
ИЈЗ ги сподели мерењата на радијација на воздухот – нема надминување на пропишаните вредности
Институот за јавно здравје соопшти дека во периодот од 7 до 14 септември 2025 година, нивниот автоматски систем за мерење на радијација во воздухот работел непрекинато и не покажал отстапки, односно зголемени вредности на станицата во Скопје.
Препорачано
Скопската мерна страница покажала просечни вредности од 51 нано сиверт на час, при што најниската и највисоката вредност се движи од 51 до 69 нано сиверти на час. Денеска, на 14 септември во 11.30 часот, измерени се 50 нано сиверти на час.
„За споредба, сите овие бројки се во рамки на природниот радијациски фон, односно нормалното природно зрачење кое секогаш е присутно во нашата околина. Нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или на ризик за здравјето на граѓаните. ИЈЗ известува дека во моментот нема одстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење тоест радијација во воздухот“, се наведува во соопштението на институцијата.
ИЈЗ испрати вонредни обучени екипи по насока на инспекторатот за животна средина, Министерство за Здравство и кризниот штаб, кои ќе земат примероци од почва и вода од непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко хемиска анализа, а воедно ќе земат примероци од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење исто така во непсредна близина на засегнатите подрачја.
По анализата и обработката на примероците, од ИЈЗ велат дека ќе ги споделат резултатите со јавноста.