
Интервју со Моника Матовска, личен планер на патувања: Не е луксуз некој да ти го испланира патувањето, туку е паметна инвестиција
Во време кога туристичките аранжмани сè почесто делуваат како копија на претходните одмори и не нудат ништо поинакво, се појави една недоволно позната услуга – личен планер на патувања.
Препорачано
Моника Матовска е пионер во оваа област на македонскиот пазар и нè води низ нејзината визија за персонализирани патувања, без шаблони и без стрес.
Во интервју за „Слободен печат“, таа ни раскажа што значи да се има личен планер на патување, како изгледа целиот процес од идеја до реализација и зошто ова не е луксуз туку паметна инвестиција.
Оваа професија сè уште не е доволно позната кај нас. Што добива клиентот кога ќе ангажира личен планер на патување и по што оваа услуга се разликува од класичен туристички аранжман?
– Од самиот почеток би можеле веднаш да се сложиме за констатацијата погоре – точно е. Оваа гранка од туризмот не е во голема мера развиена и застапена на македонскиот пазар како услуга, би рекла дека и воопшто не постои во оваа форма. Кога клиентот ќе одлучи да патува, а своето патување да го довери на организатор, тој целосно се оттргнува од класичните туристички аранжмани на кој е навикнат затоа што главната мисија на организаторот е токму тоа – да ги покрие замислите, потребите и желбите на својот клиент коишто никогаш нема да успее да ги најде опфатени на едно место во однапред испланираните аранжмани. Пред да започне со организација на патувањето, организаторот внимателно ги следи барањата на својот клиент, а потоа посветено и детално ги применува во планот што го прави само за него.

Дали луѓето се подготвени да се отворат кон поинаков начин на патување и со какви предрасуди или недоумици најчесто се среќаваш кога ќе кажеш што работиш?
– Многу интересен податок ми беше информацијата дека и тој мошне мал процент на луѓе што одлучуваат да патуваат преку организатор ја бараат и ја користат оваа услуга од српски организатори. Ова, би рекла, веројатно претставува и мојата најголема мотивација – да го отворам патот на оваа услуга на македонскиот пазар и да им ги доближам на нашите луѓе многубројните предности на организирањето патувања само за нив наспроти стандардните аранжмани на коишто се навикнати. Одам по неистапкан пат. Свесна сум дека ќе треба време луѓето вистински да ја осознаат вредноста на патувањето кога дестинацијата ќе ја доживеат онака како што тие отсекогаш посакувале, а не како што некој друг им понудил. Досега реакциите се навистина многу позитивни, а нешто што посебно се забележува во тие разговори е дека луѓето имаат потреба да поставуваат прашања преку кои би биле поблиску до сета моја замисла којашто се крие зад овој дел од туризмот. Да заокружам: овој нов метод сметам дека допрва ќе ги покаже своите вистински предности со што ќе го обезбеди и зацврсти своето влијание во туристичкиот свет.
Од првиот контакт со клиентот, па сè до нивното заминување – како изгледа соработката, кои информации ги бараш и што ти е најважно при создавањето на целокупното искуство?
– Првиот разговор со клиентот се однесува на дестинацијата, со оглед на тоа дека некогаш клиентот доаѓа со веќе утврдена дестинација, а друг, пак, му верува на моето искуство и одбира од дестинациите што ќе му ги предложам. Важно ми е клиентот да ме категоризира како организатор што го организирал патувањето идентично како што и тој самиот би го организирал за себе. Оттука и произлегуваат прашањата преку кои ги добивам насоките пред да почнам со организација. А, потоа само внимателно слушам. Желбите за патување на клиентот ги пакувам во идеално осмислен и организиран план. А, што се однесува до делот „па сè до нивното заминување“, би сакала да нагласам дека нашиот контакт не запира штом авионот полета. Напротив. Грижата за клиентите не запира сè до целосна реализација на патувањето.

Кои се најчестите грешки што луѓето ги прават кога сами го организираат своето патување?
– Сметам дека постои една клучна грешка што најчесто луѓето ја прават: недоволно истражување на дестинацијата. Оттука, всушност, произлегуваат и лошите патувачки искуства. Времето, сериозниот пристап, прецизноста во пребарувањето и планирањето до најситен детаљ може да донесат хармонично и сигурно патување без стрес и неизвесност. Многу луѓе би рекле: „Но, ние сакаме спонтаност.“ Јас би ги посоветувала: спонтано патување не значи целосно непланирано патување. Напротив – најдобро е да имаш неколку проверени опции и да одлучиш во моментот што најмногу ти одговара. Би додала: спонтаност со план Б е вистинската формула.
Постои перцепција дека ангажирање личен планер е луксуз. Колку тоа е точно и дали може да се каже дека во реалноста ова е инвестиција што се исплати?
– Одлично прашање затоа што нè води до веројатно најважниот сегмент од планирањето патување – финансиите. Како што кажав погоре, да имаш личен организатор значи да имаш личност којашто ќе ги имплементира твоите замисли и желби, почитувајќи го твојот буџет. За вистинскиот организатор најголемото достигнување е кога ќе успее да ги сведе трошоците на минимум или да остане целосно во рамките на буџетот, а патувањето ни за миг да не ја изгуби својата вредност. Дополнително, организаторот целосно „домаќински“ се поставува со финансиите на клиентот. Во планот за патување нема скриени трошоци и туристички замки. Луѓето што со ова интервју ќе успеат барем малку да видат што се крие зад мојата визија, ќе сфатат дека ангажирањето личен организатор не е луксуз. Напротив. Тоа е една голема придобивка што ќе ја почувствуваат само тие што имаат храброст да се оттргнат од шаблонските аранжмани и да се приклонат кон вистинското осознавање на патувањата. Во тоа име: драги читатели, ве охрабрувам!

Каде патуваат твоите клиенти ова лето? Кои дестинации се најбарани сезонава и дали има некое место што ти лично би го препорачала како алтернатива на класичните „летни“ избори?
– Последните завршени проекти ми беа за европски дестинации по барање на клиентите. И покрај тоа што далечните дестинации отсекогаш за нас биле егзотични, а сега и со добра организација финансиски достижни, од лично, но и професионално искуство, забележувам еден интересен тренд на откривање места што се скриени бисери на Европа. Веројатно оттука потекнува и желбата на најентузијастички настроените патувачи да бидат меѓу првите што истражиле нова дестинација. Што се однесува до лична препорака за помалку класични летни избори, би посочила два што се на мојата листа за идни патувања: Канарски Острови и Сицилија.
Што би им советувала на оние што сè уште не го испланирале својот летен одмор? Дали е предоцна за добар план? Со кои три совети би им помогнала да патуваат квалитетно?
– Ако се препушти организацијата во рацете на искусен организатор, никогаш не е предоцна за добар план. Ќе откријам поттикнувачки факт: сега е одлично време да се започне планирање летен одмор којшто ќе ве однесе под палма, на 40 степени, со коктел… во јануари 2026. Кога станува збор за советите што би можела да ги дадам: 1. Планирај паметно; 2. Експериментирај и истражувај; 3. Запознај се со локалци. Би додала уште еден бонус совет (најдобриот): дозволи си твоето следно патување да биде поразлично од сите досегашни. Го очекувам твојот повик.