Филипа Сара Попова / Фотографија: Струшки вечери на поезијата

Интервју со Филипа Сара Попова, добитничка на наградата „Млада Струга“: Пишувањето поезија е и бунтовнички чин

Поетесата Филипа Сара Попова е добитничка на наградата „Млада Струга“ за нејзината необјавена поетска стихозбирка „Скршен терариум“, со што на СВП се возобновува награда што во минатото беше желно исчекувана од поетите од помладата генерација.

Комисијата за наградата „Млада Струга“ во состав Славе Ѓорѓо Димоски, претседател, и Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади, членови, за Филипа Сара Попова оцени дека станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла)… Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме.

Какви чувства те обземаа кога дозна дека си добитничка на наградата „Млада Струга“ на СВП 2024?

– Деновите пред да дознаам за наградата бев убедена дека сум ги направила сите можни грешни одлуки во животот. Затоа, кога го видов известувањето на имејл, одбивав да верувам барем пет минути. Потоа следуваа чувства на среќа и гордост, но и на страв и паника. И така тие состојби сè уште си се вртат во круг.

Секој автор и уметник во своето прво дело се обидува да го вложи најдоброто од себе. Како ја направи селекцијата на песните што ќе бидат објавени во поетската збирка „Скршен терариум“?

– Пред многу месеци, ми се појави чудно прашање во мислите – дали да го објавам тоа што го пишувам? Почнав да талкам низ стари материјали и забележав дека се провлекуваат неколку теми, мотиви и емотивни состојби. Идејата ми беше да ги заокружам и да им ставам симболичен крај. Увидов дека општествените случувања се насамариле и нашле прилично добро-поплочен пат до мојот микросвет (и не само мојот). Сакав збирката да го посочи тоа влијание и да бунтува против него, но да биде инспиративна за читателите и доволно отворена за разни интерпретации.

Затоа, ја замислив како ветровита и морбидна авантура, шетање од еден вид фрустрации кон други, сè додека на крај не се понудат оптимизмот и пркосот како решенија. Следејќи го тој концепт, внимавав да одберам песни што се комплементираат стилски и тематски, но и наративно. Исто така, постојат четири еколошко-инспирирани песни кои функционираат како пристаништа на збирката. На некој начин тие претставуваат почеток (или крај) на различни поглавја и се трудев останатите песни да им се надоврзат и да ги надополнат.

Што означува насловот на збирката?

– Во идеални услови би пишувала пасторална поезија, но не можам да ја игнорирам реалната ситуација денес. Затоа „Скршен терариум“ сакам да ја гледам како еден вид пасторална поезија од пеколот. Секој организам или систем засебно може да се гледа како терариум и затоа насловот алудира на скршеноста и нефункционалноста на повеќе нешта – самото постоење, планетата Земја, човештвото, јас (здраво!), лирскиот субјект и самата збирка. Сите тие мини-терариуми се поврзани така што во свет што е скршен, неизбежно е да постојат скршени луѓе, песни и збирки. Но и покрај сè, насловот сугерира дека системот, сепак, може да се урамнотежи и „залепи“, дека тој не е инхерентно лош.

Филипа Сара Попова / Фотографија: Струшки вечери на поезијата

Комисијата за наградата посочи дека „поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла)“. Каква смисла пронаоѓаш со пишувањето поезија?

– Како и да одговорам на ова прашање, се чувствувам дека ќе излажам и нема да биде доволно. Веројатно, смислата е во самата потрагата, како и во прифаќање контрадикторности. Кога пишувам поезија, се пронаоѓам преку самооткажување, се заљубувам во светот преку негово преобмислување, нурнувам до дното на океанот иако знам дека ќе излезам со празни раце или, пак, дека воопшто не постои океан.

А денес, кога колективно го ставаме фокусот врз светкави привиди на моќ и кога тргуваме со длабочини како да се искористени шкафови на пазартри.мк (ова не е платена реклама), пишувањето поезија е и бунтовнички чин. Но, најинтересно ми е привременото бришење на „не“-то од „неред“ односно преку поезијата можат да се уловат и залепат еден куп неповрзани и нелогични нешта и, сепак, да се создаде некоја разбирлива целина (секако, тука не ги вклучувам современите патриотски песни).

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 244, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.8.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот