
Интервју со Драган Б. Костиќ: „Диско селектор“ не доби никакво јавно признание како најстара музичка емисија во Европа со 40 години стаж
Во интервјуто за „Слободен печат“, со Драган разговараме за музиката, почетоците, популарната „Диско селектор“, за брендот Б со точка и за уште многу приказни…
Во салата „Јане Сандански“ во Скопје на 29 ноември, легендарниот радио и ТВ-водител Драган Б. Костиќ вели дека ќе го одигра „последниот танц“ на сцена. Така е наречен настанот што „Авалон“ го организира по повод 50 години кариера на Костиќ. Во интервјуто за „Слободен печат“ разговараме за музиката, почетоците, популарната „Диско селектор“, за брендот Б со точка и за уште многу приказни…
Препорачано
Зад себе имате 50 години кариера, сепак, како почна Вашата диџејска кариера?
– Не се сеќавам многу на првиот настап. Беше тоа во маалскиот клуб „Пони салун“, на улица „Ленинова“, во кој повремено настапуваше и Михаил Бошковски. Беше некој ден среде недела, случајни десетина гости, бев тотален анонимец, а имав и проблеми со грамофоните, „миксувањето“, првпат ми беше, трема – сигурно.
Клучниот миг беше ангажманот во клубот (Братство или Пилот) во мотелот пред населбата Белимбегово, каде што во викендите имаше и по неколку стотици луѓе. Сегашните генерации диџеи, кога би се нашле во таква ситуација веројатно би помислиле дека е тоа време на диносаурусите. Грамофони на „белт драјв“ (значи каиш што го врти дискот), нема запирање, бидејќи додека стартува повторно, плочата односно песната ќе завива секунда-две, треба практика за да ја спуштиш рачката со иглата точно на почеток, пред да миксуваш. И денес не знам како тоа функционираше. Секоја грешка е можна, но, повторена пред неколку стотици луѓе – вистинска трагедија.

Какво беше Скопје од Вашето време, излегувањата, журките?
– Во раните седумдесетти, Скопје функционираше преку маалските клупчиња, ги имаше многу, обично подрумски простории, излепени со постери. Доколку познаваше луѓе од нив, за да те внесат внатре, во текот на вечерта можеше да минеш и во неколку од нив во потрага по друштво и убави девојки. Секое друштво имаше свои клубови, мошне затворени кругови, генерално гледано, една бескрајна палета на можности за забава. Сосема различна од сегашната во емотивната социјална заемна поврзаност. Поскромно, посиромашно, но побогато.

Четириесет и две години бевте дел од Македонското радио, „Диско селектор“ брои 42 години постоење, а со емисијата „Заборави ако можеш“ изброивте 4.661 издание. Може ли еден мал осврт на сето ова?
– Мојот ангажман во македонското радио почна на 26 јуни 1972 со емисијата „Поп албум“, која ја работев целосно авторски, но не и водителски. Таа улога со одлука на уредничкиот колегиум му беше доделена на Димитар Чемков, a јас имав хонорарен статус. И тоа полни 22 години и осум месеци, рекордно за таа куќа. Причина: немав „соодветна музичка наобразба“. И така две и кусур децении, за во 2017-та да станам професор по предметот историја на популарната музика на македонската музичка академија. Изредив преку 12.000 емисии.
„Диско селектор“ беше сосема поинаков естрадно музички проект. Радиото имаше свој примарен интерес во лесната забавно шлагерската поп-песна, но во светот паралелно се градеше и развиваше сосема различна музичка палета, особено по фестивалот во Вудсток. Две паралелни музички линии, кои имаа свои милионски следбенички армии, од кои втората стануваше сè поекспонирана, за некои нови генерации. „Диско селектор“ стана прозорец кон светот, оаза во која квалитетната музика на времето како приоритет отвораше нови видици на новата младост. „Диско селектор“ е и првата емисија во историјата на македонското радио која се емитуваше во стерео. Низ неа минало сè што во тие години. Емисија што почна на 29 јуни 1974 и официјално (но и потоа) на Радио 2 точно на истиот ден во 2014 престана да се емитува. Лесно проверливо, но кај нас без какво било јавно признание, таа беше најстарата музичка емисија во Европа, а можеби и во светот со рамно 40 годишен стаж. А „Заборави ако можеш“? За неа, емисија што се емитуваше во едночасовен термин, секој работен ден секогаш, со многу љубов. Дневно десетина интересни стории за толку песни. Произлегува дека, најмалку 46.610 песни и толку стории биле раскажани.

Колку Б со точка Ви помогна да го изградите Вашиот бренд? Како почна таа приказна?
– На почетокот го немаше тоа Б со точка. Но, секој водител се обидува да биде различен од другите. Ги имав, сите тие специфики, но за да помните името на водителот, треба нешто маркирано. Јас го одбрав стариот словенски обичај, да биде спомнато татковото име. Името на татко ми беше Бранко. Но, за да биде повпечатливо, поинтересно, поегзотично, го спомнав и знакот на интерпункција којшто се става зад средното име, зад првата буква од него. Точката. Полесно се помнеше Б со точка, одошто целото мое име и презиме. Колку е присутен тој бренд во обичниот живот кај нас? Кога влегувам во такси, знае возачот да ми каже: „Ајде Б со точка, каде?“
