
Интервју со министерот Андоновски: Како ќе функционира Дигиталниот паричник во земјава?
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, зборува за дигитализацијата на јавните услуги, упростување на процедурите, развојот на националниот портал и за тест верзијата на Дигиталниот паричник.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во интервју за МИА рече дека се подготвува тест верзијата на Дигиталниот паричник и оти таа ќе биде презентирана на Дигиталниот самит на Западен Балкан што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Граѓаните треба да го замислат тоа како еден паричник со лични документи. Наместо да носите возачка дозвола и лична карта со вас како картички, можете да ги носите во вашиот мобилен телефон и, секако, сите услуги ќе бидат достапни таму. Тест верзијата ја подготвуваме. Јас ќе ја презентирам и ќе презентираме две услуги коишто ќе ги нуди таа тест верзија. Ќе го опипаме пулсот на граѓаните, ќе ја симнат граѓаните коишто ќе бидат присутни на Самитот, да можат да ја тестираат. И мислам дека до крајот на годината веќе ќе имаме верзија која што првпат ќе ја пласираме на сите отворени мрежи – нагласи Андоновски во интервју за МИА.
Тој информира дека на Самитот во Скопје ќе има 800 учесници од над 20 држави и оти целта била земјава повторно да биде ставена на мапата на дигитално развиени економии, а нашата држава како дигитална развиена држава, како и да покажеме што сме сработиле изминатава година и која е визијата и плановите за во иднина.
Во однос на електронските услуги на граѓаните, министерот Андоновски вели дека целта е сите услуги, најкористените услуги од граѓаните, да бидат достапни на еден клик.
– И порталот uslugi.gov.mk ќе го следи овој процес иако ние веќе започнавме со еден редизајн минатата година. Секоја нова надградба на порталот ќе значи упростување на изгледот и полесни и подостапни услуги за граѓаните и за компаниите. И ова е предвесник на севкупната дигитализација на услугите, што значи дека следната фаза ќе биде дигитализација на односот на бизнис секторот кон државата – истакна тој.
Министерот вели дека кога стапил на функцијата во Министерството и со формирањето на Министерството, порталот uslugi.gov.mk имал помалку од 110.000 корисници, а во моментот, кажа Андоновски, бројката стигнува до 195.000 корисници, што значи дека за година, година и два-три месецa, има дуплирање на бројот на корисници на порталот.
Со министерот МИА разговараше и за сајбер безбедноста, за примената на вештачката интелегенција во земјата, како и со каква инфраструктура и ресурси располага Македонија за примена на дигитализацијата.
Следува интервјуто во целост:
Северна Македонија идната недела е домаќин на Дигиталниот самит за Западен Балкан. Каков предизвик и можност е организацијата на самитот за државава и што ќе понуди од аспект на тематски содржини и учесници?
– Македонија и Скопје еднаш имаат организирано ваков самит, практично првиот од Дигиталните самити на Западен Балкан се има одржано во Македонија во 2018 година. И оттогаш Самитот ротираше во државите членки на Западен Балкан 6 со пауза до 2023-2024 година. За жал, не се успеа, никој не ја презеде организацијата. И за нас како Министерство беше голем предизвик да ја преземеме организацијата минатата година и да го организираме овој дигитален самит. Од повеќе аспекти е предизвик. Од аспект на теми, тоа се најпредизвикувачките теми на денешницата, теми коишто сите ги интересираат и сите не засегаат како луѓе, како граѓани, а и како влада и компании. И од тој аспект беше предизвик да се дефинираат кои се клучните теми за дискусија.
Вториот аспект, ќе имаме над 800 учесници, гости присутни на Самитот од повеќе од 20 држави, истовремено повеќе од 55 панелисти, говорници, што значи тоа е една логистичка огромна бројка која што ќе биде присутна тука во Скопје. Но наша цел беше да го поставиме Скопје повторно на мапата на дигитално развиени економии, Македонија како дигитална развиена држава, а и да покажеме што сме сработиле изминатава година и која е визијата и плановите за во иднина. Можам да кажам дека организацијата оди добро. Немаме трошок за државата, нула денари од државниот буџет се потрошени за организација на Самитот, освен ако не ги сметаме човечките ресурси на Министерството за дигитална трансформација. Многу сум благодарен до тимот во Кабинетот, на организациониот комитет и на сите вработени во Министерството кои беспоштедно се посветија на организација на овој самит.
Теми ќе имаме повеќе, клучни теми се, да речеме сајбер безбедноста, голем интерес имаше на оваа тема. Ќе имаме три панели за сајбер безбедност. Потоа се дигиталните паричници, и меѓусебната соработка на институциите преку интереоперабилност, и дигиталните услуги за граѓаните. Така што, мислам дека овие теми ќе бидат носечки, а секако тука ќе биде и вештачката интелегенција, 5Г и оптичката мрежа, инфраструктурата која што е потребна да се гради во регионот и кај нас и учеството на бизнис секторот, истражувачките мрежи во иновациите, и развојот на дигитализацијата.
Гледавме да покриеме, и тоа е иновација на овој самит што нема да биде самит, не поканивме само политичари, тие се само една третина од панелистите, другите две третини се претставници на бизнис заедницата од Македонија, од регионот и од светот. Тука се претставници на „Мајкрософт“, „Оракл“, „Адобе“, „Дојче телеком“… Ќе имаме говорници на „Јуте“, на „Волт“, на „Фортинет“… Така што, буквално сите клучни играчи коишто се на пазарот на и во регионот, па и пошироко, ќе бидат присутни како панелисти. И третиот елемент се невладиниот сектор, истражувачките мрежи и секако науката и високото образование. Така што мислам дека ќе имаме многу добра компилација на говорници на секој план. Секој панел ќе ги слуша сите три, четири перспективи.
Во најавата за Самитот кажавте дека оваа регионална платформа ќе ги продолжи напорите за дополнително намалување на трошоците за роаминг WB6–ЕУ со цел да се постигне „роаминг како дома”, односно нула трошоци за интернет за граѓаните на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ. Најавивте дека нашите обврски ќе ги завршиме до декември 2025 и оти очекувате наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани. Што е направено за исполнување на условите и што преостанува, по носењето на новиот Закон за електронски комуникации?
– Токму така, јас честопати присуствувам на самити коишто се организираат во цела Европа и си го поставувам прашањето, што граѓаните добиваат од ова. Освен што компаниите, владите, невладиниот сектор и универзитетите се вмрежуваат, остваруваат контакти започнуваат заеднички проекти, некако честопати кај граѓаните се развива чувства дека тие се подзаборавени во целиот процес. И затоа ќе го искористиме Самитот да донесеме заедничка декларација на сите министри од ЗБ 6, со којшто ќе ја поттикнеме, ќе ја повикаме ЕУ да го забрза процесот на прифаќање на овие држави во единствената роаминг зона. Што значи тоа за граѓаните. Тоа значи дека ќе имаат нула трошоци за интернет и за повици во цела Европа. Сега тоа е возможно само во државите од ЗГ, при патување, да речеме, во Црна Гора или во Албанија, не плаќате трошоци за интернет, имате одреден пакет којшто соодејствува на пакетот којшто го имате дома, и исто така за повици, за пораки се исти цените. Тоа планираме да го постигнеме и со ЕУ.
За да стигнеме до тој пат, ЕУ разви еден акциски план, неколку барања до нас за прифаќање на регулативи и директиви коишто се од ЕУ. И ние во голема мера го завршивме тоа со донесувањето на новиот Закон за електронски комуникации кон крајот на јуни месец 2025 година. Остануваат многу малку елементи коишто треба да ги завршиме. Мислам дека ќе успееме тоа да го направиме со измена на определен број правилници во Министерство за дигитална трансформација и во АЕК, како и можеби некоја мала измена на Законот за електронски комуникации. Сето тоа планираме да го завршиме до крајот на годината, а од јануари да започнеме со активно лобирање да бидеме првата држава која што ќе го потпише договорот за роаминг како дома со ЕУ. Не сум сигурен дали другиве држави од регионот ќе бидат подготвени како нас, но не би сакал да ги чекаме. Позитивен пример постои од Украина и од Молдавија, коишто веќе потпишаа вакви договори. Така што, мислам дека можеме да бидеме следни на списокот.
На самитот, според најавите, ќе ја презентирате и првата верзија на Дигиталниот паричник. Кои се придобивките за граѓаните, што покажуваат вашите анализи за перцепцијата на граѓаните на ваквите услуги?
– Оние граѓани коишто користат „Гугл волет“ и „Епл пеид“, тоа се паричниците на „Андроид“ и на ИОС, веќе знаат за што станува збор; тоа се вашите документи во една апликација, вашите лични документи во една апликација. И во истата апликација, затоа ја нарековме супер апликација, ќе ги вградуваме и сите услуги коишто се нудат од државата за граѓаните, за да не одите од портал на портал или од профил на профил за определена услуга, имате ново корисничко име, нова лозинка итн. Така што мислам дека граѓаните ќе ја препознаат новата мобилна апликација. И планираме тоа да биде една апликација за сите потреби на граѓаните коишто се однесуваат на државата. И како ќе се создаваат нови услуги на определена институција, тие да се вградуваат на мобилната апликација.
Ова е една одлична соработка која што ја имаме со министерствата за дигитализација на Полска и на Украина, и во заедничка апликација кон ЕУ, ние се инспириравме од украинската апликација „Диа“; којашто е од овој вид, а станува збор за супер апликација; како и од полската апликација за којашто практично еден од нејзините креатори Јануш Чешински ќе биде присутен и на Дигиталниот самит, првиот ден на којшто ќе дискутираме за оние поволности што ние сакаме да ги пресликаме во нашата апликација.
Граѓаните треба да го замислат тоа како еден паричник со лични документи. Наместо да носите возачка дозвола и лична карта со вас како картички, можете да ги носите во вашиот мобилен телефон и секако сите услуги ќе бидат достапни таму. Тест верзијата ја подготвуваме. Јас ќе ја презентирам и ќе презентираме две услуги коишто ќе ги нуди таа тест верзија. Ќе го опипаме пулсот на граѓаните, ќе ја симнат граѓаните коишто ќе бидат присутни на Самитот, да можат да ја тестираат. И мислам дека до крајот на годината веќе ќе имаме верзија која што првпат ќе ја пласираме на сите отворени мрежи. Така што, мислам дека сите ќе можат да си ја симнат.
На што е предвесник оваа услуга во рамки на дигитализацијата на општеството и кои се идните такви услуги што може да се очекуваат?
– Тоа е предвесник на еден систем којшто вели „дигитал бај дифолт (digital by default)“ и систем којшто вели дека треба да ја добиеме услугата со „ван клик онли (one click only)“. Ако порано праксата беше да се креираат комплексни системи, во коишто граѓаните треба да поминат сериозна обука за да можат да добијат определена услуга, сега и светот, особено приватниот сектор, тоа го форисираше што толку се симпфлицираат и се поедностават процедурите и изгледот на системите, што секој граѓанин без дополнителна обука може да пристапи до една мобилна апликација или до веб-страница, и да си ја заврши работата којашто му е потребна.
Нашата цел е сите услуги, најкористените услуги од граѓаните, да бидат достапни на еден клик, и кон тоа не водат ваквиот тип на апликации. И порталот uslugi.gov.mk ќе го следи овој процес иако ние веќе започнавме со еден редизајн минатата година. Секоја нова надградба на порталот ќе значи упростување на изгледот и полесни и подостапни услуги за граѓаните и за компаниите. И ова е предвесник на севкупната дигитализација на услугите, што значи дека следната фаза ќе биде дигитализација на односот на бизнис секторот кон државата.
Исто така, ќе се фокусираме на најкористените услуги. Јас кажав минатата година, ние дигитализиравме голем број услуги по бројка, но оваа година дигитализираме услуги коишто навистина граѓаните ги користат. И затоа е таквиот скок на корисност на порталот. Во таа насока ќе продолжиме бидејќи мојата цел е да имаме целосно дигитализирани услуги до крајот на мандатот до 2028 година.
Како ја оценувате состојбата со инфраструктурата за реализација на планираните активности за дигитализација?
– Не е совршена, не можам да кажам дека се наоѓаме во најдобра можна ситуација, иако ние инфраструктурно имаме одлична покриеност со интернет и одлична покриеност со оптичка мрежа од над 85 отсто, што значи дека граѓаните можат да бидат поврзани на прилично едноставен начин со брз интернет, што значи дека ќе имаат достапност или имаат достапност до интернет. Што се однесува до инфраструктурата на државата, особено за складирање на податоци, таа не е многу добра. И затоа работиме на физибилити студија за изградба на примарниот податочен центар или центар за податоци во Скопје, којшто ќе го поврземе со секундарниот којшто е изграден во Прилеп, за да ја фокусираме опремата на државата за складирање на податоци на едно место и да го генерираме тој владин облак кога тоа ќе се изгради.
Паралелно со тоа работиме на инсталација на оптичка мрежа помеѓу институциите, за тие да бидат поврзани на таа оптичка мрежа, за полесна и побрза комуникација и се надевам дека и тој процес ќе оди паралелно со Дата центарот. А паралелно со тоа, затоа што не смееме да чекаме прво да изградиме инфраструктура па потоа да се дигитализираме, ние веќе работиме на оптимизација на ресурсите во нашето Министерство, за да понудиме најдобра можна грижа до денот додека не се изгради тој примарен дата центар. Сè на сè, имаме уште доста работи. Инфраструктурата е предизвик, но мислам дека модерните можности на клауд, на изнајмување простор и комбинација од неколку хибридни модели ќе ни дозволат брзо да се развиваме, независно од инфраструктурата.
Во тој контекст, што преземаме за поголема безбедност на комуникациските мрежи и какви се капацитетите за справување со сајбер заканите? Неодамна беше донесен нов закон – до каде сме со примената?
– Тој закон е нашиот Акциски план за наредните три години. Не е закон којшто од првиот ден може да се имплементира и ќе биде наша одредница за тоа до каде сме стасале и ние и приватниот сектор во реализацијата на сајбер-безбедноста.
Премиерот ова многу добро го објасни, дека сега ние штитиме стотици различни системи во исто време. И тоа е невозможно за држава на ова ниво на развој, па и за секоја држава во развој. Токму затоа е многу важна инфраструктурата што ќе ни помогне да штитиме две или три позиции и да бидеме сигурни дека тие позиции се целосно заштитени. Тоа ќе го правиме со дата центарот, со секундарниот дата центар во Прилеп и со владината оптичка мрежа, затоа што на тој начин, заедно со останатите институции што се грижат за безбедноста и одбраната, најлесно ќе можеме да го штитиме системот.
– На пример, ако некоја општина ненавремено ја обновила својата антивирусна програма и закачи некој вирус, па испрати во системот таков вирус, тој вирус може лесно да стигне до некоја друга институција. Ако вие го штитите целиот систем на една позиција, не мора да ја штитите само таа општина, туку ги штитите сите заеднички. На тој начин во моментот функционира платформата за интероперабилност. Тоа е платформа – јас ја нарекувам нашиот дигитален автопат – каде што се поврзани преку 70 институции и таа, на пример, ве штити од останатите. Таму не може некоја институција да пренесе malware, некој вирус, затоа што самиот систем е направен така што тој се штити и ги враќа назад овие т.н. заразени системи. Но имаме доста работа во поглед на сајбер-безбедноста.
Тоа е одговорност на сите. Како што се грижи секое одговорно лице во институциите да не му се случи поплава, да не му се случи пожар и да има начин како тоа да го спречи ако се случи, на истиот начин треба да се грижат и за сајбер-нападите.
Неизоставен дел од овој пакет се електронските услуги за граѓаните. Минатиот месец почнавте кампања за промоција на Националниот портал – uslugi.gov.mk. Каков е првичниот исход и колку услуги и корисници има овој портал?
– Кога првпат дојдов во Министерството, и со формирањето на Министерството, порталот имаше помалку од 110.000 корисници. Во моментов бројката стигнува до 195.000 корисници, што значи дека за една година, година и два-три месеци, имаме дуплирање на бројот на корисници на порталот. Еден аспект што ме радува е што имаме над 260.000 корисници на системот за единствена најава, којшто значи дека тоа е една лозинка, едно корисничко име за сите потреби кои ги имате кон државата, без да памтите десетина различни лозинки. Искористеноста на порталот е значителна. Ако месечно имавме околу 1.200 трансакции до моментот на моето доаѓање, сега имаме 15.400 трансакции – ова го проверив утрово – што значи дека граѓаните вистински го препознаваат порталот. Но и донесовме услуги кои се корисни за граѓаните и често им се потребни, како што се уверението за државјанство или потврдата за неосудуваност (сите три потврди – казнена, прекршочна и кривична евиденција). И вториот елемент: мислам дека направивме еден законски трик кој ни успеа, а тоа е да ги признаваме сите документи од порталот кога ќе ги испечатите, да бидат целосно валидни како документи со оној традиционален син печат.
Овие два аспекта – бројот на услуги кои навистина им се потребни на граѓаните и тоа што секој документ испечатен од порталот е прифатен од институциите – мислам дека го направија овој бум со 15,5 пати поголема искористеност на порталот. Продолжуваме во оваа насока. До крајот на годината ќе објавиме нови услуги што ги користат граѓаните. Ќе најавиме услуги со Министерството за енергетика, со кое многу напорно работиме во изминатите месеци. И уште неколку услуги со Државниот завод за статистика. Таа комуникација се покажа како многу добра, но тука има една табела со институциите со кои соработуваме и секоја од нив, како што ќе биде подготвена, така ќе ги публикуваме услугите и со нив. Имаме еден динамичен процес, веќе имаме план за наредните десет месеци како ќе се одвиваат процесите. Често велам дека тоа е предизвик, затоа што работите со други институции – не зависи сè од Министерството за дигитална трансформација. Јас правам еден вид притисок и во јавноста и на седници на Влада за тој процес да добие поголема динамика, но стоиме на располагање на сите институции кои сметаат дека можеме да им помогнеме, повторно да искомуницираме и да направиме состанок за да почнат процесите и кај нив.
Има интерес – одредени институции постојано ни се јавуваат, имаме соработка и постојано се случуваат нови работи. Некои малку каснат, малку се поназад, мислам дека можеби недоволно го разбираат порталот и погодностите што ги нуди. Но стоиме на располагање да објасниме, да помогнеме.
Многу едноставен пример е Министерството за култура. Тие немаат внатрешен електронски систем на кој работат, туку сè се случува на порталот, а целиот конкурс или сите конкурси за финансирање на проекти од културата се на Националниот портал за услуги. Практично, тие без внатрешен систем – целосно на хартија – работат исклучиво на порталот, а порталот функционира целосно дигитално. И целиот процес е дигитален, независно од тоа што Министерството за култура нема внатрешен систем, и тоа функционира одлично последните три години. Тоа е проект кој го наследивме, само го надоградивме, и оваа година конкурсот за култура ќе оди на Националниот портал. Така што мислам дека имаме одлична соработка која покажува резултати и ќе покажува резултати и во иднина.
Вештачката интелигенција е сè поактуелна тема и секојдневие, како носител на многу можности, но и предизвици. Како стоиме на тој план – за примена, за кадар што ќе се вклучи, но и ќе биде исклучен од работните процеси – и како ќе обезбедиме одговорно управување со процесите? И кои се предизвиците и ризиците за примената на ВИ и дигитализацијата во образованието?
– Тоа е навистина предизвикувачка тема. Минатата недела бев во Букурешт на еден од најголемите самити за оваа година со тема вештачка интелигенција. Ме прашаа дали е еволуција, револуција, разочарување или апокалипса. Мислам дека е револуција, но не можам да кажам дефинитивно дали ќе оди во позитивна или негативна насока – и тоа ќе зависи од нас, луѓето кои ќе ја користиме оваа алатка. Треба да сфатиме дека ова е машинско учење кое инженерите го препознаваат веќе 30 години, само многу надградено и отидено во екстремна генеративна интелигенција која произведува говор, слика, видео-материјал, музика… Така што начинот на користење ќе дефинира дали ќе биде за добро или за лошо.
Јас не сум поборник на тоа ние да регулираме по секоја цена, особено што не знаеме како ќе се развива, а и големите јазични модели не се на македонски. Ние, паралелно со процесот на тестирање и пред да регулираме, ќе работиме на еден проект со ФИНКИ и со останатите факултети за развој на првиот голем македонски јазичен модел, кој на македонски јазик ќе ги апсорбира информациите и ќе враќа информации повратно. За тоа да го направиме, потребна ни е дигитализација на голем дел од литературното богатство што го имаме во Македонија.
Што се случува во моментов? Хранејќи ги другите големи јазични модели, нашите соседи и други држави практично вршат еден вид асимилација на македонскиот културен и цивилизациски простор со историски наративи и културолошки и цивилизациски елементи кои не одговараат на вистината и не одговараат на македонскиот контекст. Затоа мора да работиме на овој елемент, примарно како Министерство. Со тој Акциски план, кога ќе бидеме при крај со реализацијата следната година, тогаш веќе можеме да преминеме во втора фаза – да регулираме една мека регулација на вештачката интелигенција, за да ја поттикнеме како развој, како потреба и како алатка.
Во образованието, министерката Јаневска зборуваше за примена на етички стандарди, кои веќе ги подготвуваат – еден прирачник што го испратија во училиштата и започна да се користи. Ние ќе се надополниме на тоа со проектот „Школи на 21-от век“ со Британскиот совет, со кој ќе работиме на промоција на вештачката интелигенција од мали нозе во основните училишта, почнувајќи од најруралните средини и постапно до Скопје. Овој повеќегодишен проект ќе значи практична употреба на микробитови, микрочипови, вештачка интелигенција, малку и сајбер-безбедност, за ученици од основното образование. Сакаме да допреме до сите ученици во државата. На тој начин тие ќе имаат двојна корист – ќе го користат тоа во сите наставни програми поттикнати од МОН и ќе имаат и практична работа со овој проект што ние ќе го реализираме.
Извор: МИА