Иван Додовски, театролог, писател и научник / Фотографија: Елена Мелончели

Интервју со Иван Додовски, театролог, писател и научник: Треба да ја негуваме современата драма

Меѓу учесниците и гости на 59. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп беше и театрологот, писател и научник Иван Додовски, кој буквално живее со театарската уметност и естетика од најрана возраст.

Повеќе теми за разговор за театарската уметност и драмските текстови се отворија при средбата со Иван Додовски на 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Покрај можноста да се погледне селекција на актуелни претстави на националните театри и на независната театарска сцена, на фестивалот имаше промоции, презентација на нови драмски текстови, а беа врачени и наградите за превод на европската мрежа „Еуродрам“, чиј претседател е Додовски. Сите овие теми дадоа доволен поттик со Додовски да ја разгледаме актуелната состојба во современата македонска театарска продукција.

Иван Додовски е редовен професор по критичка теорија, компаративна литература и културологија на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Автор е на четири поетски книги, збирка раскази и на повеќе студии од областа на книжевноста и театарот.

За својата истражувачка работа ги добил наградите „Хејман“ и „Гертрут Кропер“ од Универзитетот во Нотингем, Англија. За книгата „Мало фолио за театар“ (2018) ја добил наградата „4 Ноември“, а за книгата „Долгата транзиција на Македонија“ (2023), приредена заедно со британскиот историчар Роберт Хадсон, а објавена од лондонскиот издавач „Палгрејв Макмилан“, бил одликуван со државната награда за наука „Гоце Делчев“. Како гостин-предавач држел предавања на универзитетите во Мелбурн, Дарби, Глазгов, Нитра, Јена, Будимпешта и во Познањ.

Деновиве присуствувавте на повеќе претстави и настани на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во каква кондиција е современата македонска театарска продукција, имајќи предвид дека на фестивалот настапија повеќето национални театри во државата?

– Фестивалот, вообичаено, дава пресек на значајни претстави што ја обележале сезоната. Тој е место на вкрстување, согледување, вреднување, паметење. Овогодишната официјална програма понуди редок споредбен увид во различни театарски естетики на домашни режисери од средната и новата генерација: Дејан Пројковски, Синиша Евтимов, Нела Витошевиќ, Куштрим Бектеши, Андреј Цветановски, Ќендрим Ријани, Нина Николиќ, Ивана Ангеловска. Видовме и една нова генерација актери што го гради својот израз покрај големите имиња на македонското глумиште.

Иако можеби не е видливо на прв поглед, се чини дека оваа разновидност е, пред сè, израз на индивидуални стремежи, а не плод на промислена репертоарска политика на националните театри. Во тој контекст, годинава фестивалот направи пионерски чекор објавувајќи конкурс под наслов „Драмолетање“ и избра четири нови, неизведувани текстови што беа претставени пред директори на театри, режисери и продуценти.

Се разбира, драго ми е што и мој текст беше меѓу избраните за овој претставувачки форум, кој има за цел да се поттикне поставувањето дела од македонски автори. Нема македонски театар без македонска драма. Тој – како што би рекол Конески – „прост и строг“ факт треба да биде императив за репертоарот на нашите театри. И дома и надвор, нам ни треба нашиот глас, нашиот поглед кон себе и кон светот. Не можеме да очекуваме дека ќе се себеразбереме и дека ќе нè препознаваат другите само преку светските класици, ако сами не сме овозможиле да се развива и да се игра на домашните сцени современа македонска драма.

Промоција на монографијата за Битолскиот народен театар на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп / Фотографија: МТФ „Војдан Чернодрински“

Бевте дел и од промотивните настани на фестивалот. Меѓу другите се одржа и промоција на монографијата за Битолскиот народен театар, чиј автор сте Вие. Каков потфат и предизвик беше создавањето на монографијата?

– Јас растев со овој театар. Уште како дете, таму првпат ме однесе татко ми Владимир Додовски, кој кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, околу две години, беше директор на овој театар. Од мал имав привилегија да ги гледам сите премиерни изведби. Можете да си замислите каква фасцинација беше за мене да ги гледам на оваа сцена великаните на македонското глумиште и некои од најзначајните претстави во македонската театарска историја, поставени од врвни македонски и странски режисери.

Затоа, монографијата по повод јубилејот 80 години на Народниот театар од Битола ја пишував со радост, но и со чувство на долг пред споменот на доајените од оваа сцена. Станува збор за богато илустрирано издание што ја бележи историјата на институционалниот театар на македонски јазик во Битола во периодот од 1944 до 2024 година. Дадени се прилози за претстави, гостувања, награди, ангажирани режисери, актери, сценографи, костимографи и за сите други творци што оставиле печат во осумдеценискиот растеж.

Драго ми е што Битолскиот народен театар успеа да издаде ваква монографија. Театарскиот чин е мигновен, а ова е начин да ја зачуваме меморијата за него. Всушност, тоа е меморија за самите нас, за тоа кои сме и што сме на сцената на историјата.

На фестивалот беа доделени и наградите за најдобар превод на драмски текст во рамки на „Еуродрам“. За што поточно стана збор?

– „Еуродрам“ е европската мрежа за драма и превод, која обединува повеќе од 300 театролози, драматурзи и преведувачи од триесетина европски земји. Преку јавен повик, во непарна година, се избираат најдобри преводи на драми, а во парна година се избираат најдобри оригинални современи драмски текстови напишани на кој било од европските јазици.

Работата на мрежата е организирана преку јазични комитети, односно за секој јазик постои група колеги што го прават изборот. Така, Македонскиот комитет годинава разгледа 20 преводи на македонски јазик и од нив избра три: „Место наречено Некаде“ од Јана Борисова, превод од бугарски јазик на Катерина Маркоска, „Преподобните“ од Славомир Мрожек, превод од полски јазик на Филип Димевски и „Не држи ја линијата зафатена“ од Александра Фелшеги, превод од романски јазик на Ермис Лафазановски.

Во оваа пригода, би сакал да ги истакнам и да им се заблагодарам за работата на останатите членови на Македонскиот комитет на „Еуродрам“: Катарина Коцевска Хаџи Василева, актерка и драмска писателка; Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Дарко Јан Спасов, преведувач, драматург и директор на Театар „Комедија“ во Скопје. Тие со години, внимателно, компетентно и неуморно работат на афирмација на македонска драматика и на драмскиот превод и навистина заслужуваат јавно признание.

Врачување на награда за драмски превод „Еуродрам“ на Филип Димевски / Фотографија: МТФ „Војдан Чернодрински“

Какво е значењето на Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“ во европски, во светски, но и во локални, македонски рамки?

– „Еуродрам“ е паневропска мрежа чија мисија е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. На театарските сцени во Европа, но и кај нас, често се поставуваат дела оригинално напишани на англиски јазик, понекогаш и дела од другите големи јазици или дела на автори од соседни земји. Но, општо земено, не постои систематичен увид во драмската продукција и размена меѓу сите европски земји, на пример, меѓу Македонија и Естонија, Финска и Грција, Бугарија и Чешка итн. Токму таквата размена на текстови и нивното претставување во други културни средини е она што „Еуродрам“ го прави на уникатен начин.

На повикот на „Еуродрам“ се пријавуваат, во просек, од 700 до 1000 драми од сите јазици на европско ниво. Да се има увид во сите нив е колку фасцинантно, толку и тешко. Затоа колегите што прават избор имаат благородна и одговорна задача – да го издвојат најдоброто и потоа да го препраќаат за споделување, за превод и за сценско претставување. Се разбира, за помали земји како Македонија, тоа е драгоцено, бидејќи дава можност да се афирмираат наши автори надвор, но и да се дознае повеќе за најновата продукција во европските земји и најдоброто од тоа да се преведе и да се постави на домашните сцени.

Од 2024 година ја презедовте функцијата претседател на мрежата. Какви обврски носи претседателствувањето?

– Пред сè, тоа е голема чест. Ја координирам работата на „Еуродрам“ со задоволство, со чувство дека заедно со голем број колеги од цела Европа правиме нешто добро и значајно. Најважен настан годинава ќе биде Годишната асамблеја на „Еуродрам“, која ќе се одржи во октомври, во рамките на фестивалот „Забранети значења“ во Лион. Покрај театарски содржини, се очекува програмата да опфати и сценски читања, панел-дискусија за „Театарот на вонредната состојба“ и презентации за драмското творештво од неколку европски земји.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е место на вкрстување, согледување, вреднување, паметење / Фотографија: Елена Мелончели

Во кој правец се движи современата драмска литература и на кој начин тоа се рефлектира во продукцијата на театарски претстави?

– Постои голема разновидност и тешко е да се носат општи судови. Покрај драмската адаптација на класични (сè почесто и прозни) дела, на европските сцени се игра современа драма многу почесто одошто кај нас. По долгиот период на доминација на постдрамскиот театар, видливи се нови трендови. На пример, се пишуваат нови текстови со документаристичка основа, кои се однесуваат на различни општествени проблеми: домашно насилство, екологија, трговија со луѓе, миграции… Има и драми што се навраќаат на интимни теми.

Сепак, важно е да се подвлече дека добриот драмски текст е основа за добра претстава на добар режисер. Обратното не важи, барем не секогаш: и добар режисер тешко ќе успее да направи добра претстава од слаб текст. Пак ќе повторам: треба да ја негуваме современата драма.

Неодамна бевте промотор на книгата „Актерот и просторот“ на британскиот автор Деклан Донелан во Театар Комедија во Скопје. Какви аспекти за театарот открива книгата?

– Деклан Донелан е големо име, режирал повеќе од 40 претстави играни во повеќе од 400 градови на шест континенти. Покрај во Лондон, работел во Париз, Москва и на многу други значајни сцени. Добитник е на четири награди „Оливие“, на Меѓународната награда „Станиславски“ и на Златниот лав на Венеција за животно дело. Книгата што на македонски јазик ја објави Театар „Комедија“ од Скопје ја сумира децениската режисерска практика на Донелан во форма на „клучеви“, кои, според неговото кажување, можат да бидат корисни за актерите при градење на ликот.

Ако можам да сумирам, Донелан смета дека луѓето се актери, изведбата е елементарен аспект на животот. А животот зависи од контекстот, односно – од просторот. Нашиот живот е обид да се поправи, промени, усоврши тој простор, обид да го направиме поубав или барем поподнослив. Но, просторот нé одредува, а ние само реагираме на неговите удари и промени. Така, и актерот треба да разбере во кој простор игра ликот и како реагира во него. Но, вели Донелан, „просторот не е само околу нас, тој е и во нашите глави“. Се надевам дека книгата „Актерот и просторот“ ќе наиде на интерес не само меѓу театарски професионалци, туку и кај пошироката културна јавност.

Промоција на книгата „Актерот и просторот“ на Деклан Донелан во Театар „Комедија“ во Скопје

Колку е важно, покрај објавата на нови драмски текстови, како и нивно поставување на сцената, да се следат книжевните објави и на теориски дела посветени на театарот?

– Се разбира, ние можеме да напредуваме само преку отвореност. Треба да имаме увид што се прави во други средини, да сме отворени за размена. Нема потреба од страв и изолација. Таков е „парадоксот“ на културата: ќе се почитуваме себеси повеќе и ќе напредуваме само ако ги спознаваме и признаваме и достигнувањата на другите.

Како лично ја дефинирате сопствената посветеност на театарската уметност, покрај сите други обврски што ги имате како редовен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје?

– И покрај сите искушенија, се трудам да се држам до тоа дека секој треба да остане во повикот за кој бил избран. Театарот, литературата, науката, наставата – тоа се мои домени на творечка потрага. Благодарен сум што можам да споделувам и да растам заедно со моите студенти, со одлични колеги, со врвни современици. Творештвото е можеби самотна работа, но во сите нас е вткаен копнежот по заедницата. Театарот е едно од убавите места на споделување.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 285, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.6.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот