
Интервју со мултимедијалниот уметник Страхил М. Петровски по неговиот престој во Париз: Адреналинот е на најсилно!
Внимателно ги следев сите постови и објавени фотографии на Страхил М. Петровски за време на неговиот едномесечен престој во Париз пред самиот крај на 2022 година и ја чекав првата можност сите негови импресии да ги раскаже на едно место.
Препорачано
Мултимедијалниот уметник Страхил М. Петровски навистина знае да ги почувствува сите доблести на патувањето и со својот сензибилитет да ги трансформира во уметничка експресија. Со ликовно творештво се занимава веќе 25 години. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.
Со неодамнешниот престој во Париз дополнително ги прошири своите искуства, знаења и перцепција на современата уметност.
Последните 20-ина дена од 2022 година ги помина во Париз. На фејсбук-профилот веќе имаш стотина фотографии од престојот. Со какви импресии се врати од Париз?
– Иако не ми првпат да престојувам во Париз, мислам дека човек не може да остане имун и да одолее на неговите убавини, историјата, градбите, шармот што е сеприсутен таму, гастрономијата, културата и уметноста итн. Фотографијата ми е пасија и едноставно моите секојдневни активности таму не можеа да поминат, а да не се фати моментот од некоја интересна сцена, посета на некоја изложба во музеј или галерија, па дури и во навидум обичните прошетки да се доловат моменти и да се почувствува таа атмосфера на градот. На некој начин, станав хроничар на сѐ она што се случуваше и ме опкружуваше таму, нормално преку фотографијата како медиум на изразување. Јас го сакам Париз, ми годи на моите сетила и енергијата што ја има како град се поклопува со мојата, бидејќи има многу позитивни вибрации што не можат да те остават рамнодушен, едноставно се чувствуваш прекрасно и посебно. Барем тоа е мое субјективно мислење.

Колку градот на светлината, уметноста, културата, модата, и во 21 век ги носи истите епитети? Каква е динамиката на уметничкото живеење во градот?
– Со сигурност тврдам дека ги носи сите и тоа во сите сфери (изложби, премиери, за модата и да не говорам), тоа и го почувствував. А, епитетите што ги носи градот, навистина се легитимни и оправдани. Кризата/те со која/кои сме секојдневно сите преоптоварени, таму како да не се чувствува/ат, или можеби тие не сакаат премногу да се преоптоваруваат. Многу е веројатно, затоа што и периодот на мојот престој се поклопи со божиќните празници, но повторно лично сум убеден дека не е така. Градот живее со полна пареа преку целата година, а особено претпразнично е блескав и посебен, преполн со туристи од целиот свет. Одлични и квалитетни изложби од современи автори и поставки од колекциите на музеите, совршено поставени, публика и посетеност на највисоко ниво, со редици пред речиси сите музеи. Преполни улички со луѓе по кафетерии и ресторани, динамика на сите нивоа и во сите сфери, за сите сетила дефинитивно. Адреналинот на најсилно!

Твојот престој во Париз беше поврзан со Гран-при наградата на Зимскиот салон на ДЛУМ во 2022, која, пак, ти донесе престој во „Градот на уметноста (Сите дес артс)“ во Париз. Какви активности имаше за време на престојот?
– Едномесечниот престој се реализираше во „Cite des Arts“, како резултат на Гран-при наградата на Зимскиот салон на ДЛУМ во 2022 година за делото „Лимитиран свет“ и во соработка со Министерството за култура. Уште пред да заминам за Париз, имав идеја и знаев со што ќе се претставам таму. Впрочем, во неколку наврати тоа и го најавив по изложбата на Спомен-костурницата во Велес. Сметам дека е од исклучително значење да се промовира културното наследство, во случајот споменично (кое несомнено го имаме и можеме да се пофалиме со него), а едно такво ремек-дело на бруталистичката архитектура претставив пред странската публика, се разбира со концепт (видеоинсталација) кој сам по себе го надополни тој епитет. Во принцип не сакам презентации од типот „open studio concept“, иако е многу легитимно и релевантно, но сметам дека уметноста, делото пред сѐ, треба да живее вон студиски рамки. Во однос на моите активности, главно се сведуваа на посета на врвни изложби по музеите и галериите, кои во тој период од годината навистина ги имаше во огромен број. Особено следејќи ги современите автори, новите медиуми, наративи и практики, секако и изложбите од колекциите на музеите, кои секогаш одново и одново инспирираат со поинаквите поставки од вообичаените и даваат поинаква перспектива во перципирање на самите дела.

Финале на престојот беше твојата изложба „Синергија во времето“ во објектот на македонската амбасада во Париз. Бидејќи станува збор за мултимедијален проект, кои сегменти беа претставени во Париз?
– Токму како финале беше отворањето на изложбата, која се случи од 16 до 24 декември во салонот на македонската амбасада во Париз. Иако, првично истиот проект беше претставен и на македонската публика на Спомен-костурницата во Велес и просто блесна на самиот објект. Во салонот на амбасадата, ентериерно поставена, самата видеоинсталација понуди едно поинакво решение и доживување, спој на контрасти, кои за мене беа очекувани, однапред испланирани, правејќи една паралела и синтеза помеѓу минатото и сегашноста, патување низ времето, со прашања што лично ги поставувам и кои за мене како автор се актуелни, ангажирани, ме засегаат и се интересни за моето уметничко промислување. На некој начин дејствуваат активистички, а се поврзани со одржливоста од повеќе аспекти и нивоа на човековото битисување/ опстојување во времето и просторот.

Во Велес проектот беше реализиран во рамките на Европските денови на културното наследство на тема „Одржливо наследство“. Кои се основните идеја и порака на проектот?
– Како што забележа кураторот на изложбата Златко Теодосиевски, историчар на уметноста: „’Синергија во времето‘ е токму тоа: зашеметувачки визуелен ’кружен тек‘ во(н) времето и просторот, каде што не знаете дали сте вие во центарот на движењето или, пак, движењето иницирано од уметникот едноставно ве зграпчило и ве врти центрифугално и центрипетално низ својата патека, циклично забрзува и успорува оставајќи ви дел од секундата да се ориентирате и видите дел од опкружувањето, за да веднаш потоа повторно ве фрли во нова рунда вртежи“. Самата идеја на проектот произлезе многу поодамна. Претходно имав подготвен готов видеоматеријал во целост, за кој сметав дека треба соодветно да се вклопи/ инкорпорира во одреден амбиент, екстериер или друг јавен простор, а тоа да не биде уметничка галерија, како вообичаено, нели!? И, некако се поклопија коцките за реализација на мојата идеја и проектот со дадената тема „Одржливо наследство“ во рамките на манифестацијата Европски денови на културно наследство.

Пораките се, секако, повеќеслојни, а се однесуваат, пред сѐ, на нашата негрижа во секоја смисла на зборот, најпрво за нас како луѓе, а потоа и на сѐ она што ние како живи суштества (не)придонесуваме за да ги подобриме условите за поквалитетен живот во општество во кое како да го загубивме сенсот за вредностите, кои значат убаво, добро и што ли уште не… да не набројувам, а би требало да постојат!? Па, нели, луѓе сме!? Се вртиме бесконечно во некој маѓепсан круг, центрифуга… од каде излезот е под знак прашање! Оттаму, некако и самиот збор одржливо или одржување беше сосема легитимен, како патоказ, водилка и мото во процесот на реализација на видеоинсталацијата.

Не како уметник, туку како конзерватор и реставратор во Националниот конзерваторски центар, успеваме ли да го одржиме културното наследство во витална состојба?
– Прашањето е прилично комплексно и секако дека би ми требало повеќе простор и време за елаборација, но сепак, она што можам да го кажам во најкратки црти од моето досегашно искуство во доменот, е дека многу малку (од она што е потребно и неопходно да се направи) го третираме или се однесуваме генерално како тоа да не се однесува на нас, ама во поширока смисла кажано. Ветувања од типот дека постојат приоритети во заштитата (а, постојат), дека сѐ ќе се среди, ќе се превенира, итно да се интервенира итн., има колку сакате, сѐ додека некој да дојде на одредена позиција, а потоа што? За жал, тоа е сосема недоволно и несериозно од многу аспекти, барем засега. Да, се работи на случајот, многу скромно, бледо, ни одблизу не е она што би требало и како би требало да биде. Многу зборови, а акција нема! А, дали успеваме да го одржиме… многу тешко, ми се чини дека сме на стаклени нозе!? Кога еднаш ќе сфатиме дека личното не е секогаш пред колективното/ општо добро, тогаш можеби ќе мрднеме од мртва точка, ама за тоа е потребно многу време и смена на генерации и генерации, можеби децении.

На Факултетот за ликовни уметности во Скопје дипломираше и магистрираше во класата на Родољуб Анастасов пред 22 години. Во какви сеќавања ти е тој период од животот?
– Не знам, можеби сум единствениот што не сака да се навраќа на некои периоди од животот (што не значи дека е добро?). Едноставно има работи што поминале и на кои не сакам да се навраќам, просто ми пречат, ме преоптоваруваат. Во принцип сакам да се движам напред, а секако дека имам прекрасни сеќавања од студентскиот период на Факултетот за ликовни уметности, особено од омилениот професор и ментор г. Родољуб Анастасов, авторитет од старата гарда, одличен педагог од кој навистина можеше многу да се научи, а стекнатото знаење и искуство да се примени во уметничките дела, од тој период. Генерално, имам убави спомени и од моите драги колеги од студиските денови со кои до ден-денес сме во постојана комуникација, па дури имаме и професионална соработка.
Зошто ти е важна средната буква М помеѓу името и презимето?
– Важна е, секако, и емотивно многу ми значи затоа што тоа е, всушност, името на мојот татко Момчило Петровски – Моцо, академски сликар, конзерватор, истражувач, мозаичар и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, кој, за жал, веќе не е меѓу нас. Се одлучив да ја ставам средната буква „М“ кон моето име и презиме, од почит и љубов, пред сѐ, кон мојот животен, ако сакате и професионален учител, кој иако веќе не е меѓу нас, некако, имам впечаток како да ме следи постојано од небото. Има некоја невидлива енергија што упорно ме придвижува, ми дава сила, мотив за понатаму и ми го трасира професионалниот пат во сферата на уметноста, мојата уметничка практика и креативно изразување. Се разбира, тоа не е никако тенденциозно, напротив! Емоцијата, пред сѐ, и чувството дека сте горди на некој што многу оставил зад себе, кому бескрајно сте му благодарни и кому му должите многу!
Во последниве година-две се чини дека повеќе се занимаваш со мултимедијални и перформативни проекти отколку со класично сликарство. Дали можеби станува збор за нова фаза во твоето творештво?
– Не знам дали е на место забелешката дека во последните две години се занимавам само со мултимедијални и перформативни уметности. Впрочем, ако направам некаков пресек низ годините и моето 25-годишно творештво, сметам дека отсекогаш сум бил човек/уметник кој сакал (и, сѐ уште) да експериментира, да си „поигрува“ или да се изразува во повеќе медиуми, контексти и наративи. Не сум тип на артист што твори само во „одреден стил“ и онака тивко да си ужива во својата комфорна зона, а такви автори има. Мислам дека тоа на некој начин би ја „убило“ мојата креативност и поривот за постојано истражување, како и предизвикот за соочување со непознати, неистражени работи. Не знам дали би ја нарекол како фаза, можеби?! А, можеби и презаситување од одреден медиум (иако класичното сликарство не го занемарувам) и потрага по нови предизвици во моето творештво. Начелно сакам постојано да се предизвикувам, натпреварувам и преиспитувам самиот себеси! Тоа сум јас… не можам да побегнам од себе.
Какви планови имаш за 2023 година?
– Според моите планови, ако се реализираат, оваа година би требало да сум доста активен и присутен на уметничката сцена. Дотолку повеќе што во план е реализација на три самостојни изложби надвор од државата, од едноставна причина што сметам дека овде што и да направите поминува многу незабележително, многу бледо и без взаемен интерес, нема интеракција со поединци или институции, се нема сенс за колаборација и слух за нови, интересни проекти. Сѐ се случува некако по принципот на селекција, стихијно… Владее една општа апатичност, постојано нешто се „кокетира“, се „импровизира“. Многу „каскаме“ во однос на круцијални прашања, а особено оние кои се однесуваат за културата, и зад она што значи европска или светска уметничка сцена/ перспектива, но сепак со одредени исклучоци, се разбира. Во план е и промоција на посебен каталог од изложбите кои ги реализирав во минатата година и уште некои проекти за кои сѐ уште сум во преговори за нивна реализација. Но, за тоа потоа… Важно е дека се работи со полна пареа и нека биде така и во иднина.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 162, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 јануари 2023)