
Илиевски потврди, Македонија без Димитријевиќ: Очекував да биде тука, но летото ќе го искористи за одмор
Марјан Илиевски, новиот предводник на машката сениорска репрезентација на Македонија го истакна планот на подготовките, односно она што следува до 2. август за кога е предвиден и почетокот на втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година во Катар.
Препорачано
„Во интерес на она што го затекнавме, моравме да го одложиме стартот на подготовките за неколку дена. Дел од играчите најавија отсуство, дел поради приватни причини, а дел добија дозвола да се приклучат подоцна.
Повикани се 27 кошаркари од кои денеска требаше да се појават 11, но денеска ни откажа Лејсон Зеќири поради повреда што ја доживеа летово“, појасни селекторот на првиот собир во СРЦ „Кале“.
Новиот предводник призна и дека очекувал Димитијевиќ да биде со репрезентацијата, меѓутоа неговата одлука била одмори од клупската сезона.
„На 17 јули заминуваме за Гевгелија, таму ги чекаме да се приклучат Адем Мекиќ и Теодор Симиќ, а на 22 или 23.јули треба да пристигне Андреј Јакимовски. На списокот има и неколку младински репрезентативци и од нивниот ангажман зависи кога ќе се приклучат тие.
Очекував да дојде Ненад Димитријевиќ, но за жал тој нема да биде во комбинација бидејќи летото го користи за свој одмор и дава приоритет за клупската иднина. Ние бевме расположени да му овозможиме да дојде подоцна, но последната информација е дека тој нема да игра во овие претквалификации. Жалам што некои кошаркари, а и нивните клубови пристапија со став дека ова се претквалификации за Светско првенство и тоа не е многу важно, а би биле тука за претквалификации за Европско првенство. Добра вест е тоа што од странските кошаркари ќе го имаме Џејкоб Вајли бидејќи сметавме дека треба да ја покриеме центарската позиција“, изјави Илиевски пред новинарите присутни на првиот тренинг на сениорите.