
„Интерарт“ ќе го изведе социјално ангажираниот проект „Простор за разговор“ во Гевгелија
Културниот центар „Интерарт“, во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, ја продолжува националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ – „Dancing (Talking)Table“. Следниот настан ќе се одржи на 9 мај, со почеток во 20 часот, во партнерство и соработка со Домот на култура „Македонија“ во Гевгелија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во рамки на настанот ќе се изведе претставата „Простор за разговор“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски и сценско обликување и светло на Матеа Мијановиќ.
Во претставата настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“.
По претставата ќе биде прикажан и филмот, кој е специјално подготвен на таа тематика, а пред публиката ќе се обратат директорката на Домот за култура и магистер по уметност Мирјана Крстева Масети, Петар Јанчев, член на Интерсекторска група за родова еднаквост во Општина Гевгелија, и Рисима Рисимкин, уметнички автор на проектот. Тие ќе зборуваат на темата за родова еднаквост и семејно насилство.
Националната турнеја на овој активистички проект се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Националната мрежа против семејно насилство и локални партнери од десетте градови во Македонија, кои се занимаваат со темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.
Проектот „Простор за разговор“ својата премиера ја имаше на 26 ноември 2022 година во „Мала станица“ во Скопје. За таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата преку современа танцова претстава и филм на истата тема. Во текот на мај турнејата ќе продолжи низ повеќе градови во земјава.