
Интервју со Крсте Роџевски, вокалист, гитарист и сонувач: По тишината, музиката е најкраткиот пат до емпатијата
Публиката во Скопје ќе има ретка можност да ужива во македонските композиции на Крсте Роџевски, претежно од неговиот култен првенец „Батанија“ и од неговиот најнов албум „Крстена вода“, кои ќе ги изведе заедно со Томика Рид, а настапот ќе го збогатат специјалните гостинки Вера Милошевска-Јосифовска и Дина Јашари.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Музичката соработка меѓу Крсте Роџевски и Томика Рид започна пред десетина години. За време на ковид-пандемијата, Крсте и Томика живееја извесен период во истото маало во Чикаго – Вест Луп, каде што го продлабочија своето пријателство, инсајд-хуморот и размената на идеи и концепти. Оттаму разиграноста и детската спонтаност во нивните изведби, во кои големите идеи се претставени на соголен и едноставен начин.
Крсте Роџевски живее и работи во Њујорк од крајот на 90-тите години. Зад себе има седум студиски албуми за издавачки куќи во САД и во Грција. Томика Рид е добитничка на грантот за генијалци на Фондацијата „МекАртур“. Публиката во Скопје ќе може изворно да го почувствува нивниот заеднички музички дух на концертот што ќе се одржи на 13 септември, во 20 часот, во големата сала на Филхармонија.
Со виолончелистката Томика Рид сте на мини-турнеја во овој дел од светот. Покрај скопскиот концерт, каде настапувате овие денови?
– Имавме настап во Софија, на 11 септември. Можно е да се случи уште еден, таен концерт, не смеам да кажам каде и кога, во спротивно не би бил таен, нели? Централниот настан ќе се одржи во Скопје и нашиот главен фокус е токму таму.

Вашиот концерт во Скопје е на 13 септември во салата на Филхармонија. Каква програма подготвивте за концертот?
– Ова ќе биде акустичен, интимен концерт – гитара, виолончело и глас. Ќе изведуваме авторски композиции на македонски јазик, претежно од албумите „Батанија“ (Batania) и „Крстена вода“ (Krstena voda). Првиот е носталгија за минатото што никогаш не се случи, а „Крстена вода“ е последниот албум што беше снимен како соло концерт, во студиото „Бункер“ во Бруклин. Ќе изведеме и неколку песни од филм, а можеби ќе одлучиме да отсвириме и нешто спонтано, на самото место.
Нашата замисла е да имаме музички дијалог на сцена, да биде меланхолично, но разиграно, нежно, ама и со боцки и гребнатинки. Ќе имаме и две гостинки: Дина Јашари и Вера Милошевска-Јосифовска. Мислам дека со нивните гласовни фреквенции ќе се размрда малку програмата, што ќе придонесе за поголема шареноликост. Голема, раскошна сала, со две столчиња на сцена.
Јас иницијално го замислував концертот во помал простор, но Шурбе инсистираше, а јас сум послушен, и го прифатив предизвикот. Нестрплив сум да почувствувам каков повратен бран ќе дојде од публиката кон сцената и дали ќе можеме да ги издржиме енергијата, очите, тишината и очекувањата од и кон нас.
Би сакале публиката да дојде подготвена т.е. олабавена и да ја слушне приказната како баба што му чита басна на внучето. А се радувам што во публиката ќе има и гости од различни делови на светот, блиски пријатели, од Чикаго, Австралија, Јапонија, Бразил… кои треба да ги пречекаме заедно со Томика кај мене дома, во мојата „дневна соба“.

Со Томика Рид имате повеќе соработки во поширок состав. Дали првпат настапувате како дуо и како ја направивте селекцијата на нумерите што ги изведувате на концертот?
– Вторпат настапуваме со Томика во Скопје, првиот пат беше на „Оф-фест“ во 2019 година, во една поширока бендовска формација, заедно со Кирк Кнафке, Мери Халворсон, Мајкл Бланко и Тома Фуџивара. Но, овој пат, првпат, настапуваме како дуо, соголено и сирово, со помалку пердуви. Селекцијата на песните ја направивме спонтано. Измешавме композиции од двата албума според емотивната приказна и разврска, а потоа ставивме пролог и епилог.
Интересно е како многу композиции и текстови од двата албуми се дополнуваат, разговараат и хармонизираат, иако се снимени во период од десет години разлика еден од друг. Како прашања и одговори, но се менуваат кој прашува, а кој одговара. Размислував да „уфрлам“ песни и од другите албуми, меѓутоа концептуално и наративно не ми одговараа, па решив да ги оставам надвор од приказната за овој концерт.

Практично, од кога датира вашето заедничко дружење?
– Со Томика станавме блиски пред десетина години, непосредно пред снимањето на албумот „Bitter Almonds“. Таа потоа свиреше и на сингловите „Горно дупени“ и „Ој, љубов“, а и на албумот „Fair Weather Friends“, кој го снимив во Чикаго кога живеевме привремено во истата населба (Вест Луп). Не зближува тоа што имаме слична музичка естетика и пристап кон композициите.
Томика е фри-џез уметник и импровизатор, ама во нејзината музика има и многу дух, воздржаност, негативен простор, емоција и нежност. Воедно, двајцата сакаме лук, го слушаме Абдул Вадуд, а делиме и иста опсесија со Етиопија како култура. Се сеќавам дека на првата заедничка проба пред десетина години од една композиција спонтано низ хумор преминавме во свирење и пеење на „Personal Jesus“ од „Депеш мод“, по што следуваше смеа и најава на долга соработка.

На кој начин се случува музичари од Њујорк да соработуваат со музичари од Чикаго? Дали тоа е вообичаен начин на комуникација во САД?
– Многу е често и се случува без калкулации или трансакции. Музичарите од овие градови постојано комуницираат, патуваат и свират во најразлични заеднички формации. Чикаго ја има онаа „јужњачка“ и соул/блуз компонента, како и препознатлива електронска нијанса; а Њујорк е повеќе сиров, академски, извалкан и со боцки. Чикаго ги има концертните простори „Constellation“, „Hungry Brain“ и издавачките куќи „International Anthem“ и „Drag City“; Њујорк, пак, ги има „Stone“, „Roulette“, „Mod Reloaded“, „Tzadik“ итн.
Резултатите се прекрасни. А постојат и некои конфликти – многу AACM музичари се преселени од Чикаго во Њујорк, некои од нив имаат конфликтен однос со таа миграција, други, пак, тоа лесно го прифатија. Некои дискографски куќи се повеќе самобендисани од другите итн. Соработката Чикаго – Њујорк не се случува само во џез-музиката, ја има и во другите жанрови, на пример Нелс Клајн со Вилко, Џим О’рурк со „Соник јут“, Леа Бертучи со Оливија Блок итн.
Како музичари однадвор го прифаќаат македонскиот мелос, што е иманентен на твоето творештво?
– Зависи за што се работи. Некои припеви на песни им звучат како џинглови, на некои го чекаат делот Ц (после А и Б, т.н. прашање и одговор) што ретко доаѓа; на некои композиции од Тале Огненовски и Ферус се насмевнуваат; Словенска антитеза забележуваат, а не знаат што е; преводите на некои песни им се премногу реални ама инспиративни; на некои ора и ритми се возбудуваат и сакаат да знаат што се случи; на Вања и Есма просто се губат од убавина. И речиси секогаш го препознаваат зачинот што доаѓа од Индија, од Блискиот Исток и од Северна Африка, оние меѓутонови и вибрацијата.
Понекогаш ми е жал дека некои странски колеги ги забележуваат нијансите и емоциите поискрено, додека некои кај нас дома бегаат и се срамат од сржта. Верувајте ми, она од што луѓето кај нас се срамат и бегаат е најсилниот, најиздржан и најрелевантен музички аргумент што ние го поседуваме. Но, во исто време, не можеме да се занимаваме само со стар мелос и безбројни преработки на истите композиции, ни треба, и тоа како, АВТОРСКА музика. Оти вака, изгледаме мрзливо, апатично и неталентирано, што не сме.
Пред шест години на „Оф-фест“ настапи со твоите американски пријатели во Скопје. Каде на друго место била изведувана музиката од твоите албуми надвор од Македонија?
– Претежно во САД, но и во Бразил, Чиле, Перу, Грција, Јапонија, Конго, Јужна Африка… Не зборувам само за настапи, туку и за радиопрезентација, изведување на песните од други музичари и сл. Мене тоа ме радува, посебно е чувството кога гледаш луѓе претворени во прашалник, тивки и шараат со очите, не знаат за што се работи во наративот, ама нешто како да насетуваат иако не им е јасно зошто и како. Тој простор е најубавиот, тој момент е најнезаборавниот.

Со седум албумски остварувања зад себе, уште колку дамари во твоето срце останаа неоткриени? Како се раѓаат новите инспирации?
– Па, има уште неколку… новите инспирации ми почнаа како лингвистичка или антрополошка студија врз која ставам музика и игра на зборови. А има и една теолошка инспирација на која работам периодов преку електронски композиции. Имам уште неколку приказни во мене, ама жива материја е тоа, некои се губат други се раѓаат, па се надевам некои барем ќе ги запишам и снимам на време.
Сакам да правам музика во различни жанрови, како предизвик, како што патував во 90-тите, стигнуваш во град без мапа, со гитара и скоро без пари, и почнуваш да чекориш во некоја неодредена насока од камионот што те оставил покрај автопат. Така и ја правам музиката. Не сакам да правам музика што само ќе ме потсети на она што веќе го знам, сакам да ме турне, да ме поттикне и да ми ги избуричка внатрешните објектни односи.
Како и колку работата во областа на музиката ги облагородува човековото срце и ум, воопшто?
– Музиката е единствената уметничка форма што постои сама по себе, за себе, независно од сè. Секој што работи или активно слуша слоевита музика има директен пристап до едно место на ирационални емоции, и може да научи како да се толерира амбивалентност, да развие капацитет за апстрактност и да учи и практикува емпатија. По тишината, музиката е најкраткиот пат до тоа место.
Меѓутоа, се работи за двонасочна улица, музиката облагородува, да, меѓутоа и необлагородена душа прави површна музика. Музиката не е само техничка виртуозност, некои вежбаат скали и го бараат идеалното стапало за звучен ефект, а не читаат книга, имаат неиспитани потсвесни мотивации или немаат интроспекција – тоа веднаш ќе се слушне.
Убаво е кога двете работи, музиката и духот, ќе се префатат или преклопат и ќе почнат да резонираат како посебен организам. Јас сè уште се трудам да дојдам до тој звук и се надевам дека еден ден барем ќе се приближам дотаму.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)