Името на државата распнато меѓу реалноста и историската фантастика

Зоран Иванов. / Фото: Приватна архива

Сè до Преспанскиот, како единствен формално-правен документ, Македонија никогаш не беше во можност да одбие каков било материјализиран предлог. Не се појави акт за кој Грција дала виза. Ниту еден. Секое тврдење дека нештата се одвивале поинаку е само обична историска фантастика.

Поради одредени неточности на овие редови ме поттикна телевизиското интервју на претседателот на државата за Канал 5 телевизија. Практично, дебатниот едночасовен амбиент со непримерно наметлива полемика на водителот спрема соговорникот и претпоставките, повеќе импресиите, искажани од соговорниците, според кои македонската дипломатија низ годините, во спорот со Грција, испуштила многу шанси да извлече поповолен резултат од овој со Преспанскиот.
Сепак, мислам дека за ова сè уште премногу чувствително прашање е нужен поскромен, пореален, а со тоа и пообјективен пристап. Оттука, ова е само скромен (можеби и субјективен) обид за малку поголем исчекор кон реалното на темава.
Имено, факт е – впрочем, никој никогаш до сега тоа не го одрекол ниту пак материјално го аргументирал – дека во спорот со Грација за нашето име, земјава некогаш имала подобар и за нас поприфатлив предлог.
Тоа реално не се случило никогаш. Никогаш Македонија во спорот за името со Грција немала подобар предлог од ова сегашното, веќе уставно. Никогаш. Сите варијанти предложени од грчката страна секогаш биле „ерга омнес“. Секогаш.
Во ’92 во Лисабон, тогашниот Европски Совет, сегашната Европска Унија, дури и целото име ни го избриша, Македонија, па нешто подоцна во ООН, со помош на Американците, ни беше вратено барем она утешителното, уставно за по дома. За надвор пак, под влијание на моќната грчка дипломатија и на нејзините традиционални влијателни поддржувачи, бевме почестени не само со ФИРОМ, туку и со две обврзувачки резолуции, чија примарна цел беше Македонија да го адаптира своето државно име во дослух со и по волја на Грција. Значи ФИРОМ за колку, толку идентитетски да не заталкаме како ничија земја, туку да сме барем прибрана држава под закрила на генералната меѓународна асамблеја. Сè друго се само клевети, фалби, приказни и политички поени.
Нашите предлози за нашето име за надворешна употреба се влечкаа цели две и пол децении и не помина ниту еден. Повремено ќе излеташе некоја оптимистичка формулација од влијателни светски или грчки дипломати, но никогаш, ама баш никогаш, грчката дипломатија не покажала некаков сигнал на добродушност и разбирање за нас. Ниту пак нејзините меѓународни пријатели, вклучително и од ООН именуваните посредници Сајрус Венс и Метју Нимиц кои, освен во своите приватни тефтерчиња, ниту една од мноштвото свои идеи и предлози не ги ставија на ниту еден службен документ макар во некаква работна верзија, а камоли да го сторат тоа со потпис и печат од нивна страна, па уште на некаква конкретност да ја навлечат и грчката дипломатија.
Идентично и во Букурешт, на НАТО самитот во април 2008 година. И таму се отиде со предлог-флуид форсиран од наша страна, а премолчуван од грчка. Тоа што кај нас се пропагираше име само за надворешна, кај нашите јужен сосед се преведуваше како ерга омнес. Но, тоа ехо овде не звучеше убаво за домашните популистички политички уши.
Впрочем, сè до Преспанскиот, кој на темава е единствениот формално-правен документ, Македонија никогаш не беше во можност да одбие каков било материјализиран предлог. Ова од проста причина што ниту еден од мноштвото кои само вербално или само како некакви нонпејпери непотпишани од никого и незаверени никаде, се тркалаа во дипломатските кругови, во политичките и во јавноста, не беше службен документ. Не се појави акт за кој Грција дала виза. Ниту еден. Секое тврдење дека нештата се одвивале поинаку е само обична историска фантастика.
Да скратам, трите декади во борбата за името се неправда. Уникатна соседска и меѓународна неправда. Но, потсетија и соговорниците во спомнатото ТВ интервју, дека на нашиве инаетчии, а во контекст на спорот, поранешната американската државна секретарка Кондолиза Рајс им рекла дека ништо никогаш не е вечно.
Па, ете, бидејќи тоа е несоборлив факт, ајде и малку оптимизам во насока на некои идни поскорешни или подалечни случувања. Во некаква нова поствоено катаклизмична реорганизација на светот, на пример, по некоја евентуална трета е можно некоја нова и со поинакво име ООН. И во такви некакви нови меѓународни околности, можеби би ѕирнал зрак надеж името да ни го вратат.
Ова, секако, доколку би имало кому да го вратат.

Цивилмедиа

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот