Имануел Кант и духот на нашето време

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

21 век потврдува дека желбата за власт, моќта, корупцијата, империјалните соништа на државите се посилни од разумот, уште повеќе од моралниот закон, за кој Кант веруваше дека е впишан во човековото срце

Пред 300 години во Кенигсберг (Königsberg), во Источна Прусија, се роди еден од великаните во филозофијата, Имануел Кант (Immanuel Kant,1724-1804). Тој никогаш не го напушти родниот град, предаваше сиот живот на тамошниот универзитет и со неверојатна акрибија го артикулираше својот гигантски филозoфски систем. Имануел Кант е големиот просветител. Тој верува дека човекот е автономно суштество, способно да се раководи според својот разум. Секако, доколку има храброст за тоа.
Да учеше човештвото навистина од големите филозофи, особено од Кантовиот прочуен категорички императив, „постапувај само според таа максима, со која ти истовремено можеш да посакаш таа да стане општ закон“, тогаш денес, по три века, барем сите земји во Европа можеа да бидат обединети во ЕУ како еманципирани, слободни и солидарни држави, кои никогаш не му го прават тоа на соседот, што не сакаат тој да им го прави ним. Кант денес би го зачудил фактот што ниту во унијата на европските демократски држави не се надминати националните егоизми, кои и во времето на Кант беа причината за војните. Впрочем, за тоа како да се надминат војните и како да завладее вечен мир меѓу народите тој пишуваше во прочуениот спис „За вечниот мир“ („Zum ewigen Frieden“) од 1895-та. Услов за вечниот мир меѓу народите за Кант би било демократското републиканско уредување и космополитската светска политика. За него најголемата катастрофа е војната. Тој сигурно би се разочарал кога би дознал дека и денес, и по катастрофата во Аушвиц, војните се небаре „природната“ состојба на човештвото.
Кант пишува во списот „За вечниот мир“ дека за да има траен мир, државите не смеат да имаат армија, зашто кој има армија, еден ден ќе започне војна. Според него, разумот повикува на разоружување. Напротив, „модерниот разум“ не сака да се откаже од војните и од оружјето. Затоа што политичарите уште луѓето ги гледаат како средство за остварување на својата моќ, а не како самоцел. Ниту една држава не би смеела насилнички да се вмешува во уставот или во владата на друга држава, истакнува Кант во списот за вечниот мир. Каква лекција би им одржал тој денес на членките на ЕУ, особено на оние што лесно жонглираат со „ветото“ за своите национални цели?

Мирот треба да се создава

Мирот за Кант не е природната состојба на човештвото. Мирот треба да се создава. Тој беше уверен дека условот за тоа е граѓанското републиканско уредување. Дека тоа не е доволно ниту за трајниот мир, ниту за солидарни и мирољубиви односи меѓу државите, дури и кога тие се обединети во мирољубиви сојузи, сведочи духот на нашето време. Можеби Кант премногу идеалистички веруваше во силата на умот и разумот во човекот. Дваесет и првиот век потврдува дека желбата за власт, моќта, корупцијата, империјалните соништа на државите се посилни од разумот, а уште повеќе од моралниот закон, за кој Кант веруваше дека е впишан во човековото срце.
А како изгледа нашето време, споредено со етосот на просветителството како еманципаторски процес, за кој Кант говори во списот од 1874-та, „Одговор на прашањето: што е просветителството?“ („Beantwortung der Frage: was ist Aufklärung?“)? Првата реченица од овој спис гласи: „Просветителство е кога човекот ја напушта својата незрелост за која самиот e виновен“. Според Кант, незрелоста е неспособноста да се ползува својот разум без раководството од некој друг. Таа незрелост се должи на сопствената вина, кога причината за тоа не е недостигот од разум, туку недостигот од храброст да се ползува разумот без помош од некој друг.
Кант истакнува дека мрзливоста и плашливоста се причините за тоа голем број луѓе да останат во состојбата на незрелост. „Имај храброст да го ползуваш својот разум е, значи, слоганот на просветителството“, истакнува Кант. Притоа треба да се потсетиме дека германскиот збор „Aufklärung“ е поблиску до латинизмот „еманципација“, што значи, ослободување од зависноста од авторитети што на човекот не му дозволуваат да постапува според својот разум. Секако, Кант истакнува дека мрзливоста и плашливоста се причините за тоа голем број луѓе да останат во состојбата на незрелост. „Толку е комотно да се биде незрел. Ако имам книга што место мене има разум, еден душегрижник што место мене има совест, еден лекар што место мене одлучува за диетата итн., тогаш нема потреба самиот да се мачам. Не морам да мислам, кога можам само да платам“, ја опишува Кант состојбата на незрелост, а таа дефиниција е актуелна и ден-денес. Напротив, за вистинското просветителство е потребна слободата сопствениот разум да се изразува во јавната употреба, смета Кант. Тоа значи за него, онака како што еден научник го употребува својот разум пред публиката. Всушност, Кант под просветителство ја претпоставува критичка употреба на разумот, особено со оглед на научните, религиозните и социјалните авторитети. Тој верува дека автономната личност ја ползува слободата која му ја дава сопствениот разум, нештата да не ги прима „здраво-за-готово“, туку прво критички да ги преиспита. Кога се прашува дали тој и неговите современици живеат во просветеното време, одговорот е јасно негативен. Тие живеат во времето кое е процес на ослободување на разумот од сите зависности, зашто само критички мислечкиот човек е способен да ја преземе одговорноста за своите постапки.

Модерните луѓе и слободата

Меѓутоа, дали нашето време е конечно просветено, ослободено од фетиши и стереотипи или е уште во процес на еманципација? И дали тој процес не е нова зависност од нови авторитети и центри на моќ кои луѓето повторно ги прават мрзливи и комотни за авантурата на критичката примена на разумот? Во секој случај, Кант сигурно не ќе можеше да си замисли дека ќе има време во кое луѓето ќе имаат слободен пристап до сите информации, а сепак, порадо ќе им веруваат на авторитетите во „невидливите центри на моќ“, кои ја „препарираат“ за нив вистината и им нудат готов поглед на светот, токму затоа што за многу луѓе слободата да се мисли критички и да се преземе одговорноста за своето однесување е „тешка работа“. Полесно е да се поверува во пропагандните „наративи“ или во „теориите на заговор“, затоа што тие светот го прикажуваат во едноставна „црно-бела слика“ на пријатели и непријатели. Големиот просветител Кант веројатно би останал вџашен од фактот дека и модерните луѓе не сакаат да ја ползуваат слободата, иако ги имаат сите услови за образование. Научникот Кант, кој создаде теорија за постанокот на универзумот (Кант-Лапласовата теорија), ќе беше сигурно збунет пред моќта на виртуелниот свет на невидливата мрежа, која го обвива сиот свет, меѓутоа иако има можност да го понуди секому сето еманципирачко знаење на човештвото, порадо повторно го „заробува“ неговиот ум во „мисловните калапи“ на идеологијата и на пропагандата. Сознанието на нашето време е дека знаењето и науката, плодовите на разумот и умот, за жал, можат да бидат манипулирани и злоупотребени од моќни идеологии и тоталитарни режими. Човекот, очигледно, не е во состојба да разликува помеѓу доброто и злото само со силата на разумот. Затоа во рајот стои загадочно дрвото на разликувањето помеѓу доброто и злото. Сè би било возможно за разумот, доколку човекот не е подложен на искушенијата на желбите, на копнежите, на утопиите и на пропагандите.

Дојче Веле

(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот