
ИЈЗ: Над 1.600 акутно заболени во декември – едно лице починато од СИДА
Во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ), во декември пристигнале вкупно 1.623 пријави од лица со акутни заразни заболувања, што претставува зголемување од 93 отсто во споредба со ноември, а потврден е и еден смртен случај од СИДА.
Препорачано
Најголем процент од заболувањата се овчите сипаници, за кои во декември се добиени 1.025 пријави, што претставува околу 85 отсто од вкупниот број на случаи.
Исто така, евидентирани се и четири случаи на голема кашлица и два на заразни заушки. Првиот случај на заразни заушки е на возраст од осум години од Ресен, невакциниран. Вториот случај е дете на возраст од десет години од Гевгелија, комплетно вакцинирано. Во двата случаи дијагнозата е клинички потврдена.
Цревни заболувања имале 381 лице, а регистрирани се и 22 заболени од сексуално и крвно преносливи болести(без ХИВ/СИДА) – седум случаи на сифилис, шест случаи на вирусен хепатит Б, пет на вирусен хепатит Ц и четири на инфекција со хламидија, пренесуваат од ИЈЗ.
Според извештајот, регистриран е еден смртен случај од СИДА, маж на возраст меѓу 20 и 29 години, кој бил пријавен како заболен во ноември. Од ИЈЗ информираат дека во декември се пријавени два потврдени случаи на лица заболени од ХИВ. Заболените се мажи кои припаѓаат на возрасната група од 40-49 години.
Во последниот месец од 2024 година се евидентирени шест случаи на Ковид-19.