
Инспектори влегоа во тетовската болница, испитуваат како и зошто починало 7-годишното девојче
Здравствените инспектори од утринава вршат вонреден инспекциски надзор во тетовската болница – се проверува како течело лекувањето на седумгодишното девојче кое почина во неделата, еден ден откако било примено во тешка здравствена состојба.
Препорачано
Лекарите велат дека тие дале сè од себе да го спасат детето. Наспроти ова, семејството обвинува за небрежност кај персоналот. Во меѓувреме, две комисии – интерна од болницата и друга од Министерството за здравство, исто така испитуваат како и зошто се случило девојчето да почине.
„Веќе од утрово инспекторите на ДСЗИ вршат вонреден инспекциски надзор и тоа во Клиничката болница Тетово, а потоа и во матичната амбуланта каде што неделава било лекувано починатото девојче. Во текот на денешниот ден очекувам надзорот да биде завршен“, изјави доктор Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
Блиските на девојчето не дозволиле обдукција и го погребале. Од обвинителството велат дека исто така ги проверуваат и истражуваат сите аспекти на случајот.
„Основното јавно обвинителство Тетово уште во текот на вчерашниот ден издаде повеќе наредби и насоки за да се испита начинот на кој телото на починатото девојче било предадено, односно преземено од семејството. Дополнително, издадена е наредба за обезбедување на медицинска документација, а се вршат и распити на повеќе лица“, информираат од Јавното обвинителство.