Фото: Приватна архива

Интервју со Драгана Левенска, театарска и филмска актерка: Ретко зборувам за борбата со анксиозноста, но најважно е што сама си подадов рака за да излезам од лавиринтот

Драгана Левенска е македонска театарска и филмска глумица. Дипломирала на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, на отсек за актерска игра во 2014 година и истата година се вработила во Македонскиот народен театар. Зад себе има многу улоги, но и животни предизвици. Со Драгана зборуваме за љубовта, родителите што 10 години живеат во Малта, борбата за анксиозноста и уште многу други теми во интервјуто за „Слободен печат“

Неодамна се врати од Малта каде што беше за велигденските празници. Како си помина на Малта и што најмногу ти се допаѓа таму?

– За мене нема ништо поубаво велигденските празници да ги поминеш во кругот на своето семејство или своите најблиски. Имам навистина многу ретки можности празниците да ги поминам со моите родители. Оваа година бев во нивно друштво заедно со нивните прекрасни другари што, исто така, живеат на Малта и на нивен забавен начин, со една убава гозба, со многу смеа го поминавме Велигден.

Фото: Приватна архива

Твоите родители 10 години живеат во Малта. Колку често се гледате и дали си размислувала и ти да се преселиш таму?

– Ух, не, никако, не сакам да се преселам таму. Малта е убава да се посети, поинаква е, си носи со себе еден посебен медитерански шмек, но не е по мој вкус, особено не во летните месеци. А, со моите родители, за жал, не се гледаме многу често.

Наспроти Малта сосе сите убавини што ги има, што е со Скопје? Какви чувства буди градот кај тебе?

– Јас сум од оние што каде и да одам, секогаш едвај чекам дома да се вратам. Скопје секогаш ми буди убави чувства. Овде е моето детство, мојата младост, моите спомени. Мислам дека можеме сите заедно да ја оживееме харизмата на Скопје и да му дадеме простор да дише и да живее. Не треба многу, доволно е да придонесе секој од нас по малку.

Фото: Приватна архива

Пред да запишеш актерска игра на ЕСРА, студираше книжевност. Зарем не се плашеше дали ја правиш вистинска одлука?

– Не, не се плашев. И не ме напушти во ниеден момент интуицијата ниту, пак, вербата дека сум на вистинскиот пат. Многу е важно во животот да имаме цел, да знаеме што точно сакаме и да веруваме во тоа. И тоа е многу поважно од желбата, затоа што секоја желба исполнета, подоцна не ја гледаме секогаш со ист жар. Немав никаков страв да почнам од почеток бидејќи знаев што сакам.

Која е првата позначајна улога што ја одигра во МНТ и какво беше чувството на сцената?

– Уште на студирањето на Академија, имав можност да работам театарски претстави со кои растев и учев. Моите први претстави беа во Драмскиот театар, па имав и во Театар Комедија, тука е и независната сцена и веднаш би ја издвоила претставата „Вејка на ветрот“ од Ирена Штеријовска, таму ја играв Мејбел, тоа е една моја драга театарска улога, тука е и претставата на Андреј Цветановски „Жени од подземјето“, тоа беше претстава со еден моќен колаж од античките драми. Ја играв Медеја, и со таа улога си ги поместив своите граници и имав еден „натпревар“ со себеси. Јас имав среќа што во МНТ ја имав честа да работам со две големи театарски имиња, Александар Морфов и Андриј Жолдак. Од Морфов научив што значи колектив, што значи да сме едно на сцената без разлика кој што игра, научив која е сржта на театарот и како тој треба да изгледа во целина и по тоа театарско искуство се создава еден поинаков театарски критериум.
Од сегашните улоги би ја издвоила „Лагата“ и мојата Јована. А, чувството на сцена понекогаш знае да ми биде покомотно и од дома. На сцена сум своја, сигурна… нема ништо поубаво кога ќе го пуштиш детето во тебе да игра, да создава и да креира.

Фото: Приватна архива

Каде излегуваш, со кого се дружиш?

– Обожавам да одам со другарките на концертите што се секој четврток во Филхармонија, тоа ни стана една убава рутина, потоа знаеме да седнеме во некое кафуле. Преку ден знам да седнам во кафулето „Круг“ или, ако сум со внук ми, во АБЦ, да сме блиску до парк. Едно од местата во кое израснав и сум му била секогаш верна е „Тренд“. Немам некое посебно место на излегување, важно ми е друштвото и секако да има добра музика и атмосфера. Моето друштво е различно не само по професија туку и по години и се навистина еден убав микс од различности. Можам да кажам дека имам прекрасни и лојални луѓе до мене и тоа ми е особено драго и ме радува. Им благодарам на секоја поддршка.

Стилот на облекување го градиш според трендовите или не си тој тип жена?

– Ако во тие трендови има нешто што ми се допаѓа и „личи“ на мене и ми прилега, тогаш – да, а инаку, не сум многу оптоварена со тоа. Стилот се гради според сензибилитетот на личноста, а и честопати знае да го отсликува на некој начин и нашиот карактер.

Фото: Приватна архива

Што е со љубовта? Што треба да поседува еден човек за да те освои?

– Па, сега веќе зрелоста, затоа што со зрелоста доаѓа и одговорноста. Да биде автентичен. Да биде маж, за да можам да бидам покрај него жена. Пред сè, да биде човек што знае да сака и почитува. А, што се однесува за љубовта… кога човек има љубов, има сè. За мене љубовта е основен двигател во животот.

Како актерка, колку проблеми имаш во однос на градењето врска, од причина што сè уште не сме ги надминале стереотипите, од типот љубовни сцени…?

– Постојано велам дека можеби не е едноставно и не е бајковито, но привилегија и чест е да си жена актер. Живееме во општество кое, за жал, е полно со предрасуди и осуди и тоа воопшто нема врска со ниедна професија. Но, за среќа, имаме и доста созреана публика што ја гледа уметноста покомплексно, без предрасуди и осуди.
Да, сум имала и проблеми во партнерските врски, во моите почетоци имало разни несогласувања, но сè тоа ми е оставено во едно далечно минато. Не сака секој партнерот да му има јавна професија и тоа е во ред, го разбирам.

Фото: Приватна архива

Не е тајна дека и ти си од оние што се борат со анксиозност и панични напади. Како си сега? Што презема за да излезеш од овој лавиринт?

– Некогаш е бурно, некогаш мирно. Но, во суштина сега сум добро. Јас искрено не сум зборувала премногу на оваа тема бидејќи сум сметала дека не е дојдено сè уште времето. Сум споменала дека во тие периоди сосема случајно се создаде една книга поточно еден дневник „Сара“, кој долги години ми беше во фиока. Во тој дневник е мојата приказна. Првата година мислев дека веднаш ќе ја издадам таа книга – тој дневник, но се повлеков бидејќи добив чувство дека нешто недостасува. И точна ми била интуицијата. И, ете, од пред некој месец се отворија тие пишани страници повторно и се напишаа нови, сега веќе има зрелост и искуство за издавање.
Ова е една многу комплексна тема што секој различно ја доживува и има различни механизми на справување. Тоа не е математичка задача што има шаблон на решавање, секој својата борба ја води на начин што е најдобар за него. Но, она што е клучно е работа на себе со психолог. И да си подадеш рака на себеси не затоа што мораш туку затоа што можеш. И само со многу работа и трпение се излегува од секој лавиринт. Грижата за себе не е себичност.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот