
Илчо Гоцевски, возачот на Итната помош што почина од тага и премор, ќе биде постхумно одликуван
Македонија е во црно и денеска со голема болка и жалост ги испраќа загинатите во нивните вечни почивалишта. Шеесеттата жртва на оваа трагедија индиректно е возачот на итната помош Илчо Гоцевски, кој почина еден ден подоцна, од срцев удар. Според неофицијални информации работел 32 часа, превезувајќи 11 пати од Кочани до Скопје повредени од пожарот. Министерот за здравство Арбен Таравари не одговори на нашето прашање, зошто брзата помош во Кочани била неекипирана и се дозволило еден човек да работи толку многу часови, но го повтори она кое за сите е јасно – дека чинот на Гоцевски е херојски. Тој за неговото несебично дело, ќе биде постхумно одликуван. Запрашан дали се точни шпекулациите дека и втор возач на итната помош Кочани минатата вечер доживеал срцев удар и во каква состојба е, тој немаше таква информација.
Препорачано
– Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам – изјави Таравари.
Таравари информираше дека тројца од пациентите кои се лекуваа во земјава по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ вчера се испратени на домашно лекување, а утре се планира да се испишат уште тројца.
Министерот кажа дека сите пациенти кои се лекуваат во Македонија и во странските центри се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат.
– Од вкупно 20 коишто беа критични, денеска констатиравме дека 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност – кажа Таравари.
Во земјава се лекуваат 72 пациента, а во странство 101.
– Вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не. Се надевам од следната недела ќе ве известуваме за поголем број на пациенти испратени на домашно лекување, како и за враќање на некои од пациентите од странство – дополни министерот.