
ИНТЕРВЈУ | Никола Ѓуретановиќ: Постепено ја кревав формата до ОИ во Париз, каде што очекувам најдобар резултат
Моите учества, со успеси и рекорди на натпреварите, уште еднаш покажаа дека сум во врвот на мојата конкуренција во регионот и доста пошироко што ми дава дополнителен мотив за работа и успех – вели македонскиот пливач.
Се ближи стартот на Летните олимписки игри во Париз, Франција, кои ќе се организираат од 26 јули до 11 август. Потврдени се седум спортисти кои ќе ја претставуваат Македонија на најголемиот спортски собир, а меѓу нив ќе биде и пливачот Никола Ѓуретановиќ, кој се надева на најдобро испливано време на Олимпијадата.
Препорачано
Македонски спортисти на ЛОИ 2024 Париз –
Дарио Ивановски – атлетика
Мила Рељиќ – таеквондо
Анастасија Мојсовска – спортско стрелаштво
Владимир Егоров – борење
Еди Шерифовски – џудо
Ева Петровска – пливање
Никола Ѓуретановиќ – пливање
Ѓуретановиќ ќе настапи на 27 јули на трката 400 метри слободно и ќе го придружува тренерот Горан Стаменов. Пливачкиот клуб Вардар 2018 објави дека сиот труд и напорна работа, и секако успесите, се исплатеа за учество на ЛОИ 2024 на Никола и тоа со само 16 години. Ова е огромен успех за клубот, за пливањето и за државата. Ѓуретановиќ и годинава на државното првенство беше прогласен за младински, сениорски и апсолутен шампион на Македонија.

Како и кога се одлучи за пливањето, што беше клучно да бидеш дел од овој спорт?
– Кога наполнив пет години родителите ме однесоа на базен преку познанство со тренерот и така започнав со пливањето, кое веднаш ми стана интересно и возбудливо, а на мојот прв натпревар освоив прво место и тоа беше клучно да започнам посериозно со овој спорт.
Член си на пливачкиот клуб Вардар 2018, кои се твоите тренери, колку си задоволен од условите и тренинзите кои се потребни?
– Моите тренери се Горан Стаменов, Бошко Томовски и Ертан Ибраим Реџепагиќ, а од условите во клубот и самите тренинзи сум многу задоволен бидејќи и моите резултати говорат за тоа.
Во Дубровник имаше национален младински рекорд на 400 метри (4:92.61 мин.), на Бања Лука опен беше прогласен за најуспешен до 18 години, учествуваше на Европското првенство во Белград, колку си задоволен од настапите, со оглед на тоа што беше меѓу кандидатите, а сега и официјално си меѓу спортистите кои ќе ја претставуваат Македонија на Летните олимписки игри во Париз?
– Од учествата на меѓународните натпревари сум презадоволен бидејќи постепено ја кревавме формата токму до ОИ во Париз каде што очекуваме најдобар резултат, а моите учества на потенцираните натпревари уште еднаш покажаа дека сум во врвот на мојата конкуренција во регионот и доста пошироко што ми дава дополнителен мотив за работа и успех.
Кои резултати и успеси сакаш да ги одвоиш досега како најдраги на домашната и меѓународната сцена?
– Како најдраг успех ќе го споменам резултатот од Ниш на 1500 м слободно кога го освоив првото место со испливано време од 15:58, соборувајќи го националниот апсолутен рекорд на Македонија и постигнувајќи 750 Фина бодови. На домашна сцена ќе го споменам резултатот од 15:40 на 1500 м слободно во мали базени, кој исто така е национален апсолутен рекорд на Македонија.
Кои се твоите желби кои сакаш да ги оствариш во пливањето, од аспект на настапи на големи натпреварувања, медали…
– Во блиска иднина ќе ме очекува сериозна работа за европско и светско младинско првенство каде што се надевам на највисок пласман, а понатака секако и учества на ОИ низ годините со исполнет критериум и борба за финалиња, а зошто не и медал за Македонија од големи натпреварувања.
И за крај, што треба да го краси еден пливач за да верува во успех, во позитивен резултат?
– За еден пливач да успее, мора да биде како прво дисциплиниран и упорен и да верува во процесот кој е долг и напорен, но на крајот од денот, трудот и работата секогаш се исплатат.