Министерството за внатрешни работи/ Фото: МИА

Илиевски обвини дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушкување, Митева демантира

На почетокот на мај оваа година МВР потпишало Договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушкување и шпионажа на телефонските уреди, тврдат од  СДСМ со став дека повторно се воспоставуваат режимските практики на контрола преку заплашување и прислушкување на новинари, активисти и неистомисленици на власта.

Софтверот “Селебрајт инсајтс про” како и “НовиСпај” се алатки развиени за потребите на српската Безбедносно информативна агенција. Проблематично е тоа што во светските медиуми и официјални соопштенија на Гугл, за овој софтвер се наведува дека бил користен за следење на новинари и активисти. “Амнести интернешнл” во својот извештај објави целосно истражување и форензички резултати за овие случувања. Сега МВР набавува годишна лиценца за софтвер Селебрајт инсајтс онлајн про, годишна лиценца за Recon ITR, Recon Lab, Exterro FTK Enforcement Bundle за 9 милони денари, посочи на прес конференција Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.

Илиевски прашува зошто МВР го избрал најсомнителниот софтвер, познат по низа скандали и незаконско следење и дали ќе се прислушкува повторно „на големо“ и без соодветни одобренија од правосудните органи?

Ќе има ли кој да контролира и како би се контролирало недозволено следење, снимање, упад во комуникациите на граѓаните? МВР должи одговори на јавноста, рече Илиевски.

Владината портпаролка Марија Митева денеска во целост ги демантираше овие обвинувањата на СДСМ, посочувајќи дека станува збор за ноторна лага.

 СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ, истакна Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот