
Интервју со оперската пејачка Милка Ефтимова: Моето богатство не е во џебот, туку е во душата и во срцето
Оперската пејачка, првенка на македонската опера и педагог, Милка Ефтимова, и во својата 85 година од животот е полна со иницијативи и желба за работа, а неодамна го објави монографското дело „Моето богатство“.
Препорачано
Секој човек има своја животна приказна. Особено ако живеел со активен, исполнет живот. А мојот живот, многупати прилега на сон. Сон што умеев да го сонувам, но и да го претворам во реалност. Ова се воведните зборови на Милка Ефтимова во обемната и луксузно опремена монографија со наслов „Моето богатство“. Содржината на монографијата е поделена на девет поглавја во кои со автобиографски текстови и илјадници фотографии се изложени сите периоди во животот на нашата позната оперска пејачка, примадона, првенка на македонската опера, педагог и, пред сѐ, исклучително талентиран и вреден човек.
Низ поглавјата пред очите на читателот на монографијата прелетуваат нејзиниот уметнички пат, промоцијата на книгата „Светот на еден глас“, музејската поставка во Радовиш, хуманитарната модна ревија со нејзини костими, општествено-културниот и секојдневниот живот, како и нејзините многубројни награди, признанија, медали, ордени, повелби, благодарници, аудио и видеоизданија, плакати за оперски претстави и други настани.
Како се случи објавувањето на монографијата „Моето богатство“?
– Сакав да направам нешто што досега не се сеќавам дека некој го направил, бидејќи имав доволно материјали. По промоцијата на монографијата „Светот на еден глас“ во 2003 година во Домот на АРМ во Скопје, кога салата беше преполна, а имало и многу луѓе што немало простор каде да влезат, сфатив дека има многу луѓе кои ме почитуваат и ме сакаат. Во 2006 година беше отворена поставка во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Радовиш, каде се изложени четири костими што сум ги носела во улогата на Кармен, како и два костими од други сценски настапи заедно со 12 паноа со фотографии и награди. Дел од поставката е и виолината на татко ми, која е стара повеќе од 150 години. Во 2007 година направив модна ревија со хуманитарен карактер со моите концертни костими во Универзална сала. Материјалите од овие настани ги чував дома и со помош на професорката Снежана Анастасова Чадиковска и Александар Трајковски ги подредивме и ја направивме припремата за монографијата „Моето богатство“.

Од каде се појави насловот за монографијата?
– Моето богатство не е во џебот, туку е во душата и во срцето. Во текот на животот имало многу луѓе кои биле до мене и сите тие се моето богатство. Се сеќавам на мојот 70-ти роденден, кога во „Холидеј ин“ имаше околу 150 луѓе како гости. Ме насмејаа кога видов дека напишале дека прославувам 60+10 години. Се радувам што секогаш околу мене имаше луѓе кои се позитивни, бидејќи и јас сум таква. Никогаш на никого не сум му замерила нешто, ниту сум му враќала ако ми кажал или направил нешто лошо. Затоа сум среќна што успеав да соберам сила да ја објавам монографијата „Моето богатство“ со многубројни фотографии со мои драги луѓе.
Какво е чувството кога човек ќе си го открие своето богатство?
– Немам зборови, тоа е прекрасно. Затоа на сите им пожелувам да си го најдат своето богатство. Секој човек има богатство, само треба да сака да го пронајде. Досега сум ги добила сите значајни награди, и Климентовата награда и „11 Октомври“ и „Мајка Тереза“ и „Златна лира“, и сите тие заедно со многу подарени слики сакам да ги додадам на поставката во Радовиш, за која ми спомнаа дека е можно да прерасне во музеј. Сето тоа ми дава позитивна енергија, бидејќи така сите луѓе ќе можат да видат што сум успеала да направам во животот, а не само јас да се радувам на своите успеси.

Ако во „Холидеј ин“ сте славеле 60+10, годинава прославивте 60+25. Има ли некаква временска граница за уметникот?
– Нема временска граница, иако многу мои колешки заминаа толку брзо што дури е и неверојатно. Затоа сум благодарна на Господ што ми даде долг живот и го молам уште малку да ми даде, барем книгите да успеам да ги подарам на моите пријатели.
Целиот живот го поминавте со пеење на оперската и концертната сцена. Што е убавината, а што е тежината на оваа професија?
– Убавината е кога ќе направите кариера или ќе направите одличен концерт или претстава, а трудот мора да се внесува секој ден. Често сум кажувала дека за да научите опера на странски јазик мора секојдневно да учите. Мене ми се случуваше да напишам текст на рака, да ставам текст на огледало, на волан, за да го научам. Оперите што сум ги изведувала биле на француски, германски, италијански и руски јазик. Сите јазици не можете да ги владеете совршено, затоа не било лесно да се научи текстот и требало да се учи секој ден. Моите студенти на почетокот реагираа кога ќе им кажев да работат и за време на викендот, но како напредуваа со школувањето, така сфаќаа дека навистина мора да се работи секој ден.

Какви емоции и сеќавања имате на периодите поминати во Љубљана и подоцна во Македонската опера?
– Не сакав да одам во Љубљана, иако по земјотресот во Скопје сите мои колешки и колеги заминаа во Белград, Загреб или Сараево. Мене 12 пати ме бараа да одам во Љубљана, но им кажував дека сакам да останам во Скопје за да можеме со кратки музички концерти на отворено да им ги оттргнеме мислите на луѓето од трагедијата што му се случи на градот. Но подоцна, кога видов дека тука немам доволно претстави, во 1966 година заминав за Љубљана и таму останав 11 години. Заминав, но тука оставив порака кога и да требам да ми јават навремено да дојдам за некоја од претставите.
Од сите улоги што сте ги имале, најмногу се издвојува улогата на Кармен. Дали тоа ви е, на некој начин, судбинска улога?
– Воодушевена бев од Кармен, бидејќи Ловро Матачиќ, кој во тоа време беше светски диригент, ми кажа дека сум меѓу трите најдобри пејачки во светот што ги слушал со таа улога. Покрај пеењето, одлично владеев со кастанетите и ги свирев на сцената. При мојот престој во Сиена, Италија, каде бев на специјализација како најдобар студент, две Шпанки ми кажаа дека ќе ми помогнат во сѐ што треба, само да ги научам да работат со кастанетите. Токму работата со кастанетите му оставила најголем впечаток на Матачиќ.

Додека предававте на Факултетот за музичка уметност успеавте ли на студентите да им ја пренесете хуманата димензија на уметноста?
– Студентите многу ме сакаа, бидејќи покрај предавањата често знаев да им организирам екскурзии низ Македонија и надвор од државата. Моите студенти, на чело со Весна Ѓиновска Илкова, знаеја да кажат: „Професорке, ние на почетокот мислевме дека не сте само строга, туку и лоша“, бидејќи ги терав да работат секој ден. Но, јас често им кажував дека дишењето сум во вежбала дури и во авион при патувања од еден до друг концертен настап, а секојдневниот ритам на работа го барав и од нив.
Што еден оперски пејач треба да направи за да се одржи во кондиција?
– Секојдневно вежбање и да се храни како што треба. Исто така, гостувањата многу значат, бидејќи ако одите да настапите пред непозната публика мора многу повнимателно да работите и да внимавате на себе. На пример, јас никогаш не сум користела алкохол, никогаш не сум зборувала гласно. Кога сум имала претстава не сум зборувала цел ден до претставата.
Како пандемиското време што го живееме изминатава година делува на изведувачките професии?
– Самото седење внатре во становите, без многу движење надвор, може да не уништи. За тие што настапуваат јавно пандемијата е нешто несфатливо.
Уметнички белег на месецот мај даваат Мајските оперски вечери. Какво е вашето чувство за овој фестивал?
– Сум настапувала на отворањето на Мајските оперски вечери, а нивното значење е што со нив се отворала оперската сезона со одлични претстави, диригенти, пејачи и оркестар. Мајските оперски вечери секогаш биле на високо ниво. Покрај нашите уметници, настапувале и познати гости од странство. Иако сме мала земја, но штом ќе се кажело Македонија, сите сакале да дојдат и да настапат тука со отворено срце.

На што вас животот ве научил и како човек треба да се однесува кон животот?
– Секогаш сум се однесувала професионално. Отсекогаш сум избегнувала места каде што имало голема врева или пушење. Се придржував до принципот тоа што го имам во себе да го надградувам. Ако не го надградувате тоа што го имате не можете да просперирате, независно за која професија или уметност станува збор. Секој човек треба да си се посвети на себе и да се надградува колку што може повеќе. Треба да се има предвид и дека од секого можете да научите нешто ново. Тоа може да биде добро или лошо, но секое ново искуство е надградба на сопствената личност. Не сум се родила таква, каква што сум денес, туку во текот на мојот живот сум вложила голем труд за да станам тоа што сум сега. Затоа често повторувам дека треба да се работи секој ден за да успеете да просперирате и во професијата и во животот.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 80, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 мај 2021)