендови со кои децата ќе можат да комуницираат. Серијата „Зоки Поки“ и другите програми за деца што постојат се доказ за ова.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 29, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 1-3 мај 2020)