Уставни судии / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за хаосот со пасошите не помина на Уставен

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за хаосот кој настана со пасошите и личните документи на граѓаните, не помина пред Уставен суд. Уставните судии одлучија да не поведат постапка за иницијативата што беше поднесена уште во февруари со која партијата оспори член од Законот за патни исправи и бараше Судот да преиспита дали на граѓаните со тоа што со месеци не можеа да извадат пасоши и лични карти и не можеа да патуваат им се прекршени уставно загарантираните права на слободно движење и други слободи и права што му ги гарантира Уставот.

Сепак, како што предложи судијата известител, Јадранка Дабовиќ, а никој од уставните судии не се произнесе „против“, членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи не е во спротивност на Уставот.

Според судијката известител, за овој случај рокот што е даден за промена на документите до 12 февруари 2022 година е усогласен со уставните амандмани од Преспанскиот договор кој беше изгласан во 2019 година, меѓународен договор со којшто се смени уставното име во „Република Северна Македонија“, па мораше да се менуваат и личните документи.

Како што објасни Дабовиќ, судот единствено ја оценува уставноста на оспорениот член, но не е надлежен за несоодветната имплементација, а како аргументи ги истакна тоа што граѓаните имале рок од две години и седум месеци да ги заменат личните документи, имало ковид – криза, а за тоа дали биле информирани или не Уставен се прогласи за ненадлежен.

Според иницијативата што ја поднесе партијата, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци, во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните.

Се наведуваше дека истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Исто така подносителот тврди дека со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/ дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга, некои граѓани плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи.

Според наводите во иницијативата, заради оперативна и техничка неможност за издавање на стотици илјади патни исправи во предвидениот рок до 12 февруари 2024 година, дури и под услов сите лица да аплицираат до наведениот термин, управните служби на Министерството за внатрешни работи нема да бидат во можност да ги изработат сите овие документи во наведениот рок.

-Подносителот тврди дека стотици илјади граѓани нема да бидат во можност да ја напуштаат Републиката и да се вратат во неа по наведениот датум, а истото ќе има ефект врз нивната слобода на движење, како и врз стопанскиот промет во државата. Заради неверојатниот метеж при аплицирање и подигање на документите граѓаните се приморани дополнително да го бранат сопствениот морален интегритет од разните форми на понижувачко однесување на институциите, но и на граѓаните кои за да го остварат сопственото право, го нарушуваат правото на другите, пишуваше во иницијативата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот