
Интервју со Драгана Вукановска, јога инструкторка: Јогата ме научи дека мирот не доаѓа однадвор, туку однатре
Во брзото и стресно секојдневие, многумина бараат начини да пронајдат рамнотежа и внатрешен мир. Една од нив е Драгана Вукановска, Македонка која живее во Германија и за која јогата стана не само физичка практика, туку и животна филозофија.
Препорачано
Од првите чекори на јога подлогата во Македонија, преку патувања на грчкиот остров Аморгос и во индискиот свет град Ришикеш, Вукановска низ годините ја открила моќта на дишењето, присутноста во моментот и внатрешната дисциплина.
Во интервју за „Слободен печат“, таа ни раскажува како јогата ѝ помогнала да се справи со вознемиреноста, кои техники ѝ носат најголема смиреност и како искуствата од Индија ѝ го промениле погледот на животот.
Драгана, кога за првпат ја откри јогата? Што те привлече кон неа?
– Јогата ја открив во период кога барав нешто што ќе ми помогне да воспоставам рамнотежа – и физички и ментално. Една од причините зошто ја избрав јогата е затоа што таму нема потреба од натпревар и докажување, егото го оставаме настрана уште во самиот момент кога ќе зачекоривме на јога подлогата. Мојот прв час по јога, всушност, беше во Македонија, каде што посетив неколку курсеви. Сепак, не останав константна, бидејќи почувствував дека начинот на кој јогата се практикуваше таму не целосно кореспондираше со моите замисли. Специфично, религиозниот аспект што беше присутен во тие часови не ми одговараше, па решив да ја продолжам својата пракса дома. Така започнав да правам јога во домашни услови, следејќи видеа на Јутјуб. Она што ме привлече најмногу беше чувството на смиреност и присутност во моментот, без надворешни влијанија.
Ако се навратиш на своите почетоци, како би ја опишала трансформацијата низ која помина благодарение на јогата? Како таа те промени како личност?
– Ако се навратам на своите почетоци, тие не беа константни. Не практикував јога секојдневно, ниту ѝ бев целосно посветена. Во почетокот, тоа беше само повремена физичка активност, нешто што го правев од време на време, без подлабоко навлегување. Но, со текот на времето, јогата почна да станува сè поголем дел од мојот живот. Сфатив дека таа не е нешто што се „завршува“ или „совладува“ – таа е филозофија, начин на живот, (sadhana) пат на кој треба постојано да се чекори, пат што бара посветеност и постојано одржување. Промената што ја донесе во мојот живот не беше нагла или драматична, туку суптилна, но константна – токму како што е и самата јога. Таа ми помогна да станам посмирена, пофокусирана и повеќе усогласена со себе, а тој процес продолжува и денес. Јогата ме научи дека трансформацијата не е крајна цел, туку нешто што постојано се случува.

Живееме во време на голем стрес и притисок. Како јогата ти помогнала во моменти на анксиозност? Дали има некоја техника што особено ти помага да најдеш мир?
– Живееме во време на постојан стрес и притисок, и како и многумина, сум се соочувала со моменти на анксиозност и предизвици, посебно од кога се преселив да живеам во Германија. Јогата ми помага да научам како да се справувам со тие состојби на поавтентичен и свесен начин.
Најмногу ми помагаат техниките за контролирано дишење (пранајама) и свесно движење. Кога чувствувам анксиозност, се фокусирам на длабоко, ритмичко дишење, особено техниката „наизменично дишење“ („Nadi Shodhana“), која веднаш носи смиреност и баланс, а во истовреме го „лади” умот. Исто така, една техника што особено ми помага, посебно пред спиење, е „звукот на пчела“ (Bhramari пранајама). При оваа техника, ги затворам ушите и очите и вокализирам звук налик на пчела. Вибрацијата што се создава носи длабока релаксација, го смирува умот и го намалува внатрешниот немир.
Јогата ме научи дека мирот не доаѓа од надворешни околности, туку одвнатре – и кога ќе научиме да го пронајдеме во себе, можеме да се справиме со секојдневните предизвици со повеќе стабилност и јасност.
Дали постои некое искуство или момент за време на јога пракса кога си почувствувала вистинска емоционална слобода или длабок внатрешен мир? Како би го опишала тоа чувство?
– Да, имало моменти за време на јога праксата кога сум почувствувала вистинска емоционална слобода и длабок внатрешен мир. Тоа чувство најчесто се појавува по завршувањето на праксата, во Шавасана (поза на длабока релаксација), кога телото е целосно опуштено, а умот – јасен и спокоен. Во тие моменти, се чувствувам како да сум ослободена од тежината на мислите, како да нема ништо што треба да „правам“ или да „бидам“ – само чисто постоење. Исто така, тоа чувство на длабок внатрешен мир не се јавува само по завршувањето на јога праксата, туку често и по медитација, особено кога е инкорпорирана пранајама (техники за контролирано дишење).
Кога по медитацијата продолжувам со свесно, ритмичко дишење, чувствувам како умот и телото се синхронизираат, како сè непотребно исчезнува, а останува само чиста присутност.

Грчкиот остров Аморгос е познат по својата смирувачка енергија и волшебни пејзажи. Какво беше искуството да практикуваш јога таму?
– Овој остров има посебна енергија, тивка, но моќна, што веднаш создава чувство на смиреност и поврзаност со природата. А атмосферата таму беше уште позамирена, бидејќи, како што велат, островот има повеќе кози отколку луѓе, а бројот на возилата е минимален, што ја прави тишината уште поинтензивна и потполна.
Самата природа, вежбањето на отворено, со поглед кон морето, донесе ново ниво на присутност и ослободување.
Аморгос исто така се смета за остров со посебна енергетска својства. Според локалните верувања, под островот се наоѓаат камени и кристали кои зрачат со уникатна енергија, која се верува дека влијае на благосостојбата на оние што се на островот. Оваа мистична енергија на островот го направи моето искуство уште поинтензивно и трансформативно.
Но, најважно од сè, Аморгос ми даде можност да ја почувствувам јогата на еден поинтуитивен начин – без обврски, без очекувања, туку како природен дел од ритамот на денот. Беше вистински потсетник дека јогата не е само пракса на подлога, туку и начин на живеење – да бидеш свесен, присутен и во хармонија со сè околу себе.
Ришикеш често го нарекуваат „срцето на јогата“. Какво беше чувството да бидеш таму, да учиш од вистински мајстори и да ја впиеш таа древна мудрост?
– Ришикеш, познат како „срцето на јогата“, беше искуство кое не може лесно да се опише со зборови. Чувството да бидеш таму, да учиш од вистински мајстори и да ја впиеш таа древна мудрост, беше длабоко трансформативно и неверојатно – инспиративно. Самото присуство во овој свети град, сместен покрај реката Ганга, носи една посебна енергија која ја чувствуваш во секој момент.
Во Ришикеш, јогата не е само пракса, туку начин на живот. Таму, од мајсторите – кои имаат длабоко знаење и искуство – научив дека јогата не се состои само од физички вежби, туку од целокупен пристап кон животот: од дишењето, медитацијата, анатомијата, до философијата која стои зад секој потег и збор. Гледајќи ги тие мајстори како го пренесуваат своето знаење со таква посветеност, дисциплина и строгост не само што ме инспирираа, туку ме потсетија на длабоката важност на континуираното учење и растење.
Од моето искуство во Ришикеш, научив многу важни практики од искусните учители. Една од тие практики која длабоко ме допре беше инкорпорирањето на благодарноста пред започнување на јога часот и по неговото завршување. Секој пат, сите заедно се заблагодарувавме на мајката Земја, на реката Ганга, на нашите родители и предци, на сите учители кои ни ја пренесуваат мудроста, и конечно – на самите себе, зашто сме спремни да посветиме време на себе, за личен раст и развој преку јога практиката.
Тоа ме потсети на важноста на приклонување и почитување на сè што постои околу нас – природата, нашето потекло и самите себе.
Со секој ден, јасно почувствував дека јогата е нешто што оди многу подалеку од матична практика – тоа е пат на длабока трансформација и самопознавање. Се надевам дека ќе останам константна во иднина, бидејќи јогата е пат кој бара посветеност и дисциплина.

Дали постои некој совет или учење што го доби од индиските гуруа и што целосно го промени твојот поглед на јогата – или дури и на животот?
– Јога сутра 1.2 вели: „Yogas citta vritti nirodhah“, што може да се преведе како „Јогата е запирање на флуктуациите на умот“. Оваа суштинска мудрост ја промени мојата перспектива на јогата и на животот. Сфатив дека јогата не е само физичка пракса, туку метод за да го контролираш умот, да ја намалиш бучавата на мислите и да најдеш внатрешен мир. Таа техника ми помогна да ја сфатам важноста на свесноста и покренувањето на внатрешната енергија преку контрола на умот. Ова учење целосно го смени мојот поглед на јогата, бидејќи сфатив дека само кога умот е смирен, можеме да доживееме вистинска поврзаност со себе и со светот околу нас.
Кога ќе ги поврзеш сите овие искуства – од првиот час на јога до патувањата во Индија и Грција – што е највредната лекција што ја научи и што би сакала да им пренесеш на другите?
– Највредната лекција што ја научив е дека вистинската сила на јогата лежи во смирувањето на умот и развивањето на внатрешната свесност. Патувањата и искуствата во Индија ми покажаа дека, без разлика на околностите, кога ја практикуваш јогата со фокус и посветеност, можеш да го пронајдеш мирот дури и во најбурните моменти. Јогата ми дозволува да го ослободам умот од бескрајните мисли и да се фокусирам на тоа што е навистина важно. Таа ме научи дека целта на праксата не е да се постигне физички совршенство, туку да се постигне внатрешна хармонија и поврзаност со самиот себе. Би сакала да им пренесам на другите дека јогата е начин на живот кој ни помага да бидеме присутни во моментот, да го прифатиме она што е и да го балансираме животот без да се оптоваруваме со надворешни фактори.