ВИДЕО | Интервју со Филипче: Опозицијата ја ризикува шансата ЕУ да плати половина од новиот Клинички центар!

Венко Филипче Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Отворени сме за секаква дискусија, јавна дебата, јавно да одговориме на сите прашања што опозицијата ги има и ги поставува како проблематични во однос на изведувањето на проектот. Не бегаме од ниедно прашање. Сакаме да седнеме на заедничка маса и заеднички да ги надминеме разликите.

Ако денеска почне да се гради новиот Клинички центар, тогаш за четири години првиот пациент ќе може да добие здравствена услуга во новата установа, организирана на поинаков начин, вели во интервју за Слободен печат, министерот за здравство Венко Филипче. Новиот концепт подразбира болничките кревети повеќе да не се делат по одделенија и да не припаѓаат ексклузивно само на едно одделение, туку пациентите да се групираат по сродност на различни специјалности. Тврди дека половина од парите за финансирање на новиот Клинички центар ќе бидат од грант, неповратни средства од Европската Унија.

 

Две компании, германска и француска требаше да направат конзорциум и да почнат да градат. Каде и зошто застана работата и како на застојот реагираат овие компании?

– Почнавме постапка на конкурентен дијалог каде се пријавија четири компании на почетокот. Во првата фаза, две не ги исполнија условите и во втората фаза се квалификуваа овие компании кои ги спомнавте, едни од најголемите во Европа, со огромно искуство во градењето болници – француската компанија „Буиг“ и германската „Вамед“. Имавме предвид дека двете компании имаат различен фокус во градењето болници, односно дека едната е во делот на градежните работи, а другата (Вамед) во опремувањето, ставањето во функција и менаџирањето две години додека не почне целиот процес. Сакавме да им дадеме можност на двете компании да ја пружат својата експертиза и да им овозможиме да дадат една, заедничка понуда. Сакаме да го искористиме најдоброто од најдобрите европски компании. Тоа во овој момент не е можно. Согласно нашите закони, мора да има конкуренција. Затоа, направивме закон со кој овозможуваме да дадат заедничка понуда и да направат конзорциум, на што двете компании се согласија. А ние ќе се заштитиме на тој начин што една независна финансиска ревизорска куќа ќе направи анализа на самата понуда и ќе каже дали таа е во согласност со пазарните цени, со тоа што се случува во Европа, за да имаме и некаков систем за мерење, со оглед на тоа што ќе биде една заедничка понуда. Тоа е целта на овој специјален закон кој го поднесовме во Собранието – да може да имаме една понуда, да го добиеме најдоброто од Европа во делот на градењето и опремувањето нов клинички центар и во исто време да има независна финансиска анализа на понудата.

Што има во физибилити студијата и како точно е предвидено да изгледа новиот Клинички центар, кои клиники ќе ги има таму? Постојат ли некои нови медицински услуги што македонските пациенти ќе може да ги добијат?

– Физибилити студијата потекнува од 2010 година и е направена од Европската инвестициона банка, која ги анализира сите аспекти од нашето здравство, во делот на терциерната здравствена услуга. Се анализирал бројот на кревети, бројот на лекари специјалисти, процентот на искористеност и содржи споредба меѓу тоа што значи да се реновира сегашниот Клинички центар наспроти идејата да се изгради целосно нова зграда. Таа физибилити студија, благодарение на донацијата на австриската влада, е ревидирана и така дојдовме до сегашниот концепт. Врз основа на тој концепт ја почнавме постапката на конкурентен дијалог. Станува збор за клинички центар од околу 110 илјади метри квадратни, нешто над илјада болнички кревети, над дваесетина операциони сали, плус операционите сали за гинекологија. Тоа што е суштината на новата понуда која би дала нова медицинска услуга што пациентите сега не можат да ја добијат, а може да ја добијат пациенти во развиените европски земји, се карактеристиките на сите овие операциони сали и интензивна нега, кои просторно, кај нас, на старото место не може да се дадат. Затоа што тоа е стар концепт. Новите концепти на болница подразбираат дека кога еден пациент ќе влезе во операциона сала се прават различни интервенции и испитувања благодарение на апаратите што ги има во операционата сала. Тоа се таканаречените хибридни операциони сали, каде на едно место има апарат на пример за компјутеризирана томографија интраоперативно, или ангеографија исто така интраоперативно. Планираме роботска хирургија за време на операцијата. Сите тие методи може за време на операцијата да се аплицираат кај пациентот. Тоа се оние нови методи кои се карактеристика за развиеното здравство, а не можат да се имплементираат ако немаме инфраструктурна основа тоа да го пружиме. Оперативниот зафат кој се изведува кај пациентот, можеби треба да се искомбинира со таканаречен ендоваскуларен третман, кога со катетар се влегува во крвните садови на срцето, црниот дроб или на мозокот – за време на оперативната интервенција. Тоа се комплексните интервенции заради кои некогаш пациентите сакаат да заминат да се лекуваат во странство. Тие интервенции се напредок во медицината и даваат подобар исход во лекувањето на комплексни болести. Ние сега и да купиме некаква опрема, нема кај да ја сместиме. Затоа ни е потребен нов Клинички центар кој ќе даде можност најсовремени методи да се имплементираат во земјата. Овој Клинички центар ќе служи во следните осум децении. Не може да доградуваме и да правиме парцијални решенија. Целосно долгорочно решение за да се надградуваат нашите лекари и пациентот да има бенефит од аспект на медицина, е само нов клинички центар.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кои клиники ќе ги има во новиот клинички центар?

– Буквално сите. Само треба да се реши дали инфективното одделение ќе биде посебно и одвоено или во рамките на центарот. Можеби и дел од сегашниот клинички ќе остане за да ги опслужува граѓаните од централниот регион на Скопје. Но, во новиот клинички центар треба да се сместени буквално сите одделенија.

Што ќе добие здравствениот осигуреник од новиот клинички центар и што ќе се случи со стариот?

– Мислам дека еден дел од зградите од стариот клинички треба да останат и да служат за граѓаните кои се од Центар, Карпош, Кисела Вода. Предизвик е да се концентрира експертизата. Ние разговараме дали да биде на едно или друго место клиничкиот центар, но суштината е каде ќе одат лекарите, да не се разделат најдобрите. Освен тоа што сите врвни клиники ќе бидат на едно место, и сите врвни лекари да бидат на едно место. Немаме толку многу лекари за да ги поделиме. Младите лекари треба да се надградуваат, учејќи од своите учители. Пациентот ќе добие ултра брза здравствена услуга на едно место. Да не се шета од една на друга клиника. Насекаде во светот, пациентот влегува во една клиника и тука се сите ресурси.

Како ќе се финансира овој капитален проект и до каде е обезбедувањето на парите?

– Еден од новитетите, што не постоеше како опција кога ја почнувавме постапката во 2019 година, е можноста Европската Унија да даде грант во износ од 50 проценти за целокупната инвестиција за Клинички центар. Ако Клиничкиот центар чини 420 милиони евра, половина од него, односно близу 200 милиони евра ќе бидат грант од ЕУ, зашто за првпат ЕУ почнува да ги смета како приоритет сите проекти во здравствениот систем. Ковид кризата помогна во тоа. Никогаш немаше проекти за здравство порано, а сега постепено се отворија како опции. Официјално беше известен премиерот Зоран Заев дека постои таква можност – капитален проект од здравството биде покриен со грант од ЕУ. Останатите пари ќе ги земеме на кредит. Понатаму има опција да продадеме дел од земјиштето од стариот клинички центар и да ги вратиме кредитите. Нема подобра инвестиција од таа во здравството, односно во инвестирање во здрава младина и во знаењето на нашите лекари. Така се грижиме за здравјето на граѓаните и се грижиме да останат лекарите во земјава. Па, ако не инвестираме во здравството, тогаш во што треба да инвестираме? Ова е капитален проект од важност каква што во историјата на нашата држава немало.

Каде најконкретно е несогласувањето што го имате со ВМРО-ДПМНЕ поради кое што е блокиран законот во Собранието?

– Навистина не би знаел да кажам. Слушаме обвинувања за постапката. Мислам дека сето тоа е начин да се најде некаков изговор за да се блокира овој проект. Затоа верувам дека ќе најдат сила да го надминат тој момент и законот да помине. Отворени сме за секаква дискусија, јавна дебата, јавно да одговориме на сите прашања што опозицијата ги има и ги поставува како проблематични во однос на изведувањето на проектот. Не бегаме од ниедно прашање. Сакаме да седнеме на заедничка маса и заеднички да ги надминеме разликите.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Зошто е одбрана локацијата во Ѓорче Петров и до каде се процедурите за пристапност, водовод, експропријација на земјиштето? Ќе има ли добра патна инфраструктура за да се стигне до новиот клинички центар?

– Имаше анализа од повеќе општини, кога се избра оваа локација. Иницијално беше предвидено да биде во Злокуќани, ама излезе дека голем број парцели од тамошното земјиште се приватни, па ќе влезевме во постапка на експропријаиција која ќе одземеше многу време и пари. Во една процедура во Собранието во 2018 година, општините Илинден, Ѓорче Петров и Карпош со Злокуќани, аргументираа и ги анализиравме конкретните земјишта со методологија на бодување. Во однос на пристапот, карактеристиките на земјата, близината на сообраќајниците… Во таква постапка доби општината Ѓорче Петров. Тоа е областа Велеполе, над обиколницата, каде што има чисто државно земјиште. Префрливме средства во 2019 година за да почне да се работи на локалната инфраструктура. Проектирањата се завршени во најголем дел. Анализиравме повеќе локации во Скопје и мислам дека нема никаков ризик и ништо лошо во тоа новиот Клиничкиот центар да биде надвор од Скопје. Има европски градови каде болниците се во центарот ама ние ги имаме ГОБ „8 Септември“, старата градска болница и ќе остане нешто од сегашниот клинички центар. А до Ѓорче Петров имаме обиколница, ќе се направи пристапен пат, така што тоа беше една анализа од која произлезе оваа локација. Тоа е единствено место на кое може да се изгради објект на 110 илјади метри квадратни на чисто државно земјиште.

Дали грантот од ЕУ, што го споменувате, е ставен во ризик поради блокадата на законот во Собранието?

– За жал, да. Уште поголема трагедија е самата блокада. Да се блокира ваков проект и после тоа да се бара причина за блокадата, кажува доволно и се за опозицијата. Меѓутоа, мислам дека треба да се вразумат. Повторно ги повикувам, исто како и до сега, дајте да не ја пропуштиме оваа историска можност! Многу сме блиску до почеток. Ги нудиме сите опции опозицијата да се вклучи во проектот. Нека го водат ако треба со собраниска комисија на начин на кој ќе се договориме. Навистина сметам дека ваков капитален објект што треба да им служи на граѓаните наредните 80 години треба да го направиме заедно. Да покажеме дека имаме политичка свест и волја да се обединиме кога се работи за вакви важни проекти и второ, да покажеме дека се надминуваат разликите меѓу политичките партии. На ваков начин не можат да се добијат политички поени, ако ваков сериозен проект се блокира. Верувам дека во Собранието ќе седнеме со сите партии, за сите да дадат конструктивни предлози. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи во интерес на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот