Игор Анѓелков, селектор на официјалната програма на „КинеНова“

Интервју со Игор Анѓелков, селектор на фестивалот „КинеНова“: Филмот секогаш бил силен токму во време на криза

Меѓународниот филмски фестивал „КинеНова“ во своето јубилејно 10-то издание ќе се одржи од 28 септември до 3 октомври со мото „Фати го дур не полетал“, а селектор на официјалната програма е филмскиот критичар Игор Анѓелков.

Официјалната програма на „КинеНова“ ќе биде отворена на 28 септември во Македонската опера и балет со филмот „Изгубениот сон на југословенскиот дрим-тим“ на режисерот Јуре Павловиќ, а следните денови во „Киноверзум“ во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода ќе следуваат проекции на филмовите „Беше некогаш во Газа“ на Араб Насер и Тарзан Насер, „Паноптикум“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе, „Помеѓу Боговите“ на Вук Р’шумовиќ, „Со малку воздух“ на Андреас Хартман и Арата Мори и „Прасловен“ на Слободан Максимовиќ.

Официјалната филмска програма на јубилејното издание на „КинеНова“ носи селекција од шест остварувања. Кои се главните тематски насоки во филмовите што ќе бидат прикажани на фестивалот?

– Можеби понекогаш сакаме да побегнеме од себе, од она што навистина сме или од она што сме можеле да бидеме; можеби некогаш сме обременети од суетата од која ни се замаглува пред очите; можеби сето тоа ќе го анулираме доколку се искачиме на врвот од светот преку спортски успех; можеби сѐ уште не сме ги надминале основните пубертетски бубачки во главата; можеби конечно ќе сфатиме дека и покрај грозоморните случувања насекаде околу нас, хуморот е оној што ќе нѐ одржи во живот…

Сите овие теми се феноменално обработени во годинашната селекција на филмски остварувања во официјалната програма на јубилејното издание на „КинеНова“, која чинам дека како никогаш досега ќе ги растрепери духовите, нудејќи ѝ на публиката врвно задоволство во затемнетите кино-храмови.

Плакат за јубилејното издание на „КинеНова“

Каква одговорност носи позицијата на селектор кога треба да се изберат дебитантски или втори филмови на, главно, млади филмски автори?

– Десет години острење на волјата со цел да се приреди филмски фестивал во времиња кои не се баш пристојни за филмската уметност се за поздравување. Филмот, како и другите уметности, секогаш бил силен токму во време на криза, на растечки национализам и фашизам, на немилосрдни војни, на бегалска криза на која не ѝ се гледа крајот. Тука се филмаџиите сето тоа да го прикажат на големото платно и повторно да нѐ вратат во игра поставувајќи ни го клучното прашање: што е она што нѐ прави луѓе?

И ако искусните филмски автори веќе почнуваат да се повторуваат и да се рециклираат самите себе, тогаш новите филмаџии се оние кои се бескомпромисни во пристапот и квалитетот на нивните остварувања е лесно препознатлив, бидејќи тие снимаат необременето и без пардон.

Игор Анѓелков, филмски критичар / Фотографија: Маја Аргакијева

Колку личната филмска наобразба и континуитетот во следењето на филмската уметност ја олеснуваат селекцијата на остварувањата?

– Дефинитивно ја олеснуваат, бидејќи кога постојано сте вклучени во „новините“ што ги носи седмата уметност, тогаш подобро препознавате што е добро, а што моментно и „лажно“. Годинава селекцијата на филмови што ќе се борат за наградите на „КинеНова“ рамноправно ја сочинуваат три докумeнтарни и три играни филмови, со што уште еднаш се потврдува налетот на креативната документаристика во последното десетлетие од новиот милениум, нешто што континуирано го следам како расте, се менува и придонесува за богатството на подвижните слики.

За тие работи мора да се има континуитет надополнет со постојаното надградување на сопствената филмска наобразба, затоа што секогаш постои некоја дупка од филмската историја која треба да биде пополнета со читање нова литература или со гледање филмови на кои досега не сте им обрнувале внимание, а се значајни за комплетирање на филмската слика.

Прес-конференција на која беа објавени официјалната програма и лауреатите на фестивалот

Фестивалот ја доделува наградата „Златна грива“ за животно дело на актерката Лив Улман, која е најпозната по соработката со Ингмар Бергман. Колку е важно да се знае филмската историја за да може да се препознаат квалитетите на современите филмски дела?

– Лив Улман е актерката што со својата работа ја одбележа втората половина на минатиот век. Таа брилираше и на театарската сцена, но и на режисерскиот стол, откако актерството веќе не ѝ причинуваше задоволство. Колку повеќе навлегувам во најтајните одаи на седмата уметност, откривајќи нови имиња како фестивалски селектор, толку повеќе сфаќам дека и овде е важна причинско-последичната врска.

Едноставно, сѐ си има своја позадина, минат труд, инспирација што можеби не е видлива на прва топка, но таа е тука, лебди во воздухот, повикувајќи да загребеме под површината и да откриеме што е она, или кој е тоа, што ги инспирирал новите автори за да дојдат до снимањето на својот прв или втор филм. Затоа познавањето на филмската историја е важно, бидејќи без неа нема напредок во филмскиот израз. Па кој вљубеник во седмата уметност ги нема гледано филмските класици и уживано во нив!? Тие се основа на сѐ.

Како филмски критичар си член на македонската секција на ФИПРЕСЦИ. Какви поволности носи членството, колку ја олеснува комуникацијата со филмските автори и какви можности дава за следење на современата кинематографија?

– Меѓународната федерација на филмски критичари, најстарото здружение на професионални филмски критичари и филмско новинарство, годинава го слави својот стогодишен јубилеј. Привилегија е да се биде дел од големото друштво и на фестивалите со заеднички сили да се проследи програмата, да се дискутира, да се донесат одлуки за најдобрите остварувања, истовремено правејќи контакти за можни идни соработки. Сето тоа истовремено ја става и одржува и нашата земја на светската мапа, покрај филмовите кои во годиниве наназад неретко освојуваат и награди на светските фестивали.

Филмскиот критичар е интегрален дел од комплетната приказна во една национална кинематографија, иако најчесто не ни добиваме покани за премиерите на македонските филмови. Но, секогаш кога сум во можност, прашан за случувањата во домашната кинематографија, и покрај сите црнила, на европските фестивали нѐ претставувам во позитивно светло, бидејќи иако сме мала кинематографија, можеби не квантитативно, но квалитативно имаме со што да се пофалиме.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот