
Инспекторите излегоа на терен: Градењето не сопре во претходниот пеколен бран, ја научија ли газдите лекцијата?
Од скорешните искуства, кога исто така нашата земја беше зафатена со топлотен бран, може да кажам дека на терен забележавме повеќе градежници што во периодот од 11 до 17 часот извршуваа работи на отворено, вели Весна Томовска, директорка на Државниот инспекторат за труд.
Заклучно со среда, нашата земја е под влијание на топлотен бран рангиран како Портокалова фаза. По алармот од Министерството за здравство дека добило информација од Институтот за јавно здравје и од Управата за хидрометеоролошки работи за појава на топлотен бран во траење од три дена и тоа во периодот од 12.8.2024 до 14.8.2024 година (понеделник, вторник и среда), Владата соопшти дека ќе важат мерките за превенција: ослободување од работа на бремените жени и на возрасните над 60 години; реорганизирање на работните активности на градежните работници и на работниците што работат на отворено, така што нема да работат од 11 до 17 часот. Топлото време, пишува во соопштението од Владата, претставува дополнителен ризик по здравјето на изложените работници во одредени ризични производни и технолошки процеси, па ги потсетува работодавачите да ги почитување на законските прописи од оваа област. На градинките им се порачува да не ги изнесуваат децата надвор од 11 до 17 часот, а на единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомни лица.
Препорачано
Безбедна работа значи работодавачите да ги почитуваат мерките на Владата. Од Државниот инспекторат за труд велат дека штом се донесени мерките, во неделата, е направен план и организација на инспекторите за да следат што се случува на терен.
– Во насока на транспарентност, ние постојано објавуваме извештаи и секој на нашата службена страница утре ќе може да прочита што сме забележале денеска на терен. Од претходните искуства, кога исто така нашата земја беше зафатена со топлотен бран, може да кажам дека на терен забележавме повеќе градежници што во периодот од 11 до 17 часот извршуваа работи на отворено. Такви прекршоци има повеќе во однос на почитувањето на мерките од страна на производствените погони – изјави за „Слободен печат“ Весна Томовска, директорка на Државниот инспекторат за труд.
Фоторепортерите на „Слободен печат“ снимаа што се случува на терен кога беше најтопло. Обиколката што ја направија, не покажа градежни активности на отворено. Но, секако, последниот збор го има Трудовиот инспекторат.
Минатата портокалова фаза, со инспекцискиот надзор на 17 јули, заврши со 4 решенија за забрана за работа поради затекнати работници кои се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот и со 4 решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран.
Според објаснувањето на трудовите инспектори, решенијата со наредба укажуваат на тоа дека работодавачите треба да ги применат препораките на Владата, а тоа е да ги прекинат активностите што се одвиваат на отворен простор со директна изложеност на работниците на сонце, реорганизација на работното време, обезбедување на работниците со вода, обезбедување засолништа под сенка и обезбедување на работниците со лична заштитна опрема за заштита од изложеност на сонце. За работодавачите што не постапиле по издадените решенија со наредба, се издаваат решенија за забрана за работа. Писмениот документ за забрана за работа од 11 до 17 часот се издава на самото место, а ако работодавачот и следниот ден, иако е Портокалова фаза, повторно ги ангажира работниците да работат на отворено, може да заработи и парична казна. За жолта фаза нема казни. Но и кога е портокалова фаза тоа не значи дека целосно се забранува работата во градежништвото. Се забранува работата на отворено, но работниците може да работат внатре во објектот со почести паузи.
Според Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да обезбеди соодветни услови за работа, кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците. Според тој закон, мора да ги почитува и препораките на Владата за портокаловата фаза.
Едукација за прва помош на работно место
Според законската регулатива, неопходна е едукација на одредени работници за пружање прва помош.
Работник што има здравствени тешкотии поради изложеност на висока температура, веднаш треба да се тргне во „засолниште“ – климатизирана или разладена просторија, или доколку нема друга можност – под сенка. Потребно е работникот да се разлади со отстранување вишок облека, лесно полевање или прскање со вода на собна температура, разладување (ако има) со вентилатор, ставање влажни облоги на глава (чело, околу врат).