фото: Слободен печат/ Драган Митрески

ИНТЕРВЈУ | Мирослав Богдановски: „Зелените“ активисти не се за во фотелја, туку за на терен

Работата од фотелја сакав да ја заменам со работа на терен, зашто зелените активисти се луѓе за на терен, таму каде што се проблемите. Видов и дека Градскиот инспекторат е замрен. Охрабрен бев и што со Ана Петровска, која е на чело на Државниот инспекторат за животна средина, се договоривме да функционираме координирано, како тим, и можам да кажам дека во наредниот период загадувачите ќе имаат голема мака со на

Не се случува често во Македонија пратеник да се откаже од функцијата ако не оди на повисока позиција. Уште поретко – пратеничката фотелја да ја замени за теренска работа, без работно време, за да оди на депонии и да брка загадувачи. Минатата недела, пратеникот на партијата ДОМ, Мирослав Богдановски, го стори токму тоа.

За неговите искуства како пратеник, за потребата од измени на законската регулатива и за актуелните проблеми во Градскиот инспекторат за животна средина, каде што се врати во улогата што ја имаше претходно, како директор, разговаравме во првото негово интервју откако му заврши улогата на пратеник.

l Зошто ја напуштивте пратеничката функција и се откажавте од привилегираниот статус на пратеник, но и од можноста одвнатре да влијаете врз подобрување на системот за заштита на животната средина?

– Работата од фотелја сакав да ја заменам со работа на терен, зашто зелените активисти се луѓе за на терен, таму каде што се проблемите. Видов и дека Градскиот инспекторат е замрен. Одлуката беше едноставна. Како човек од акција сметам дека тука треба да бидам. Охрабрен бев и што со Ана Петровска, која е на чело на Државниот инспекторат за животна средина, се договоривме да функционираме координирано, како тим, и можам да кажам дека во наредниот период загадувачите ќе имаат голема мака со нас. Точно е дека во Собранието се носат закони, но сето тоа оди многу бавно и мачно.

Мирослав Богдановски
Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Има доволно „зелени“ парламентарци

l Што се случи со неколкуте ваши иницијативи во Собранието? Има ли слух кај вашите поранешни колеги за екологијата и колку се тие потиснати од инертното мнозинство парламентарци?

– Иницирав јавна расправа за влијанието на малите хидроцентрали и уште неколку амандмани. Сè е толку бавно, не се движат работите. Но има колеги и од владејачките и од опозициските партии кои ми пријдоа и ми дадоа поддршка за иницијативата за хидроцентралите, па затоа сметам дека има доволно „зелени“ парламентарци што би поддржале измени на закони од областа на животната средина.

l Колку недостига законска регулатива за уредување на областа на животната средина?

– Еден од проблемите со кои се соочуваме е недостигот на правилници според кои ќе ги казнуваме загадувачите, а еден од нив е правилник за цврсти горива. Еве, земете ги пелетите, субвенциониран огрев, но ние не знаеме што има во тие пелети, колку има лепак, на пример, или да се ограничи влажноста на дрвата и да се санкционира продавањето и користењето неквалитетен огрев. Нема ниту правилник за гранични вредности кај индивидуалните домаќинства… Потребни се и измени на некои закони во 11 области за да им се олесни работата на инспекторите.

l Планирате ли да ги искористите своите познанства и пријателства во Собранието и да лобирате за нив?

– Секако!

l Можеби допрва ќе видиме како пратеници и од едната и од другата опција гласаат за нешто што е за доброто за сите…

– Да, но имате и обратни ситуации. Јас бев единствениот што гласаше против предложениот закон за легализација на дивоградбите. Знаеме дека и одредбата што ги штити социјално загрозените лица со дивоградби може да се изигра, па, да речеме, некој својата луксузна дивоградба на три ката ќе му ја препише на примател на социјална помош, кој ќе ја легализира и потоа ќе му ја врати. Со тој закон се праќа многу лоша порака, но зад него застана и позиција и опозиција. Ако само легализираме и легализираме, за што ни се тогаш ДУП, урбанистички планови, просторно планирање?

l Ќе се размрда ли Градскиот инспекторат? Овие година и половина никој не спомнуваше што сработел.

– Така е. Додека бев во Градскиот инспекторат, до 2019 година, тука се работеше како никогаш порано, имавме 1.800 напишани казни, се правеа вонредни инспекциски надзори, влегувавме на места каде порано „сè било во ред“, во еден, два по полноќ, за викенди со ненајавени мерења, пишувавме многу казни тогаш. Обезбедиме пари за работа на инспекторите, за обуки, за лабораторија. Имаме четворица инспектори за животна средина и девет комунални инспектори во Градот.

Судот често несфатливо враќа предмети

l Да, но имаат ли судски епилог тие силни случаи?

– Имаме голем проблем со Судот и не знам како тоа да го решиме. Наше е да утврдиме состојба, да поднесеме прекршочен платен налог, кривична пријава, но понатаму сè е во рацете на судовите, а оттаму често несфатливо се враќаат. И покрај добро образложените предмети, некогаш ни самиот судија не знае што и зошто бара при сите дадени докази. Мислам дека Судскиот совет треба да направи една контрола како работат тие судии.

l И со Обвинителство соработката не беше за пофалба, ако се потсетиме на случајот со медицинскиот отпад што го најдовте во фирмата „Еко клуб“ пред една и пол година. Што се случи со таа постапка?

– Така си стои оттогаш во Обвинителство, без разрешница, иако тогаш поднесовме пријава како инспекција.

l Само што седнавте на столчето во Инспекторатот на Град Скопје, веднаш ве пречека случај, објавен на социјалните мрежи – по Усјанскиот канал се разлеваат фекалии, а граѓаните се жалат и бараат помош.

– Веќе испратив луѓе на самото место и со ЈП „Улици и патишта“ договараме чистење на каналот. Уште кога бев претходно на оваа позиција, се сеќавам дека имаше случаи на индивидуални објекти чијашто канализација е нелегално поврзана со каналот, иако во нивна близина има фекална канализација. Нашите инспектори ќе ги задолжат да се поврзат со системот на фекална канализација. Пред да заминам од тука лани, иницирав инспекциски надзор на пречистителната станица на Цементарница, бидејќи во фабричкиот двор, иако самата фабрика има А-интегрирана дозвола и за неа е надлежен Државниот инспекторат, има и помали стопански субјекти, но наодите беа во границите на нормала. Тогаш влеговме и во кругот на Стакларница, каде што затекнавме помали субјекти што не беа врзани за канализацијата. Граѓаните, локалното население, се секогаш многу важен сегмент од нашата работа, тие мора да ни се јавуваат и да ни пријавуваат неправилности за да ни помогнат да ги откриваме загадувачите.

Фото: Мирослав Богдановски и Ана Петрова

ДОМ е окупирана партија!

l Кој е вашиот коментар за последните случувања во партијата Демократска обнова на Македонија?

– Со ова раководство, партијата нема далеку да стаса, стана збирштина на кариеристи. Се уништуваат сите обиди за демократски дијалог, владее непочитување на Статутот на партијата и на демократските вредности. Се одземаат телефони за да не се снимаат партиските собири, лажно се претставуваат членови затскриени зад маски, тоа во ниту една партија го нема. Дел од раководството што ја поддржува претседателката оди дури дотаму што се јавуваат по јавни претпријатија и институции за да бидат избркани од работа нивни сопартијци неистомисленици. Ова се случува во време кога во околните земји се во подем зелените парии, а тука имаме зелена партија чијашто претседателка дозволила од двајца пратеници да спадне на еден, односно самата таа.

Депониите пред избори се палат намерно

l Што ќе се прави со дивите депонии?

– Во периодот што претстои ќе имаме раст на бројот на случаи на запалени диви депонии, тоа се случува пред секои избори. За жал, тоа е нечија идеја како да се претстави постојната власт за некадарна да се справи со вакви сериозни проблеми. Пред последните избори, имаше палење на Русино и во Визбегово, што беше намерно сторено. Визбегово мислам дека го средивме, но ќе се потрудиме да обезбедиме посовремен начин на мониторирање на активностите таму за да обезбедуваме докази ако некој прави нешто недозволено таму. Но и општинските инспектори мора да го сработат својот дел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот