
ИНТЕРВЈУ Моника Стојковска: Шахот нè учи како да размислуваме, секоја титула е награда за вложениот труд
До сега ги имам освоено потребните норми (вкупно три) за повисоката титула женски Интернационален мајстор, но ми недостасуваат рејтинг поени за нејзино впишување до моето име. Мојата цел во иднина се состои од освојување на нови рејтинг поени и со самото тоа освојување на титулата женски Интернационален мајстор – вели Стојковска.
Членот на Шаховскиот клуб Алкалоид, женскиот ФИДЕ Мајстор Моника Стојковска е шампион на Македонија за 2023 година. На женскиот државен шампионат настапија 10 шахистки и се играше по Бергеров систем (секој со секого). Првото место го поделија репрезентативките ЖФМ Моника Стојковска и Ивана Манова освојувајќи по 7 поени. Титулата ѝ припадна на Стојковска поради победата во директниот дуел против Манова, со што, првата табла на македонската репрезентација, го одбрани минатогодишното прво место.
Препорачано
Кога почнавте да играте шах, што беше пресудно за да се определите за овој спорт?
– Моите почетоци во шахот започнаа на четиригодишна возраст кога моите родители ме прашаа на кој спорт сакам да ме запишат. На таа возраст бидејќи не ги ни знаев спортовите кои постојат, татко ми почна да ми ги набројува еден по еден од ракомет, пливање…до сите можни спортови. Иако имав само 4 години сепак знаев што не сакам и не сакав ниту еден од понудените спортови. И така единствен спорт кој остана некажан и на кој се сетија моите родители во последен момент беше токму шахот. Ние имавме дома шах, ми покажаа како изгледа и се согласив да пробам да одам на час. Кога ме однесоа на шах, тренерот беше скептичен бидејќи бев премала за да седам мирна и да слушам со внимание, но јас немав таков проблем. Седев со саати и слушав. Ете тогаш и се заљубив во шахот.

Велат дека секогаш е право време за играње шах. Што е тоа што го нуди шахот, дали помага во подобрување на интелигенцијата, концентрацијата?
– Вистинско време за играње шах е возраста кога децата почнуваат со одење во школо бидејки шахот бара децата да знаат да читаат и пишуваат. Јас имав среќа што на 4 години знаев да читам и пишувам кирилица, а следната година научив и латиница. Шахот сигурно дека помага во подобрување на концентрацијата и фокусот бидејќи токму тоа е потребно за време на шаховската партија. Скоро без исклучок децата кои играат шах стекнуваат навики за учење и никогаш немаат проблеми со добри оценки на училиште. Ако треба да издвојам најдобар бенефит од шахот, во тој случај би рекла носење на правилни одлуки на шаховската партија, а и во животот. Шахот нè учи како да размислуваме и како да дојдеме до правилната одлука.

Ја освоивте титулата државен шампион за 2023 година, колку ви значи овој успех?
– Оваа година ја одбранив титулата државен шампион, додека титулата ја освоив минатата година. Секоја освоена титула или прво место е секогаш неизмерно драго. Тоа е на некој начин потврда дека се движам во вистинската насока и претставува награда за вложениот труд и работа во изминатите години.
Член сте на Шаховскиот клуб Алкалоид, кажете ни нешто повеќе околу клубот, колку сте задоволни од условите?
– Шаховскиот клуб Алкалоид е клуб кој постои во континуитет во Македонија повеќе од 45 години и важи за најуспешен и најтрофеен клуб во нашата земја. Во 2016 година клубот го оствари најголемиот успех во својата историја – со победа на Европскиот клубски куп ја понесе титулата Европски шампион. Шаховскиот клуб Алкалоид е спонзориран од Алкалоид АД Скопје преточувајки го корпоративниот начин на функционирање и успеси и во клубот.

Според вас, дали се дава доволно внимание на шахот во Македонија од аспект на вложувањето за негово претставување?
– Шахот во Македонија е за жал запоставен и многу малку медиумски застапен. Во светот не е таков случајот и затоа треба да учиме од нив. Се надевам дека во иднина Шаховската федерација на Македонија ќе вложи напори за негово претставување, бидејќи како комбинација од спорт и наука е уникатен и верувам би бил доста интересен и за широките народни маси.
Кои се следни турнири кои ве очекуваат, и вашите цели за во иднина кои сакате да ги остварите?
– Како член на женската шаховска репрезентација оваа година треба да ја претставуваме Македонија на Европското екипно првенство кое ќе се одржи во месец ноември во Црна Гора и кој е најважен турнир за мене и за македонската репрезентација оваа година. До сега ги имам освоено потребните норми (вкупно три) за повисоката титула женски Интернационален мајстор, но ми недостасуваат рејтинг поени за нејзино впишување до моето име. Мојата цел во иднина се состои од освојување на нови рејтинг поени и со самото тоа освојување на титулата женски Интернационален мајстор.
И на крајот една ваша порака до помладите доколку се одлучат за шахот?
– Им порачувам на сите млади кои сакаат да играат шах да бидат упорни и да не се откажуваат. Играњето шах е одење по тежок пат, но секоја победена партија ни покажува дека сето тоа вреди.