Фото: Приватна архива

Интервју со Јагода Пачемска, дизајнерка: Ми требаа 500 црвени каранфили за најцветниот фустан

Јавноста дозна за Јагода првпат во 2015 година, кога на модна ревија се претстави со фустани изработени од свежо цвеќе и го привлече вниманието со своите несекојдневни креации.

Модната креаторка Јагода Пачемска од Велес е единствената дизајнерка кај нас што изработува фустани, чевли и чанти од свежо цвеќе. Јавноста за неа дозна првпат во 2015 година, кога на модна ревија се претстави со фустани изработени од свежо цвеќе и го привлече вниманието со своите несекојдневни креации.

Како да се работи оваа креативна работа и дали се исплати да се дизајнираат фустани, чевли, шапки, чанти од свежо цвеќе Јагода открива во интервјуто за „Слободен печат“.

Цвеќето е најдоминантниот подарок за жената, па кои цветови се најчестиот избор за подарок?

– Како и секогаш, цвеќето е дел од подарокот за жената. Покрај сите цвеќиња, во последно време сè поголема е побарувачката на лалињата. Така што, би ги ставила во најчестиот избор за подарок од страна на потрошувачите, особено од помладата популација.

Фото: Приватна архива

Јагода, Вие сте единствена кај нас, која дизајнира облека и додатоци од свежо цвеќе. Колку од една страна ова е лична сатисфакција, но колку ѝ недостига конкуренција?

– Во склопот на мојата работа, првично како цветен аранжер, а потоа и како дизајнер, никогаш не размислувам за конкуренција, затоа што сметам како и во секоја креативна работа, сите си имаме различен стил на работа, преку кој ја изразуваме нашата креативност. А, додека во делот на дизајнот навистина би сакала да се појави уште некоја личност, која не би ја нарекла конкуренција, затоа што и таа ќе ја изнесе на свој начин својата уметност преку нив, како и јас. Но, убаво би било кога би нè имало повеќе, па така и почесто би можеле да ја воодушевуваме публиката со лични настани од типот на засега врвна уметност на дизајн во модниот цветен свет.

Фото: Приватна архива

Зад себе имате многу модни ревии, неодамна фотосесија… што Ви донесе појавувањето во јавноста?

– Моето појавување во јавноста со модните ревии ми донесе многу професионални соработки со повеќе брендови во нашата држава. И искрено многу ми е драго што имам и соработка со многу личности што се професионални во својот дел на ангажман, како фотографи, манекенки, стилисти, сниматели и други, така што беспрекорно ги завршуваме сите проекти.

Фото: Приватна архива

Да се вратиме малку назад, како почна оваа приказна?

– Уште од моите почетоци јас си создадов свој бренд, затоа што моите аранжмани беа препознатливи помеѓу потрошувачите и љубителите на цвеќето. Но, тоа не беше доволно за мене, па така почнав да изработувам фустани од цвеќе за излогот на мојата цвеќарница. Набргу имав нарачка за во еден бутик, па друг следен предизвик ми беше да изработам носливи фустани од цвеќе што ќе ги видам на манекенки. Така ми се случи мојата прва ревија на Модниот викенд во Скопје.

Што велат Вашите сограѓани во Велес, со оглед на тоа што единствениот моден креатор е токму од овој град?

– Моите драги сограѓани се најпривилегирани публика, затоа што токму тие ја имаат честа лично и во живо да ги гледаат моите креации и да уживаат во нив. Често знаат да застанат и да ми доделат позитивни коментари.

Фото: Приватна архива

Колку време е потребно за изработка на еден фустан? Колку цветови се потребни и кој е најцветниот фустан што сте ги изработиле?

– За изработка на еден фустан потребни ми се од 3 до 6 часа, во зависност од моделот и типот на цвеќе што ќе ги изберам. Моделот со најмногу цветови што сум го изработила е токму еден од фустаните со кои се појавив на мојата прва ревија. Тој беше изработен како балон фустан од 500 црвени каранфили.

Фото: Приватна архива

Како, всушност, се изработува и се креира фустан и шапка од свежо цвеќе?

– Независно дали е тоа фустан, шапка или каков било нослив додаток, јас користам основа на која го прикачувам цвеќето. Предизвикот во целата работа со цвеќето за мене е да го оспособам да ја зачува свежината во времетраењето на целиот настан за каде што е наменето.

Какви цветови користите во моделите?

– Од цветови користам речиси сѐ, но почесто ги одбирам оние со поситни цветови, затоа што ако сте забележале, на повеќето мои фустани во дизајнирањето е нагласена нивната половина. Работам исклучиво со свежо цвеќе и зеленило.

Фото: Приватна архива

Колку се исплати оваа работа и што се случува со фустаните откако ќе заврши нивната промоција?

– Во првиов дел на прашањето би кажала дека за мене најбитно е што со самото остварување на кој било дизајн, јас се чувствувам исполнето, додека, пак, по завршувањето на нивната промоција, завршува и нивниот публицитет. Дефиниција за мојата работа со цвеќето е: моментот е важен.

Колку модни ревии досега имате зад себе, како се прифатени во јавноста и кои се следните предизвици?

– За првпат во пошироката јавност се појавив во 2015 година и со неверување бев толку позитивно прифатена. Зад себе имам 10 модни ревии и уште многу следни предизвици во кои со нивното остварување, се надевам јавноста ќе ужива.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот