Фото: Ангела Петровска/Приватна архива

Интервју со Елена Василевска, основачка на книжевниот клуб „Бук нук“: Читателите сè уште постојат – само им требаше вистинското друштво

„Иако читањето се смета за индивидуална активност, нормално е да сакаме да ги искажеме нашите мислења на глас, уште повеќе ако тоа е во група со луѓе кои знаат точно за што зборуваш. Убавината на клубот е што сите сме тука да се бодриме меѓусебно и да си помагаме, па дури и да не е за насловот кој го читаме во моментот“, вели таа.

Во време кога дигиталните содржини доминираат во секојдневието, љубовта кон книгите и читањето сè уште живее, а за тоа најдобро сведочи „Бук нук“ – клубот на читатели кој за кратко време прерасна во убава заедница на луѓе што уживаат во книжевните дискусии. Неговата основачка, Елена Василевска, од лична потреба за споделување импресии за прочитаните книги, создаде простор кој ги спојува љубителите на пишаниот збор.

Во интервју за „Слободен печат“, таа открива како започнала идејата за клубот, како изгледаат нивните средби, како се избираат книгите и кои се нејзините планови за иднината на „Бук нук“.

Елена, како дојдовте до идејата да создадете клуб на читатели?

– Идејата начна од мојата лична потреба да зборувам за книгите што ги читам со некој друг, макар тоа да е само еден човек. Сум била дел од странски онлајн клубови кои се состануваат преку видеоповик заедно со стотици членови, но помислата активно да учествувам во дискусија покрај толку многу луѓе ми беше застрашувачка. Клуб на читатели како концепт постоеше и во Скопје, но не се пронаоѓав во насловите кои се читаа, па затоа решив да ја тестирам идејата да започнам свој клуб. Ја споделив со моите следбеници на социјалната мрежа Инстаграм, и откако добив огромен позитивен фидбек, решив да го започнам клубот на читатели „Бук нук“.

Како реагиравте кога видовте дека за само неколку дена има повеќе од 100 луѓе што сакаат да бидат дел од клубот? Дали тогаш сфативте дека правите нешто големо?

– Кога ја споделив мојата идеја за формирање клуб на читатели на Инстаграм, очекувањата ми беа многу ниски и за мене успех ќе беше да сме барем тројца, хаха. За волја на вистината, добив над 100 пријави за учество во клубот, и бројката сè уште расте. Одеднаш имав толку многу истомисленици на едно место кои делат иста пасија, и преку комуникација дознаваат дека делат и други интереси неповрзани со читање книги. Така, од првичната идеја ова да е само клуб на читатели, станавме вистинска заедница која се дружи меѓусебно. Во склоп на клубот, покрај месечните „собиранки“ за дискусија, организирам(е) различни активности како специјални работилници, одење на кино, дружби посветени на читање во друштво, па дури и патувања.

Фото: Приватна архива

Луѓето имаат различни навики – некои сакаат активни дискусии, други само да следат што се случува. Како успеавте да го направите клубот „Бук нук“ пријатно место за сите?

– Ова ми беше многу важно уште од почетокот на формирањето на клубот – читањето книги треба да е нешто што се прави од љубов, а не да се гледа како обврска. Тоа чувство сакав да го пренесам на самите „собиранки“ и да потенцирам дека тука сме за да се забавуваме и да си разговараме за книгата што сме ја читале. Сите присутни добиваат барем по една можност да кажат што мислеле за книгата, и понатаму продолжуваме со дискусија модерирана од моја страна за различните аспекти и теми присутни во книгата. Нема никаков притисок активно да се учествува во дискусијата, а сите кои сакаат да споделат мислење се испочитувани и можат да го направат истото. Не постои точно или погрешно мислење, како некој го доживува книжевното дело е индивидуално и сите сме тука да се сослушаме.

Како го избирате секој месечен наслов за читање? Дали постои некоја „формула“ или едноставно одите со она што ќе Ве инспирира во моментот?

– Месечниот наслов се бира заеднички, што според мене е далеку поинтересно од тоа книгите да ги бирам самата јас. За да не е тотално безредие, секој месец има посебна тема која ја избирам јас (пример: декември ни беше посветен на снежни мотиви и Божиќ, февруари на љубов, март на феминизмот итн.), а членовите кои присуствуваат на дискусијата за книгата можат да предложат книга за новата тема. Од сите предлози правам селекција од тоа што сметам дека најмногу одговара на темата и сите заедно гласаме која книга ќе ја читаме следна. Ова е многу интересен и необичен пристап кон тоа како еден клуб на читатели може да функционира и сметам дека прави целото учество во клубот да е многу полично.

Фото: Приватна архива

Во еден момент, решивте клубот да добие свој изглед – лого, бои, дизајн… Како настана тој визуелен идентитет и зошто Ви беше важно „Бук нук“ да изгледа професионално?

– Визуелниот идентитет на „Бук нук“ го осмисливме заедно со графичката дизајнерка Маја Плачкоска, и вклучува сѐ што би било потребно за да личи на еден бренд. Велам бренд, бидејќи „Бук нук“ го сметам за проект со огромен потенцијал и кој би сакала да прерасне во многу повеќе од само клуб на читатели. Самото лого и боите кои ги одбравме сакавме да будат чувство на топлина и игривост и да направат сите да се чуствуваат поканети да учествуваат.

Често слушаме дека луѓето читаат сè помалку, но Вашиот клуб покажува дека љубовта кон книгите е сè уште жива. Што мислите, што е тајната – дали луѓето отсекогаш сакале да читаат, само им требало вистинското друштво?

– Сите пораки што ги добив велејќи дека клубот ги охрабрил повторно да уживаат во читањето се доказ дека сите активности се поубави кога ги правиме со друштво. Иако читањето се смета за индивидуална активност, нормално е да сакаме да ги искажеме нашите мислења на глас, уште повеќе ако тоа е во група со луѓе кои знаат точно за што зборуваш. Убавината на клубот е што сите сме тука да се бодриме меѓусебно и да си помагаме, па дури и да не е за насловот што го читаме во моментот. Читатели и тоа како сè уште има и ако „Бук нук“ служи како мотиватор слободното време да се помине читајќи наместо на телефон, тогаш целта е постигната.

Фото: Приватна архива

Кога би погледнале малку напред – како го замислувате „Бук нук“ во иднина? Можеби средби со автори, книжевни вечери, па дури и некаков фестивал?

– Имам посебна листа на идеи која цело време ја дополнувам и можеби е малку налудничаво, но верувам дека, полека, сите идеи и желби ќе се остварат. Најмногу би сакала заедницата да продолжи да се шири и со тоа да има од сѐ по нешто за сите: од различни книжевни и креативни работилници и настани, до проширување на нашата мрежа надвор од Скопје.

Што значи „Бук нук“ за Вас лично? Како Ве промени како личност и што најмногу Ви го стоплува срцето кога ќе помислите на оваа заедница?

– „Бук нук“, пред сѐ, ми даде ново значење на поимот одговорност. Јас сум организирана личност по природа и максимално се посветувам на моите обврски и пасии, но овој проект ми ги поместува границите за тоа што значи да си одговорен за нешто што е целосно твое. Се пронаоѓам себеси во нови улоги секој ден, од менаџер до модератор (хаха), но кога ќе размислам колку пријателства се создавале во заедницата и како луѓето комуницираат меѓусебно, знам дека навистина вреди и не би сакала да заменам ниту една улога.

За крај, верувам дека многу од нашите читатели ќе покажат интерес да станал дел од овој клуб на читатели. На кои платформи може да Ве најдат за да бидат во тек со сите новости околу следните средби?

– Главната платформа за сите новости за клубот е на Инстаграм под „@booknookcommunity“, но исто така имаме и посветени групни четови на платформите Вотсап и Дискорд, каде членовите може да си разговараат меѓусебно. За тие што сакаат да ги добијат сите информации од прва рака без приклучување во групните четови, може да се претплатат на нашиот бесплатен мејл-билтен каде, исто така, споделуваме сѐ што е најважно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот