Љупка Делева, визуелен уметник / Фотографија: Ана Трајковска

Интервју со Љупка Делева за ретроспективната изложба во Чифте амам: Постојано пластам нови искуства и умешности

По повеќедецениското живеење и творење во Венеција, македонската авторка Љупка Делева го презентира својот најнов проект „Трансформации – Flusso – Flux: 1998–2025“ во Чифте амам при Националната галерија во Скопје.

Изложбата „Трансформации – Flusso – Flux: 1998–2025“ е мултимедијален архив на творечкиот опус на Љупка Делева, вклучувајќи фотографии, видеа, перформативни акции, акварели, цртежи, интервенции и други визуелни експерименти. Особено значајно е тоа што голем дел од овие проекти за првпат се прикажуваат пред домашната публика, отворајќи простор за комплексна визуелна и концептуална анализа на трансформациите во уметничката практика.

Изложбата беше отворена на 18 септември во Чифте амам и ќе трае до 9 октомври. На отворањето, покрај визуелно, имавме можност и вербално да го осознаеме творечкиот пат на Љупка Делева.

Твоја изложба со ретроспективен карактер е поставена во објектот Чифте амам при Националната галерија. Каков ангажман беше потребен да се подготви изложбата?

– Моето претставување го одложував поради пандемијата, иако години наназад Министерството за култура го одобруваше проектот. Немаше авионски летови, Италија беше многу затворена и не можев ни да помислам да подготвувам изложба „на далечина“. Но, примораноста да ги совладаме дигиталните алатки за комуникација, направи и тоа да се случи: целата комуникација со мојата кураторка Ана Франговска се одвиваше онлајн, преку зум, пораки, имејл…

Ангажманот беше комплексен. Требаше да се праќа целиот мој дигитален архив до кураторката за да направи увид во она што сум изложувала во Италија, да се направи првичен избор, а потоа да се „спакуваат“ старите и поновите дела во едно течение на визуелна презентација за да се претстават во еден импозантен објект како Националната галерија, поточно објектот Чифте амам. Потоа, втората фаза беше работа во живо, заедничко конципирање и на крај конкретното поставување во просторот.

За вакво претставување треба да се достигне зрелост, да пројдат години на искуство, но и храброст сопствените ставови и интима да се „дадат“ пред префинетата критичка скопска публика / Фотографија: Ана Трајковска

Многу години живееш во Венеција, не можам да се сетам дека претходно си имала вакво претставување во Македонија?

– За вакво претставување треба да се достигне зрелост, да пројдат години на искуство, но и храброст сопствените ставови и интима да се „дадат“ пред префинетата критичка скопска публика. Особено ме радува што забележувам многу странци кои се заинтересирани за објектите од историска вредност низ чаршијата, а со тоа и мојата изложба, што ќе трае до 9 октомври, ќе има можност да ја види и интернационална публика, која сигурно не очекува спој на отоманска архитектура, турска бања, амам, со изложба на современа уметност. Тоа се контрасти што предизвикуваат одушевување, според реакциите на туристите кои ги забележував при самото местење на изложбата деновиве.

Веќе во насловот е посочено дека станува збор за избор на дела на темата трансформација во периодот од 1998 до 2025 година. На кој начин беше направена селекцијата на изложените дела?

– Селекцијата ја направивме со кураторката Франговска, и по принципот „less is more“ (помалку е подобро) сѐ повеќе го стеснувавме изборот за концептот да биде „фатен“ во својата есенцијалност. Сакавме Чифте амам да дише со делата, да се спојат со оваа архитектонска симетрија по хоризонтала, но и во вертикала. Со звукот и музиката, но и со тишината на белите ѕидови и ѕвездените куполи. Изборот многу се стесни во последната фаза, кога готовите принтови ги донесовме во просторот. Мислевме дека нема да има доволно дела за да се исполни целиот простор, но на крајот, после ригорозна селекција од страна на Ана, се одлучивме за она што сега е претставено во сите сали на амамот, а тоа се четири видеа, еден звучен запис, дигитални фотографии, изложбени витрини со документација, доста текст како содржаен, но и визуелен елемент.

Во основата на проектот е трансформацијата на идентитетот погледната низ постмиграциска призма. Колку, на некој начин, изложбата е автобиографска?

– Многу. Ако делото не е проживеано низ филтерот на оската – ум, срце и тело – нема автентичност, нема сок, тоа е само блеф и памфлет. Мислам дека тоа го почувствуваа и посетителите на отворањето, некои ми ги кажаа впечатоците, дека она што е изложено ги допрело, ги возбудило, дури и ги трогнало. За мене како автор е многу битно да го имам фидбекот од публиката.

Во некои изложени дела – концепциски целини, повеќе е изразена лирска нота, во некои критички став, како што, всушност, е и самото чувство на емигрантот кога е далеку од местото каде што е роден. Доволна е една нота од позната песна да те врати во некои минати времиња. Оттука е и настанувањето на видеото „Истокот се сретнува со западот… покрај водата“.

Ако делото не е проживеано низ филтерот на оската – ум, срце и тело – нема автентичност, нема сок, тоа е само блеф и памфлет / Фотографија: Ана Трајковска

Како лично успеа да изградиш свој уметнички идентитет во простор кој на почетокот беше непознат за тебе?

– Мислам дела уметникот каде и да се движи со себе ги носи сензибилноста и изразниот гест, кој не може да се скрие. Идентитетот, според мене, е флуидна категорија, се спојува и поприма од околината каде што престојува, впива и се менува. Јас постојано се надградувам, пластам нови искуства и умешности. А со годините подобро и поконкретно го артикулирам на уметнички план сето она што како идеја тлеело во мене. За сѐ е потребно време, но и да се ужива во она што се прави, да е задоволство, а не обврска.

Низ какви фази на трансформација минуваше сите овие години?

– Трансформациите се на внатрешен, но и на надворешен план. Велат, дали сме ние она што го правиме (работиме) или обратно? Мислам дека во мојот случај сѐ што правам во Венеција е низ призмата на уметноста (Art is life). А Венеција дише со спонтаност и убавина од секое ќоше, а со тоа е и доста податлива за инспирација.

Личната трансформација при самото преселување не ја доживеав како нешто остро, никогаш се немам почувствувано како странец, но секако дека во почетокот имаше многу опсервација на новата реалност, но и толерантност кон самата себе дека не може сѐ одеднаш да се восприеми и разбере.

Карактеристика на поставката е нејзината мултимедијалност. Тоа е последица на различен пристап во текот на годините или е концепт на изразување?

– Обожувам нови предизвици. Последните мои работи се во техниката суми-е. Но и акварел, а сакам и да си играм со подвижните слики, спојот на звукот со атмосферата од снименото… Повеќе тоа е, можеби, мојата природа, мојот дух. Но и цикличното навраќање на темите и медиумите.

Мултидимензионалност, исто така, би дополнила, во однос на темите кои се во мојот интерес, од секојдневието, мајчинството, ангажирани теми… Сметам дека уметноста, особено во оваа наша сегашност, треба да укажува и на горливите проблеми кои, за жал, се насекаде присутни. Сведоци сме на последните немили настани со фемицидот.

Во таа насока е и моето дело од 2023 година, каде го свртувам вниманието кон насилството кон жената. Ги избрав пеперутките за да ја раскажат приказната за трите сестри активистки со псевдоним Марипосас. На 25 ноември 1960 година, тие беа мачени и убиени заедно со нивниот возач по наредба на диктаторот Рафаел Леонидас Трухиљо, поради нивниот политички активизам. Нивното убиство, брутален чин на родово насилство, беше прикриено како несреќа. Нивната приказна е толку симболична што Обединетите Нации го воспоставија овој датум како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените.

Љупка Делева и Ана Франговска на отворањето на изложбата во Чифте амам / Фотографија: Ана Трајковска

Како се одвиваше соработката со кураторката Ана Франговска во однос на дефинирањето на концептот и поставувањето на делата во галерискиот простор?

– Со Ана имаме навистина добар „flow“. И двете сме конкретни, реални, но и толерантни во заемните различности. Ги почитуваме нашите ролји во ова „танцување“ при подготовка и реализација на изложбата меѓу куратор и уметник. Ана лично ја запознав во Венеција, кога ги курираше македонските павилјони. За соработката со неа на оваа изложба се заслужни Соња Абаџиева, која ми ја посочи Ана за идна соработка, и Дита Старова Ќерими, тогашна директорка на НГМ, за повторно да конкурираме по ковидскиот стенд-бај период.

Конкретно во галерискиот простор, со доаѓањето на целиот материјал на лице место се материјализираа идејните и концептуалните поврзувања, онаа црвена линија која ги поврзува новите и старите дела. Целиот овој период ќе ми остане во убаво сеќавање баш и поради интензивната комуникација со Ана. Мислам дека во овие неколку дена на блиско работење напластивме многу нови спомени, нови мали, но значајни искуства.

Љупка Делева, Соња Абаџиева, Јасна Франговска и Ана Франговска / Фотографија: Ана Трајковска

Често се појавуваш на припомош на македонските екипи кога се претставуваат на уметничкото или архитектонското биенале во Венеција. Како го чувствуваш македонското присуство во „твојот“ град?

– Чувствувам голема радост! Тоа е момент кога во срцето на Венеција го говорам македонскиот јазик со многу луѓе одеднаш. Припомош можеби мислите и на моите известувања со пишан збор? Од 2003 година го следам Биеналето и понекогаш, кога ќе добијам инспирација, ќе напишам статија за нашите претставувања.

Но и конкретно ја промовирам македонската уметност во Венеција, во 2023 година и со самостоен мој личен проект со 31 уметник за Венеција, а во 2024-та со организирање на изложба на ДЛУМ во галеријата „Кунст Депот“. Со промотивна активност продолжувам и понатаму, веќе е во подготовка изложба на еден наш автор, но сакам и италијански уметници да донесам во нашата земја.

Колку живеењето во Венеција е привилегија и дали има и негативни аспекти поради масовниот туризам?

– Да, привилегија е, но и голема магија, мора да се осознае градот од некој скриен агол за да се продре до суштината. Градот пулсира со ритмите на водата, со плимите и осеките, со рефлексивните зими и екстровертните лета. А масовниот туризам напаѓа секаде, но и „џепарошите“ (pickpockets)… долга приказна.

Како се чувствуваш кога си во Скопје?

– Чувствувам микс на брзо, динамично темпо на живот, но и развлечено време во некои ситуации. Секое ново доаѓање ми е ново мапирање на градот, но и дружби со луѓе што се „мои“; убави моменти со мојата потесна и поширока фамилија. Кога ќе дојдам, приоритет ми се мајка ми, сестра ми, а особено внука ми Ева, која ја гледам како расне во прекрасно девојче. Радост се децата, нашата иднина. Верувам дека ќе го сменат светот! Затоа оваа изложба му ја посветувам на мојот син Николо.

Ана Франговска, куратор на изложбата / Фотографија: Ана Трајковска

Двојна позиција – Хибриден идентитет

– Проектот се занимава со трансформацијата на идентитетот низ призма на транснационалност, хибридност и постмиграциски субјективитет. Идентитетот се артикулира како процес на перманентно конструирање и реконфигурација, каде чинот на стекнување ново државјанство функционира како институционализиран акт кој влијае врз самоперцепцијата на субјектот – симболички „нов слој“ што ја структурира динамиката на припадност и неприпадност.

Делева ја истражува двојната позиција на современиот мигрантски субјект, кој е истовремено емигрант (од напуштање на татковината) и имигрант (во процес на адаптација во новата културна средина). Проектот ја артикулира миграцијата не само како географско преместување, туку како онтолошка и естетска состојба: идентитетот е во постојан флукс помеѓу културите, социјалните улоги и родовите позиции.

Покрај транснационалната димензија, проектот ги истражува и родовите и социјалните аспекти на идентитетот, особено конфликтот помеѓу улогата на граѓанин, мајка и на уметник, како и нивната интеракција со постмодерната и постколонијалната рамка на хибриден идентитет. Така, изложбата се движи кон критичка рефлексија на опоненции, константна реконфигурација на субјективноста и визуелното артикулирање на личниот и колективниот процес на идентификација.

Во таа смисла, „Трансформации – Flusso – Flux: 1998–2025“ ја артикулира универзалната состојба на современиот мигрантски субјект: флуиден, хибриден, контекстуално конструиран, секогаш во процес на критичка и естетска реинтерпретација, кој се позиционира на меѓупросторот помеѓу културите, нациите и социјалните улоги – истакнува д-р Ана Франговска, куратор на проектот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 299, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот