Фото: Приватна архива

Интервју со Ламбе Алабаковски: Моите претрпеа страв да не останам по судници

Ламбе Алабаковски е постојано актуелен во јавноста, откако пред две години со семејството реши да се врати од Америка во Македонија. Гордиот преспанец сѐ уште најмногу го сака своето родно село Љубојно, а живее недалеку од него, во Битола – сопругата Магдалена е битолчанка.

Ламбе јавноста не го заборави и кога не беше музички активен, а сега е среќен што старите хитови некои ги оживува на настапи со својот бенд, а најавува и нови песни.

Минатата година, откако беше уапсен по обидот да го запали бугарскиот клуб во Битола, вели дека претрпел голем стрес, но не поради стравот за себеси, туку за поради грижата за неговото семејство. Дел од неговите соработници се пошегуваа на негова сметка за преработката на песната „Оган да го гори“, која постоигна голема популарност. Ламбе вели дека и тој самиот се пошегувал на своја сметка за насловот на песната, и дека одамна сакал да ја испее, затоа што му е во срцето.

„Оган да го гори“ е песната која ја испеа на проектот „Македонијо во срце те носиме“ и веќе постигна голема популарност. Зошто токму оваа песна, чиј избор беше?

– Оваа песна ја знам и имав желба да ја испеам уште од дете. Ќе речам дека песната ме одбра мене бидејќи одбрав друга песна, но таа веќе беше снимена и моравме да смениме, па со радост ја прифатив. Навистина ми е мило што песната има огромен број прегледи и позитивни реакции, бидејќи не секогаш е лесно преработка на песна да им се допадне исто или повеќе од оригиналот на луѓето.

На промоцијата, Бојана Скендеровски добронамерно се пошегува дека ти се погодила песната со оглед на случувањата минатата година. Беше ли подготвен дека самиот наслов со зборот оган може да се користи како шега на твоја сметка?

– И самиот се пошегував на насловот со соработниците кои исто така се пошегуваа во однос со ланските случувања. Оган да го гори секој кој ќе ми ја допре мајка Македонија злонамерно, ќе кажам и стојам зад тоа.

Фото: Скриншот/Јутјуб

Како сега, една година потоа гледаш на оваа случка. Научи ли нешто од ова искуство, те смени ли како личност?

– Сите учиме во животот додека сме живи. Ланските случувања се нешто ново и за првпат во мојот живот. Некогаш се менуваме по големи стресови и удари, но ќе речам дека сѐ излезе не во моја полза туку во полза на народот и правдата. Моите можеби повеќе претрпеа од стравот да не останам по судници. Но, не се плашам и спремен сум на сите последици, треба да ни е јасно дека, пред сѐ, треба да ни се интересите за Македонија.

Назад во твоето детство, кои македонски традиционални и патриотски песни се пееле кај вас дома и во твоето Љубојно?

– Уште чуваме и плочи и касети. Песните од Бадев, Васка Илиева Сариевски, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски беа секогаш пристуни кога бевме со гости.

Фото: Приватна архива

Како е татко ти, каков однос имаш со него, знае ли и сега да ти даде некој вреден совет, без оглед што си возрасен и имаш свое семејство?

– Татко ми е веќе пензионер и секогаш е на мојата страна и поддршка за сѐ, често знаеме и заедно да музицираме, да пееме така се одржуваме и во добра кондиција. Мило ми е што е вљубеник во природата и планината.

Имав можност да ја запознаам твојата сега покојна баба. Кои се највредните нешта кои ги научи од неа, особено во периодот кога како многу млад ја загуби мајка ти?

– Да, често ја спомнуваме баба ми Менка, беше преполна со љубов кон сите луѓе, тоа ни остана како пример и спомен какви треба да сме кон луѓето, со многу љубов и разбирање. Често и пеевме заедно, сакаше да пееме и да ме гледа кога пеам. Многу се радуваше. Велеше: „Од сите талентирани во фамилијата ти најмногу успеа, да си ми здрав жив.“

Семејството на Ламбе / Фото: Приватна архива

Каков татко си ти денес, дали со Магдалена сте строги родители? Какви деца се Михаил и Димитриј, за што се талентирани?

– Понекогаш сме строги, но се трудиме да бидеме другари со децата, но сепак да се знае авторитетот на родител. Денес децата растат во еден хаотичен свет, па секогаш има нови предизвици. Михаил оди во нижо музичко, а Димитриј е сѐ уште мал за да откриеме талент. Јас никогаш нема да ги притискам да се вртат кон музиката, сепак е тоа нивна одлука. Се трудиме и што помалку време да поминуваат на екрани, а повеќе да се насочени кон креативни игри и да се надвор во природа.

Колку Магделена ти е реален критичар? Како таа се навикна на животот во Македонија по долги години во Америка, зажаливте ли во некој момент што се вративте дома?

– Најголем критичар е и секогаш отворено ми зборува за сѐ. Не жалиме воопшто што се вративме, таа се навикна лесно бидејќи секоја година беше тука на одмор.

Ламбе и Магдалена / Фото: Приватна архива

Каде настапуваш сега, каде може да те види публиката и кои ти се следни планови за нови песни, настапи?

– Настапуваме со мојот бенд „Марифет“ по локали низ Македонија, често сме и во Битола, спремаме и концерт наскоро, прв ова лето. Концерт ќе имаме во Кратово на 8 јули, па догодина е мојот 20-годишен јубилеј од кариерата и сакаме да го заокружиме со еден поголем концерт. Работам на две нови песни од кои едната ќе излезе ова лето во рамките на фестивалот „Серенада“ во Битола, кој оваа година по долго време е возобновен и ќе ја продолжи долгогодишната традиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!