
Илинденско послание на г.г. Стефан: Секој вистински богољубец и човекољубец треба да биде миротворец, треба да биде пример во доброто
Секое поколение има свој предизвик и своја борба! Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница, порача архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан во Илинденското послание. Во обраќањето во име и на Светиот архиерејски Синод, свештенослужителите, монасите и верниците се потсетува дека од подвигот и сведоштвото на пророкот Илија, до денешен ден, минаа многу векови.
Препорачано
„Отпадништво од верата сѐ уште има, а во многу делови на светот присутни се судири и војни. Нашата Македонија, пак, продолжува да биде пред постојани искушенија, оспорувања и лажни ветувања. И понатаму, за жал, светот го раководат лагата, користољубието и желбата да се завладее туѓото врз принципот на посилниот. Затоа, во ова и вакво време, секој вистински богољубец и човекољубец треба да биде миротворец, треба да биде пример во доброто! Без такви личности постои опасност светот да постане место без надеж и иднина! Затоа верата, подвигот и љубовта на пророкот Илија, но и на сите светии и угодници Божји, треба да бидат пример за следба!“, се нагласува во Посланието.
Архиепископот Стефан додава дека великиот пирински војвода Јане Сандански рекол: „Да живееш, значи да се бориш: робот – за слобода, а слободниот – за совршенство“.
„Овие негови зборови ја разоткриваат смислата на постоењето! Тие сведочат за потребата човекот како личност, но и секој народ, да се бори за својата слобода! Па оној којшто нема слобода не може да се пројави во времето на овој свет, а и не може да принесе плод од своето постоење – и пред историјата и пред Творецот. Затоа славните илинденци ја започнале својата борба, иако биле свесни за неповолната историска реалност, како и за присутното неединство и честите предавства. Копнежот по слободата ги храбрел да се кренат против силната Османлиска империја, но и да покажат дека постојат и дека за народот кому тие му припаѓаат треба да има место под сонцето. И со тој подвиг покажале дека Македонците и Македонија не се умртвени ниту по многувековното ропство, и дека се желни за слобода. Тој нивни обид, кога требаше, на следните поколенија им овозможи да ја продолжат борбата на илинденците и, конечно, да дојдат до слобода!“ наведува архиепискотопот г.г Стефан.
Според него, не случајно славните илинденци својата борба за слобода ја започнале на денот посветен на светиот пророк Илија.
„Тој и тогаш, а и сега, е сведоштво дека без духовната е неможна и националната слобода. Првиот Илинден, од 1903-тата, бил само зачеток, бил семе за вториот Илинден, од 1941-та година, по кој, на дел од Македонија, ние Македонците се здобивме со своја држава. На третиот, пак, Илинден, од 1991-та година, сонцето над Македонија повторно изгреа и таа повторно се појави на светската историска сцена. Македонија стана независна и суверена држава, а Македонците отворено го прифатија предизвикот да го одбранат своето и да му засведочат на целиот свет дека се мудар, достоинствен, човекољубив и богољубив народ! Секое поколение има свој предизвик и своја борба! Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница! А за тоа е потребно да застанеме против: неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта помеѓу нас! Конечно, да разбереме дека само со чесност и со слога, на национален и на духовен план, можеме да очекуваме напредок и добробит за сите. Светиот пророк Илија во својата духовна борба против непријателите на вистината немал војска, немал институции, немал земни богатства, но го имал најважното – Го имал Бога и Неговата помош! Слично нему, и многу векови подоцна, апостолот Павле, кога во видение бил повикан да дојде во Македонија и да помогне, зад себе немал империја, немал организирана институција, но Го имал Господа Христа, Кого Го проповедал!“, потенцира г.г. Стефан.
Тој порачува искрено да се молиме и мудро да ја чуваме придобивката од трите Илиндена.
„Бог, Кој ги водел и пророкот Илија, и апостолот Павле и свети Климент Охридски и сите Негови светии, секогаш да ја закрилува нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, и да ја благословува нашата Татковина – Македонија, но и сиот овој свет, а сите да нѐ чува од злото и да нѐ воведува во секое спасително и радосно дело! Амин!“ нагласи поглаварот на МПЦ-ОА .