ИНТЕРВЈУ Д-р Старделова: Пандемијата ја потврди важноста на докторите, во здравството мора да се инвестира

Калина Гривчева- Претседател на Лекарска комора

Пандемијата само ја потврди важноста на докторската професија, а нам ни покажа дека само заедно, сплотени, со интегриран пристап можеме да изнајдеме решение за проблемите со кои се соочуваме. Лекарската комора одговори на ниво на својата задачата и обезбеди помош и поддршка на докторите од сите нивоа на здравствениот систем со организирање на циклус од онлајн средби со стручни дискусии за различни медицински аспекти поврзани со препознавање и третман на ковид-19 и неговите компликации.

Лекарската комора на Македонија одбележува 30 години постоење. За тоа каква поддршка обезбеди Комората за лекарите за време на пандемијата, за зачестените напади врз лекарите и за потребните реформи во здравствениот систем разговараме со проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, претседател на Лекарска комора.

Одбележувате 30 годни од постоењето на Лекарка комора, што е досега направено и што уште треба да се направи?

– Лекарската комора на Македонија е формирана на 05 јуни 1992 година на иницијатива на неколку доктори од Македонското лекарско друштво. Процесот на нејзино формирање не одел лесно, но нашите колеги дале поддршка за основањето и успеале да создадат законска рамка за формирање и дејствување на Комората. Низ годините, Лекарската комора прерасна во почитувана, самостојна и независна професионална организација, етаблирана на домашен и меѓународен план, со свои јасни цели и јасна програма во рамки на промоција на правата на лекарите и унапредување на здравствениот систем. Повеќе од јасно е дека се неопходни реформи во сите сегменти на здравството и Комората на тоа поле ќе продолжи да соработува со институциите на системот каде ќе ги презентира потребите и барањата на докторите за да може да се оствари што пофункционално и поквалитетно здравство со задоволни лекари, кои работат во соодветни услови за работа и на своите пациенти им пружаат квалитетни здравствени услуги.

Во пандемијата предизвикана од ковид-19 лекарите го понесоа најголемиот товар. Каква поддршка обезбеди Лекарската комора?

– Пандемијата само ја потврди важноста на докторската професија, а нам ни покажа дека само заедно, сплотени, со интегриран пристап можеме да изнајдеме решение за проблемите со кои се соочуваме. Лекарската комора одговори на ниво на својата задачата и обезбеди помош и поддршка на докторите од сите нивоа на здравствениот систем со организирање на циклус од онлајн средби со стручни дискусии за различни медицински аспекти поврзани со препознавање и третман на ковид-19 и неговите компликации. Се обезбеди и донација од опрема за лична заштита, како и обука за нејзино користење. Паралелно со справувањето со пандемијата, Лекарската комора вложи напор без застој да ги реализира и редовните активности, како што е полагањето на стручниот испит, што беше особено важно за да може да се вклучат и младите доктори во лекување на пациентите. Комората го забрза и процесот на дигитализација со ставање во функција и на платформата за лекари, која овозможува, не само дигитализирање на регистарот на лекари, туку и дигитално адаптирање на процесот на континуирана медицинска едукација. Лекарската комора е особено горда на своите членови за начинот на кој се справија со пандемијата, го сторија најдоброто во условите во кои се работи. Во знак на благодарност за силната истрајност, упорност и несебична грижа за пациентите,  Комората на сите 9.000 доктори на медицина кои беа активно вклучени во здравствениот систем им додели благодарници за особен придонес во справувањето со пандемијата.

Проф. д-р Калина Гривчева- Старделова, претседател на Лекарска комора

Безбедноста на работното место е еден од проблемите со кои се соочуваат здравствените работници. Како да се спречат зачестените напади?

– Лекарската комора во неколку наврати најостро реагираше и ги осуди случаите на насилство над докторите. Беа иницирани повеќе средби и дебати со цел да се застане на патот на насилството во здравството и се апелираше до надлежните органи и институции да ги преземат сите мерки кои им се на располагање и најостро да ги казнат предизвикувачите на инцидентите. Комората спроведе анкета за насилство врз лекарите помеѓу членството во која одговорија 1.061 испитаник, од кои 77,9 отсто одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век. Висок процент од 76 отсто одговориле дека доживеале некој вид на насилство во последниве 12 месеци. Бројките се загрижувачки, поради што Комората апелира за поскоро донесување и ставање во сила на измените на Кривичниот законик кои се во собраниска процедура, а со кои нападот врз здравствен работник на работно место ќе се смета за напад врз службено лице и по службена должност ќе се води кривична постапка против сторителот. Сметаме дека соодветни казни за сторителите ќе бидат обесхрабрување за нови случаи на напади. Истакнуваме дека најчесто проблемите со кои се соочуваат пациентите не се поврзани со лекарот како давател на здравствена услуга, туку со системски проблеми и недостатоци. Исто така мора да се има на ум дека со насилство ништо нема да се реши, туку напротив уште повеќе се отежнуваат околностите во кои се остварува здравствената заштита.

Лекарите од примарната здравствена заштита имаа протест и испорачаа барања, на што Министерството за здравство одговори со најава на реформи. Каква реорганизација му треба на овој сегмент од здравствениот систем?

– Приоритет во дејствувањето на Комората се и реформите во примарната здравствена заштита, која е еден од основните столбови на здравствениот систем. Лекарската комора во повеќе наврати влијаеше врз казнената политика на Фондот за здравствено осигурување и во континуитет реагираше за случувањата и ситуациите кога требаше да се направат некакви интервенции од надлежните институции. Сепак, она што е потребно се трајни решенија, односно реформи со кои ќе се обезбеди пациентите поголем дел од здравствени услуги да може да ги добиваат во примарното здравство, со што ќе се растоварат од непотребни прегледи на другите нивоа на здравствена заштита каде лекарите ќе може да се посветат на решавање на навистина посложените случаи. Реформите во примарното здравство започнаа кон крајот на 2018 година, но динамиката на дискусија и активности беше стопирана поради пандемијата. Сега имаме некое придвижување на процесот, формирани се работни групи чиј фокус е ставен на изнаоѓање на начин за дополнување на променливиот дел од капитацијата што би требало позитивно да влијае на висината на приходите на лекарите, како и на промени на режимот на препишување на лекови на начин што нема да биде пречка за обезбедување на навремена терапија. Трудот на поголем дел од матичните лекари не е доволно валоризиран, ќе настојуваме тоа да се исправи.

Во изминатиот период бевте вклучени во активностите за координација на згрижувањето на пациентите со ковид-19, како координатор за Интерните клиники. Кажете ни што треба да научиме од оваа пандемија и како да се справуваме со пост ковид состојбите?

– Вирусот ковид-19 по многу нешта покажа дека е уникатен и непредвидлив, а во таа насока се и компликациите кои може да се јават и подоцна по инфекцијата или пак некои симптоми да останат и неколку месеци по завршување на болеста, нешто што се нарекува пост ковид или долг ковид. Овие продолжени симптоми често се преклопуваат едни со други, варираат и се менуваат со текот на времето во форма на рецидиви, а може да се манифестираат на сите органи и системи во телото. Во некои држави веќе се воспоставија пост ковид амбуланти каде лекари специјалисти од различни области ги третираат овие случаи согласно видот и тежината на симптомите. Оваа пракса би дала добри резултати и во наши услови. Пандемијата не потсети дека здравствениот систем е еден од столбовите на општеството и во него не треба да се импровизира, туку во него треба да се инвестира.

Еден од проблемите со кои се соочува здравствениот систем кај нас е недостигот на лекари. Како да ги мотивираме младите доктори да останат во нашата земја?

– Недостигот на лекари и здравствени работници е феномен со кој се соочуваат многу земји, не само оние во развој како нашата, туку и поразвиените. Во услови на пандемија, поради напливот на пациенти, овој проблем стана и поизразен. Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите кои сега работат особено во некои сегменти на здравствениот систем. За да ги мотивираме младите лекари да останат во нашата земја важно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието кои ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но процесот се уште не е завршен. Реформите во примарното здравство, доколку се донесат, исто така очекуваме да имаат позитивен импакт по ова прашање. Младите лекари се мотивирани и амбициозни да постигнат повеќе поради што од големо значење за нив е и постоењето на можност за стручно усовршување во текот на работата.

Во јавноста беше проблематизирано тоа што сте директор на Клиниката за гастроентерохепатологија и претседател на Лекарската комора, за што ДКСК отвори предмет. Каква е разврската во врска со овој случај?

– За жал, по ова прашање се изнесуваа бројни шпекулации, особено во однос на одлуката на ДКСК. Точно е дека неколку лекари оваа ситуација гласно ја проблематизираат во медиумите и поднесоа иницијатива во ДКСК, иако во сите претходни раководни постави Комората имала претседател, заменик-претседател или членови на извршен одбор кои биле истовремено и директори на здравствени установи. Надзорот врз работењето на здравствените установи и одговорните лица го врши Министерството за здравство, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Државниот завод за ревизија. Дополнително, стручниот надзор кој го врши Комората се реализира преку посебни комисии, во чие формирање и работа не е вклучен Претседателот на ЛК. ДКСК минатата година ја заврши постапката и донесе одлука да го затвори предметот, затоа што нема основ на понатамошна постапка, бидејќи моето работење не е спротивно на законските регулативи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот