
Интервју со Бранко Велјановски, музичар: Настапот на „Егзит“ е чест, но чувството е поинакво кога настапувам дома
Бранко Велјановски е музичар, композитор, гитарист и дел од електронското музичко трио „БДМ“. Тој е и основач на музичкото училиште „Енсо“, во кое преку десет години работи со млади, талентирани деца.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од една страна, тој е сопруг и посветен татко, кој секој слободен миг го поминува со семејството, а од друга страна – музичар кој ужива во секој момент поминат на сцената, со настапите во живо, особено на фестивали како „Егзит“ и „Д фестивал“.
За музиката, гитарата како прва љубов и бендот со кој создава музика и поставува нови стандарди на домашната сцена, Бранко ни раскажа во интервјуто за „Слободен печат“.
Неодамна настапивте со „БДМ“ на „Егзит“ во Струмица. Какво е чувството да се свири на домашен фестивал, во споредба со „Егзит“ во Нови Сад каде што публиката доаѓа од цела Европа?
– Секогаш кога сме на домашен терен е посебно, енергијата е поинаква, интимна и силна. Публиката во Струмица ни е поблиска, многумина ги знаеме, и тоа создава чувство како сите заедно да сме на сцена. Во Нови Сад, пак, атмосферата е огромна, интернационална – таму имаш чувство дека ја претставуваш Македонија пред цела Европа. Двете искуства се уникатни и ни значат подеднакво.
Во екот на короната снимивте сет во старата Пошта, а првата албумска промоција ја направивте во кино и радио, плус со идеја музиката да се доживее преку филмското платно, но и паралелно со стримање на Јутјуб и Антена 5. Сега кога го подготвувате вториот албум, размислувате ли како да ја надминете таа промоција?
– Да, секогаш сакаме да излеземе надвор од стандардната концертна форма. Вториот албум е готов, веќе имаме издадено неколку изданија од него, кој се вика SYNAPSES, и кој претставува нов предизвик. Размислуваме за нешто што ќе ја поврзе музиката со просторот на нов начин. Имаме веќе нафрлано идеи на хартија, но сигурно ќе биде нешто несекојдневно, што ќе ја ангажира публиката со сите сетила.

Песните ги пишувате исклучиво на англиски, но сепак често соработувате со македонски пејачи?
– Англискиот е наш израз, особено затоа што нашата музика патува надвор. Но соработките со македонски вокали ни се голема инспирација, тие додаваат автентичност и емоција која потсетува од каде доаѓаме. Јазикот на изразување не треба да ни биде бариера, најбитна е емоцијата која што се трудиме да ја пренесеме преку музиката. Како и да е, носиме парче од нашата култура на светската сцена.
„БДМ“ е составен од тројца музичари, но многумина не знаат дека своето знаење го пренесувате и на млади кои сакаат да учат музика. Како изгледа тој процес?
– Тоа ни е една од најубавите страни од нашата работа. Со младите работиме индивидуално, но и во групи – секој од нив има свој карактер и енергија. Ние не им предаваме само ноти или техники, туку им помагаме да ја откријат својата сопствена музика и да го најдат она што најмногу им се допаѓа во неа.

Што е најголем предизвик во работата со деца и млади? Колку свирењето на гитара или друг инструмент може да биде и природна терапија за нив? Имате ли некое искуство што ви останало во сеќавање?
– Најголем предизвик е трпението, секој млад човек има различен пристап и потреби. Но токму тоа е убавината, затоа што музиката е и терапија. Сме имале ученици кои биле затворени во себе, но преку музиката започнаа да комуницираат и денес се сосема поотворени. Таквите моменти се непроценливи.
Ако имате можност да изберете еден фестивал или сцена на која би сакале да настапите, која би била тоа?
– Гластонбери е едно од соништата. Тој фестивал е како универзум за себе, каде што сите жанрови и култури се спојуваат. Да ја споделиме нашата музика таму би било голем момент.
За крај, со кој светски музичар би седнале на пиво? Не за проба, туку за чисто муабет?
– Па веќе имаме испиено пијачка со момците од Руфус ду Сол, така што… мислам дека и ова е океј.