Интервју со филмологот Илинденка Петрушева: Одењето во кино претставувало свеченост!

Фестивалот „МакеДокс“, Младинскиот културен центар и издавачката куќа „Слово“ со здружени сили на 17 декември во кино „Фросина“ ќе ја промовираат книгата „Старите кина (Киноприкажувањето во Македонија 1897-1954)“ на Илинденка Петрушева.

Исклучително значајна книга за киноприкажувачката дејност кај нас, која спојува три века (последните три години од 19 век кога се појавила, половина од 20 век кога се развивала, и последиците што ги чувствуваме во 21 век) напиша филмологот Илинденка Петрушева. Во моментов Петрушева е најголемиот познавач на филмската уметност и на киноприкажувачката дејност кај нас, а историјата на македонската кинематографија ја носи во „малото прсте“, бидејќи тоа го работи во текот на целиот животен век.

Затоа воопшто не изненадува што сме сведоци на промоцијата на нејзината најнова книга „Старите кина (Киноприкажувањето во Македонија 1897-1954)“. На промоцијата на книгата на сцената, покрај говорниците, ќе има и една метла, а од разговорот со Илинденка Петрушева ќе дознаете зошто.

Во најавата за промоцијата, „Старите кина“ (Киноприкажувањето во Македонија 1897-1954) е опишана како „носталгична книга“. Носталгијата би требало да ја поврземе со тематиката или, воопшто, со киното како простор за прикажување филмови?

– Носталгијата може да ја гледаме од повеќе аспекти. Што значи одењето во кино? Една, на прво место, јасна социо-антрополошка ситуација! Сами, а сепак заедно. Во мракот на киносалата ти си сам со своите јунаци од големиот екран, но кога светлата ќе се запалат означувајќи го крајот на филмот ќе се соочиш со мноштвото присутни. Носталгија за дружбата! На генерации и генерации одењето во кино им била единствена забава. И можност да се доживее нешто. И како сега, кога ги ставам артефактите за тие стари кина, да ја избегнам носталгијата, која блика од старите пожолтени документи или од дотраените пресклипинзи?

Се обидов да бидам рационална колку е можно повеќе, но и моите сеќавања, на пример, за „Филмските новости“ што ги гледавме на белиот бојосан ѕид кај стариот Дом на ЈНА на кејот крај Вардар, си го направија своето, та сигурно и од некаква запирка да блика носталгија. И како нема да блика кога мајка ми ми соши ново фустанче за премиерата на „Фросина“. Имам чувство дека и ден-денес, некаде во воздухот, се чувствува миризбата на штотуку премачканиот со мрсна боја под на кината „Балкан“ и „Карпош“.

Во книгата пишувате за континуитет на киноприкажувачката дејност во Македонија, почнувајќи од 1897 година заклучно со 1954 година. Зошто се одлучивте за таа историска отсечка?

– Тој временски период практично го детерминира почетокот на развојот на нашата кинематографија. Со еден збор, историјата на нашата кинематографија започнува со репродуктивната кинематографија, односно со киноприкажувањето. Од 1897 година, кога се регистрирани првите филмски проекции кај нас, па до крајот на Втората светска војна во 1944 година, е периодот на спонтана кинематографија, кога сѐ е препуштено на лични/приватни иницијативи. Било тоа време кога само најхрабрите и најиницијативните луѓе се нафаќале да се занимаваат со нешто, во крајна линија, непознато и ризично.

Периодот од 1944-та па до 1954 година е конституирање/ институционализирање на кинематографијата како дел од новиот општествен процес. Или ако сакате – во тие десет години се поставуваат темелите на современата македонска кинематографија со сите основни сегменти – производство, дистрибуција и киноприкажување, на кои се надоврзуваат и филмската култура, воспитувањето и образувањето за филм и филмската критика. Морам да признаам дека, во најмала рака, бев изненадена од ентузијазмот (или притисокот) што во тие повоени години се практикувале во однос на кинематографијата, посебно кон киноприкажувањето. Со доброволни работни акции се изградени десетици еднакво типизирани задружни домови со големи сали, првенствено наменети за филмски проекции. Не се вели напразно дека „филмот е најважната уметност за народот“ или со други зборови „филмот е опиум за народот“.

Проектот за репродуктивната кинематографија, во сите истражувачки фази, го работев, покрај другите обврски во Кинотеката, речиси сиот мој работен век

Во книгата на 280 страници има многубројни факти, имиња, случувања, анегдоти. Како успеавте да го соберете овој обемен материјал, кој, исто така, потекнува од многубројни извори?

– Треба да се има на ум дека проектот за репродуктивната кинематографија, во сите истражувачки фази, го работев, покрај другите обврски во Кинотеката, речиси сиот мој работен век. Што се однесува до изворите тие запираат до бројката четири: архивски документи (малобројни), ретка периодика, сеќавања и мемоарска граѓа, која последниве десетлетија (и на светско ниво) веќе се третира како релевантен историски извор. Првиот чекор беше да ги забележам сеќавањата на живите кинаџии, оти времето си го прави своето. И, се разбира, да ги прибереме артефактите (кинопроектори, динама…) во што најнесебично ми помагаа колегите Борко Ѓеоргиев и Јонче Петковски. Потоа заглибив во институциите – Сојузниот архив во Белград, Државниот архив на Македонија со сите негови подрачни одделенија, НУБ „Св. Климент Охридски“, Институтот за национална историја. Сиот тој материјал ги полнеше новоотворените кинотечни фондови, како што треба за една институција која се грижи за аудиовизуелното културно наследство.

Што во суштина во датираниот период значело постоењето на кината и чинот на одење во кино?

– Филмот во тоа време бил вистинска атракција. И бидејќи најнапред филмските проекции се одржувале во кафеански амбиенти, луѓето си сакале да јадат и да гледаат „живи слики“. Биле тоа фамилијарни доживувања. Па, така, кога некој од присутните сакал да нарача нешто или да плати, проекцијата запирала, за по некое време да продолжи со знак на сопственикот кој, во најголем број случаи, користел метла за тој знак. Но веќе подоцна, кога почнале да работат постојаните кинообјекти, ситуацијата се променила – нема јадење и пиење, седиштата се поставени во редови со точно утврдена нумерација…

Во поголемите градови одењето во кино било третирано празнично, да се покажеш пред светот – се шиела нова гардероба, се правеле фризури (по можност онакви какви што имале филмските ѕвезди…). Но во помалите и посиромашни населби, повремените филмски проекции биле можност да се доживее нешто несекојдневно, но и таму луѓето ја облекувале својата посвечена руба. Во секој случај, одењето во кино претставувало свеченост!

Старите кина – Задружен дом во село Куклиш

Нотирате постоење наменски, патувачки, домашни и маалски кина што имале своја функција. Како од денешен аспект да го сфатиме згаснувањето на старите кина, но и состојбата во која се наоѓаат некои, сѐ уште, постојни објекти што порано биле кино?

– Во периодот меѓу двете светски војни кај нас се регистрирани поголем број мали 8мм и 9,5мм проектори. Дел од нив ги донеле луѓето што имале можност да патуваат во странство, а дел се набавувале од домашниот пазар, каков што бил, на пример, дуќанот на Вучидолац во Скопје. Заедно со проекторите биле набавувани и филмови, па така, најчесто лете, во дворовите или на некоја тераса имало домашни/маалски кина. Малку мезе, малку муабети и дружба, и… уживање со „живи слики“.

Патувачките кина, пак, имале мисија да обиколуваат мали населби што цивилизацијата ги имало заборавено. Во најголем број случаи сопствениците на таквите кина не се раководеле од некаква си материјална корист, туку тие едноставно сакале во животите на тие напатени луѓе да внесат малку радост. Вистински културни емисари!

А наменските кина имале цел да едуцираат, но и да пропагираат. Ги користеле салите во постојните кина, но одржувале активности и со помош на патувачките кина. Најактивни на овој план биле Народните универзитети во Скопје, Штип, Велес и Битола, потоа Францускиот клуб во Скопје, како и други организации (Соколска, Јадранска стража…).

Но, во 1927 година во Скопје започнува со работа првата институција (надвор од приватните иницијативи) која, меѓу другото, се занимава и со филмско производство и со киноприкажување. Имено, станува збор за Хигиенскиот завод, чија цел била да спроведува здравствена едукација на населението. Една од најзначајните алатки била со помош на филмот, при што нашиот Хигиенски завод соработувал со соодветна институција од Белград, но најтесна врска остварил со Школата за народно здравје „Андрија Штампар“ од Загреб. Биле набавени голем број здравствено-едукативни филмови, но и нашиот завод реализирал десетина филмови, па таквиот филмски опус бил интензивно користен и во најнедостапните места.

Хигиенски завод, чија цел била да спроведува здравствена едукација на населението со помош на филмот

На вториот дел од твоето прашање – немам коментар! Зошто објектите на старите кина по денационализацијата се оставени да пропаѓаат? Во Србија и во Хрватска државите дадоа субвенции за продолжување на киноприкажувањето. Кај нас се немаше слух и политичка воља. Што е со скопските „Култура“ и „Вардар“? На театарските ентузијасти (Унковски, Игновски и Поповски), кои за неколку години го издигнаа киното „Култура“ во еден културен центар со високо поставени естетски критериуми, некадарни политикантски типови им поставија соодветни, би рекла – во наш стил стратегиски – сопки, и еве го киното „Култура“ повторно закатанчено. Значи немам коментар, ниту за кинообјектите што пропаѓаат во Струмица, во Битола… добро, во Прилеп, во киното на Напе, работи театарот (но прашање е колку е и тоа решение за самиот театар…)? Прашања многу, а одговори нема!

Дел сте од екипата што ја основаше македонската Кинотека и целиот свој живот го посветивте на филмот и на филмската уметност. Какво е чувството да се живее во таков „филм“?

– Тој „филм“ е како секоја друга професија. Треба да се работи. Прашањето е дали сакаш сериозно да работиш или, пак, сакаш само да ти мине времето… Јас лично имав среќа, по првите работни искуства во Домот на млади „25 Мај“ (денес МКЦ), да станам дел од тимот на Кинотеката под водство на прекалениот филмаџија Ацо Петровски. Беспрекорен продуцент, реализатор, мотиватор и раководител. Мислам дека во неговиот ум беа споени сите кинематографски сегменти. И знаеше на најсуптилен начин да ги испровоцира колегите да се впуштат во реализација на, дури, и најневеројатни, активности. Ацо и неговата „пембе боја“ – тоа беше „штосот“ што тој наш „кинотечен чале“ им го пласираше на политичарите кога сакаше да им објасни дека „Кинотечниот месечник“ е надминат и дека ни треба вистинско филмско списание, во форматот на „Кинопис“. Значи, накратко како одговор на твоето прашање –чувството е како на „филм“, како да си во кино и ги гледаш „Рубљов“ или „Одисеја 2001“, сеедно!

Филмологот е професионалец што најнапред е „вооружен“ со добра доза на општа култура и знаења

Што значи да се биде филмолог, бидејќи во денешно време многумина мислат дека знаат сѐ за филмската уметност?

– Добро, познато е она дека сите сѐ знаат за фудбалот и за филмот. Филмологијата е наука за филмската уметност. Филмскиот критичар мора беспрекорно да ги познава теоријата и историјата на филмот за неговите рецензии да не бидат само голи импресии од некој филм. Тој треба да им испорача на читателите суптилни филмолошки пораки кои ќе ги испровоцираат да го видат посочениот филм. А филмологот? Е тоа е нешто што претставува нераскинлива врска со суштинската природа на филмот или кинематографијата! Што е филмот? Синтеза?! На што? На сите уметности – во едно! Познавања од историјата на уметноста – апсолутно ДА! (Зошто Гоја ги сликал ужасите на војната и зошто маестро Стораро тоа толку суптилно го снимил во филмот „Гоја во Бордо“?). Историја на музиката – апсолутно ДА! (Зошто во истиот тој филм како музичка завеса се користи Бокерини?). И без театарот – длабоки празнини! Без книжевноста – незамисливо!!! Филмскиот кадар треба да се расчлени, да се анализираат различните сегменти (каква е сценографијата во онаа исцрпувачка секвенца на „препознавање“ во „Пијанист“ кога над звуците на Шопен легнала тешката тишина меѓу двајцата главни протагонисти). Да се откријат знаците во соодносот со личноста на тој автор! И да се протолкуваат со природата на тој автор! Зошто музиката на Малер е третата главна улога во филмот „Смрт во Венеција“? Што ни порачува Кјубрик иронично со танцот „На убавиот син Дунав“? Или Антониони и Фуско во „Авантура“ со пасажите на тишината, со неколку тонови во аранжерски минималистички варијации и одвај изречени дијалози?

Значи, сакам да кажам дека филмологот е професионалец кој најнапред е „вооружен“ со добра доза на општа култура и знаења (да не потсетувам уште и на Историја на цивилизацијата, особено на онаа од Средниот век…) и со сѐ она за што претходно зборував. И да резимирам – филмологот е дефиниран од самата природа на филмот врамена меѓу просторот и времето!

Во воведот на книгата напишавте топла приказна за краткиот документарен филм „Кино ’Мортус‘“. Има ли надеж? Ќе опстои ли киното?

– На ова прашање е тешко да се одговори. Јас сум по природа оптимист и веднаш ќе дадам брзоплет одговор – ДА, киното ќе опстои! Но, дали ќе опстои светот? Ова што сега се случува, уметничките дела (литература, филм, драмски претстави, Орвеловата „84“, на пример) уште пред децении го навестуваа… Петтиот елемент, и мачето, и Брус Вилис, и љубовта…?! Инаку, денешново време, што се вели е „Богом дано“ за филмување. Особено во филмската документаристика.

Длабоко во себе верувам дека во исходот на овие „фашисоидни неолиберални капиталистички играрии“ победата ќе ја однесе Човекот, кој во основа е социјално битие кое сака да се дружи, да се радува, со еден збор да живее со полн интензитет. Е за тоа, по мое мислење, ќе треба да постојат помали кинодворани каде што ќе може да се консумираат авторски (играни, документарни, експериментални…) филмови и каде ќе може на голема врата да се вратат филмските дебати. Блокбастерите си имаат молови и своја клиентела! Сериите си имаат своја домашно-седечка клиентела. А за младите генерации, кои допрва доаѓаат, се надевам дека во контекст на она што погоре го реков, киното ќе го преживее и овој цивилизациски удар.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 159, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот