
Интервју со доц. д-р Тања Анѓушева: Ергоспирометрија
Со овој тест јасно може да се одреди причината на заморот и отежнатото дишење, односно дали е последица на претходно латентно срцево заболување или, пак, станува збор за промени во структурата и функцијата на белите дробови.
Кардио-пулмонален стрес-тест (СРЕТ), ергоспирометрија, е тест со кој се мери работата на срцето во корелација со белите дробови за време на физички напор. За разлика од стандардниот стрес-тест, пациентот оди на лента или вози статичен велосипед, при што му е поставена дополнителна апаратура. Таа опфаќа: апарат за мерење на крвниот притисок, електроди за правење ЕКГ (електрокардиограм ЕКГ) со кои се регистрира срцевата акција, како и маска што е поставена на лицето и со помош на која се мери кислородната потрошувачка односно фреквенцијата и силината на дишење, колку често и колку длабоко пациентот вдишува и издишува.
Препорачано
Каде се наоѓа примена и кои се индикациите што упатуваат на ергоспирометриски тест?
– Индикационото подрачје за овој тест е доста широко, а примената на тестот за процена на здравствената состојба на пациентите е веќе влезена во голем број медицински водичи за лекување. Најчести причини се: одредување на причината за функционалните проблеми на срцето и белите дробови; процена на физичка подготвеност, односно максималното оптоварување кое може една личност да го толерира со цел да се направи план за тренирање по мерка на личноста која се тестира; процена на ризик пред планирана хируршка процедура; процена на сериозноста / тежината на срцевата слабост; евалуација на степенот на белодробните болести како ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), белодробна васкуларна болест или цистична фиброза; евалуација на индивидуалните ограничувања како резултат на лимитираноста на белодробието или, пак, на срцето во тек на физичката активност; процена на подготвеноста на пациент што има одредено срцево заболување за рехабилитација и правење план за физички активности во тек на рехабилитацијата; утврдување на ефикасноста на претходниот медикаментозен / оперативен третман; процена за потреба од друга форма на третман поврзан со срцева слабост во терминален стадиум (механичка циркулаторна потпора, срцева трансплантација, за оние пациенти во терминален стадиум на болеста).
Како се изведува тестот? Дали се потребни претходни подготовки и што вклучуваат?
– Тестот се изведува во посебна просторија каде што е сместена опремата и под будното око на стручниот медицински кадар што ќе го води лицето што се тестира. Може да се изведе со помош на лента или со возење статичен велосипед. Истовремено, се следат срцевите и белодробните параметри преку електроди и сензори поставени на телото и во маската, а апаратот има специјална програма што врши анализа на овие параметри. Потоа доктор ги обработува и ги одредува понатамошни чекори. Подготовката за овој тест не е комплицирана, но има неколку клучни правила: пациентот задолжително треба да ја земе редовната терапија што ја користи; полесен оброк е дозволено да се консумира до четири часа пред тестот. Доколку чувствува глад, дозволено е консумирање шејк пред тестот; не смее да се консумира кафе, кока-кола, алкохол, црн чај; еден ден пред тестот не е пожелно пациентот да вежба; не е дозволено консумирање никотин (цигари и електронски цигари) пред тестот.
Дали процедурата е безбедна, колкав е ризикот од компликации?
– Процедурата е високо безбедна. Многу е ниска појавата на несакани ефекти (еден на сто илјади пациенти). Најчести несакани ефекти се аритмии и миокарден инфаркт. Но, важно е да напоменеме, мониторирањето на пациентот е многу пообемно. Параметрите на апаратот даваат можност однапред да се процени настанато исцрпување на физичките резерви или промени во нормалниот метаболизам од кислороден во бескислороден, така што тестот се прекинува и се спречува појавата на несакани ефекти.
Покрај кардиоваскуларните пациенти, ергоспирометрискиот тест се препорачува кај спортистите. Кои се конкретно придобивките за нив и дали ергоспирометријата како дијагностичка процедура може да помогне во рана детекција и превенција од ненадејна срцева смрт кај спортистите?
– Ергоспирометријата е многу важна во процената на физичката кондиционираност на еден спортист, бидејќи со анализата на добиените параметри од белодробието и срцевата акција, лекарот може да ја процени точно точката кога спортистот влегува во анаеробен (лактичен метаболизам). Што, всушност, значи тоа? Познато е дека кај спортистите со редовниот тренинг не само што се кондицираат скелетните мускули, туку се тонизира и срцевиот мускул и се адаптира на одреден степен од физички напор за да донесе адекватна количина крв, а со тоа кислород и глукоза кои се неопходни за ослободување енергија која ја одржува работата на мускулатурата. Со овој тест ние можеме точно да кажеме до кое ниво е постигнато кондиционирање. Според тоа, потоа да му дадеме совети на спортистот како да продолжи со цел за да го избегне моментот на влез во анаеробен метаболизам со прекумерниот физички напор. На таков начин се спречува појавата на мускулна болка кај спортистите, но што е најважно се спречува непотребното оптоварување на срцевиот мускул и можноста за појава на негово проширување и слабост или, пак, појава на аритмии и ненадејна срцева смрт.
Закажете преглед/консултација со стручниот тим на Клиника „Жан Митрев“ на телефонот 02 3091 484