
ИЈЗ доби опомена пред тужба да ги доплати фактурите за јубилејот од 47.000 евра
Во Институтот за јавно здравје вчера стигнала опомена пред тужба од фирмата добитничка на тендерот вреден 47 илјади евра за да го организира одбележувањето на 100-годишниот јубилеј на оваа институција. Фирмата, според информации на „Слободен печат“, бара да ѝ се доплати износот што ИЈЗ го должи, а кој изнесува околу половина милион денари. Прославата за јубилејот „100 години Институт за јавно здравје“ се одржа во април во хотелот „Хилтон“ и траеше два часа. Присутни беа околу 500 гости од кои најголемиот дел здравствени професионалци и соработници.
Препорачано
Како што веќе објави „Слободен печат“, за да го организира дочекот на гостите и одбележувањето на своето стогодишно постоење, Институтот распишал тендер и потрошил 2 милиони 855 илјади и 600 денари со вклучен ДДВ. Од нив нешто помалку од 500 илјади денари останале неплатени иако Институтот ја презел финансиската обврска за услугите што ги нарачал и добил.
За потсетување, тие услуги се бројни, а сумата потрошена за дочекот е повисока од проектираната сума за да се реновира и комплетно да се адаптира едно приемно одделение во Институтот. Нашите информации се дека проектираната цена за да се адаптира едно одделение, како на пример приемното, кое во Институтот функционира во подрум, е 2 милиони денари.
Договорот за јавната набавка за организација на овој стогодишен јубилеј открива дека 2 милиони 855 илјади и 600 денари со вклучен ДДВ, односно близу 47 илјади евра отишле на различни ставки. Така, ИЈЗ од приватна фирма нарачал и добил „хотелско сместување во хотел со минимум 4 ѕвездички на база полн пансион“ за 2.758 денари по лице.
Во тендерската спецификација е исклучиво наведено дека хотелот мора да биде со 4 ѕвездички. Изнајмувањето на конференциската сала во хотелот со 460 учесници даночните обврзници ги чинело 47.398 денари. Двочасовниот коктел чинел 381 денар по лице, а се „испиле“ безмалку 200.000 денари. Во договорот пишува дека се ангажираат музички уметници од Македонија за 12.473 денари за двата часа, хостеси за пречек и организација на гостите, професионален водител на програмата, озвучување на конференциската сала и озвучување на коктел-просторијата.
Во долгиот список на услуги купени за 100-годишниот јубилеј има и поставување на бина за 37.425 денари, лед екран кој чинел 1.497 денари по метар квадратен, а позадината за фотографирање (Backdrop) со димензии 6 метри на 3 метри чинела 17.964 денари.
Професионалниот фотограф добил околу 100 евра за услугите, поставувањето на кабина за превод била 2.474 денари, поставувањето и оперирањето со приемник за превод речиси 200 илјади денари, симултаните преведувачи од македонски на англиски и обратно добиле потценети 3.742 денари што е под цената којашто преведувачите во земјава ја наплаќаат за такви услуги.
ИЈЗ побарале и добиле изработка на лого за 100-годишнината и го платиле со буџетски пари на тендер 14.970 денари, а изработена била и специјална монографија со три изданија на македонски, албански и англиски јазик. Поканите за настанот, според договорот биле лакирани и во специјализирани коверти, а поканетите добиле пенкала, конференциски кеси, беџ со безопасна. Во тендерот има и неверојатна ставка за „авторски текст за покана“ и „авторски текст за флаер“.
Институтот нарачал и купил изработка на план за социјални мрежи и креирање на содржини за социјални мрежи со месечен календар и 17 објави на Фејсбук, барале да им се достави и месечен извештај за тоа колкав досег (reach) имаат објавите, како и пи-ар пакет што се состоел од соопштение за медиумите пред настанот, покана до медиумите за присуство на настанот, соопштение до порталите, говор за водителот на настанот, како и сиже на разговор за гостување во емиисија. Овие две ставки чинат 27.722 денари за планот за социјални мрежи и 25 илјади денари за пи-ар пакетот.
Плаќани биле и позадинско лого, ТВ-банер, осветлување на конференциската сала, брендирање на пулт за промотивен материјал, снимател и видео запис, изјави за документарец и опрема, како и повторно едитирање на документарецот по повод 100 години ИЈЗ, кој беше презентиран пред присутните.
Освен овие 47 илјади евра потрошени на јубилејот за 100-годишнината на Институтот за јавно здравје, „Слободен печат“ дојде до документи, односно решенија, коишто покажуваат дека ИЈЗ на некои свои вработени им делел и награди за „особен придонес за реализација на свечената прослава по повод 100 години јубилеј на Институтот“ од по 15 илјади денари.
Во друго решение пак, кое го поседуваме, а е од 23 мај 2024 година, пишува дека поради успешност во работата и домаќинско работење на ЈЗУ Институт за јавно здравје, како и стимулирање на вработените и работно ангажираните работници кои не ги исполнуваат условите за добивање јубилејна награда, согласно одржаната седница на стручниот колегиум од 14 мај 2024 година се утврдува исплата на еднократен додаток на плата во висина од 6 илјади денари, а решението стапува на сила веднаш.
Има уште едно решение за исплата на стотици евра за „ангажирање на вработените за извршување на вонпрограмски задачи од оддел за здравствена промоција и следење на болести на подолг период со цел да се опфати цела Македонија“. Вкупно 12 лица се наградени според ова решение со по 500 или по 400 евра, а меѓу нив е и секретарката во Институтот. На тендерот се потрошени 550 илјади денари за 10 луѓе кои биле инспициенти, што според речникот на македонски значи „лице што ги води и контролира сите работи зад сцената за успешна изведба на претставата“.