
Им се расипа ли дигитронот? Сè уште не се знае кој е најрепрезентативниот синдикат во земјава!?
Досега се избројани само 34.400 апликации поднесени од ССМ, што е половина од нивното членство, а другите синдикати немаат поднесено документи. Последната седница на Економско-социјалниот совет се одржа на почетокот на февруари и нова не е на повидок.
Во земјава нема репрезентативен синдикат. Комисијата што Владата ја формираше, застана со броењето уште пред велигденските празници и не е мрдната оттогаш. Досега се избројани само 34.400 апликации поднесени од ССМ, што е половина од нивното членство, а останатите синдикати немаат поднесено документи. Последната седница на Економско-социјалниот совет се одржа на почетокот на февруари и нова не е на повидок. Ова е трагично за земја што има десетина независни и еден главен борец за работничките права, кои располагаат со по повеќе десетици членови, што предизвикува сомнеж во добрите намери на Владата да добие соодветен партнер во ЕСС, велат синдикалците. По првомајскиот протест, ССМ води интензивна кампања за привлекување нови членови под мотото „Не им работи за џабе, приклучи се на Сојуз на синдикатите на Македонија! Само заедно можеме да се избориме за работничките права“.
Препорачано
– Комисијата запре со работа од нам непознати причини. Не е закажана нова седница на ЕСС, а ако не се прогласи најбројниот синдикат, тоа значи дека минималната плата до догодина ќе остане на 24.400 денари и ќе го чека новото законско усогласување во март 2026 година – вели за „Слободен печат“, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Пешевски смета дека изјавата на премиерот дека ако синдикатот си подаде рака со работодавачите, државата ќе обезбеди пари онолку колку што ќе се постигне договор со работодавачите, била незрела.
– Имајќи предвид дека најголем број од вработените се токму во јавниот сектор, многу ги плаши идејата за 500 евра минимална плата. Многу од вработените се под 500 и под 400 евра минимална плата, па со последното усогласување во март видовме дека се коригираа само минималните плати и повторно не се испочитува Колективниот договор за целиот јавен сектор, кој предвидува со порастот на трошоците за живот, платите да се коригираат за 12,6 проценти – изјави Пешевски во магазинот „Трилинг“.
Според него, не е само виновна Владата, секако дека се виновни и работодавачите, имајќи предвид дека во тој триаголник, работодавачи – работници – власт, секогаш ќе бидат надгласувани на ЕСС, кога станува збор за давање пари.
Од друга страна, сè повеќе се лиферува тезата дека работниците во земјава не размислуваат како да ја зголемат нивната продуктивност и сè се сведува само на барање повисоки плати. Марјан Ристески, заменик-министер за економија, неодамна рече дека секогаш покачувањето на платата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија.
– Но, тука ќе треба и зголемување на продуктивноста на трудот и зголемување на продуктивноста на административните услуги спрема граѓаните, бидејќи ние не треба да заборавиме дека сепак јавната администрација е сервис на граѓаните. Претходната Влада правејќи одредени ад-хок решенија и политиканство, има склучено неколку колективни договори спрема некои други закони во одредени институции, мислам во Министерството за финансии. Денес имаме ситуација кога на исти работни позиции во различни институции или министерства, вработените земаат различна плата со таквите штетни колективни договори што се направени без никаква претходна анализа, договор и дијалог, ниту со одобрување од Министерството за финансии, бидејќи за тоа не биле обезбедени претходно финансиски средства, што укажува на незаконитоста во донесувањето на тие колективни договори – рече тој.
Според Никица Мојсоска Блажески, извршна директорка на Македонија 2025, има прогрес во Македонија, но другите земји растат побрзо од нас.
– Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придонесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус – истакна Мојсоска Блажески.