pixabay

Инокс, тефлон, керамика, пластика…? Во што е најбезбедно да ја готвите и чувате храната во вашата кујна

Квалитетот на храната што ја консумираме секој ден зависи не само од храната што ја избираме, туку и од приборот во кој ја подготвуваме. Материјалите од кои се направени тенџерињата и тавите можат да имаат значително влијание врз здравјето, особено кога се изложени на високи температури. Меѓу сите достапни опции, стаклото се издвојува како најбезбеден и најздрав материјал.

Најбезбеден избор: Стакло

Огноотпорните стаклени садови не содржат штетни хемикалии или заштитни премази што би можеле да реагираат со храната за време на термичката обработка. Освен што се отпорни на високи температури и долготрајни, стаклените садови не го менуваат вкусот на храната ниту ослободуваат супстанции што би можеле да го оштетат нејзиниот квалитет. Дополнителна предност е едноставната достапност и прифатливата цена. Кога ќе се скршат, единствената причина за замена е дотраеноста или физичкото оштетување.

Иноксни садови – постои едно: Ама…

Нерѓосувачкиот челик, познат како инокс, е широко прифатен како сигурен избор за подготовка на храна. Отпорен е на високи температури, рамномерно ја спроведува топлината, а садовите со дебело дно дополнително го намалуваат ризикот од загорување. Меѓутоа, луѓето кои имаат проблеми со акумулација на железо во телото треба да бидат внимателни, оштетениот инокс може да ослободи железо, па затоа е важно редовно да се проверува состојбата на садовите. Исто така, по подготовката, храната не треба да се чува во иноксниот сад долго време, за да се избегне пренесување на тешки метали, подобро е да се премести во стаклен сад.

Керамика, порцелан и земјени садови – Не е како што изгледа

Старинските керамички или порцелански садови, кои често ги наследуваме од нашите баби, можат да бидат проблематични ако се оштетат. Кога заштитата ќе пукне, внатрешните слоеви на садот доаѓаат во директен контакт со храната, што може да доведе до контаминација. Иако керамиката добро издржува високи температури, напукнатите садови реба да се исфрлат од употреба.

Земјените садови, иако често се рекламираат како природни и здрави, всушност можат да содржат тешки метали и други штетни соединенија кои влијаат на нашето здравје.

И емајлираните садови имаат рок на траење

Емајлираните садови се популарен избор во многу домаќинства. Емајлот делува како заштитен слој што спречува храната да дојде во контакт со внатрешните метални делови од садот. Но, кога тој слој е оштетен, без разлика дали поради старост, удар или невнимателна употреба, железото е изложено, што не е безбедно за консумирање. За жал, многу луѓе сè уште користат емајлирани садови со големи оштетувања, несвесни дека таквата практика може да има долгорочни здравствени последици. Ако се појават црни точки или излупени делови, време е да се заменат.

Тефлон и слични премази – подобро е да се избегнат

Безбедноста на нелепливите премази како што е тефлонот е предмет на дебата со години. Дури и најмалите оштетувања, честопати невидливи со голо око, можат да доведат до ослободување на штетни хемикалии во храната. Иако тефлонските тави се практични, нивната безбедност зависи исклучиво од совршената состојба на премазот, и штом се појави гребнатинка, се препорачува тавата да се исфрли од употреба.

Пластика и силикон – не се сите подеднакво добри

Пластичните садови и силиконските калапи често се користат при подготовка и складирање на храна, но со нив доаѓаат и многу ризици. Пластиката, особено кога се загрева, ослободува хемикалии и микро- и нано-честички кои влегуваат во храната. Лицата со ослабен имунитет, децата и лицата кои страдаат од алергии се особено ранливи на вакви соединенија и треба да избегнуваат пластични садови за складирање или подготовка на храна.

Иако силиконските калапи се декларирани како безбедни за печење, треба да изберете производи со докажан квалитет. Кога станува збор за складирање храна, стаклените садови со пластични капаци се прифатлива алтернатива бидејќи храната не доаѓа во директен контакт со пластиката.

Пластика за еднократна употреба – еднаш и никогаш повеќе

Шишињата за вода, садовите за сладолед и амбалажата за еднократна употреба често се користат повторно, особено во големите домаќинства. Но, таквата пластика може да биде обложена со токсични премази. Изложеноста на сонце или топлина го забрзува ослободувањето на штетни соединенија во содржината на садот, а долгорочните здравствени последици можат да бидат сериозни.

Пластичните чаши за кафе, приборот за јадење, како и одредени „еко“ бамбусови предмети исто така можат да бидат проблематични. Во ваквите производи, меламинот се користи како врзивно средство, соединение кое станува токсично под одредени услови. И покрај привлечната декларација, ваквите производи не се секогаш безбедни за долготраен контакт со храната.

Храната се менува за време на готвењето, а покрај хранливите материи, може да апсорбира и штетни соединенија од садовите во кои се подготвува. Затоа е клучно да се изберат садови кои не испуштаат токсини, кои се отпорни на високи температури и се лесни за одржување.

Идеалната комбинација за здрава кујна вклучува стакло и висококвалитетен нерѓосувачки челик, додека пластиката, особено онаа за еднократна употреба, треба да се сведе на минимум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот